Сцена 1: Во катедралата во Загреб, позната знаменитост на градот, е поставен банер, висок 50 метри, на кој на хрватски и на хебрејски јазик пишува „Ден на сеќавањето на жртвите на холокаустот”.
На големата државна церемонија одржана на 24 јануари, надбискупот на Загреб, кардиналот, Јосип Бозаниќ, го откри банерот по повод Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, денот кога на 27 јануари 1945 година, советската Црвена армија, влезе во логорот на смртта, Аушвиц. Католичката црква сама плати за изработката на овој банер.
Оддавајќи им почит на еврејските жртви од Втората светска војна, Бозаниќ прочита псалм на хебрејски и рече дека секој мора да се сети на „големото страдање на хрватската еврејска заедница”, истакнувајќи дека во Загреб од 11.000 Евреи останале 2.000.
Говорејќи за убиството на шест милиони Евреи за време на холокаустот во Европа, тој истакна дека „треба да обрнеме посебно внимание”, на фактот дека дел од холокаустот се случил и во Хрватска. Освен нацистичките логори, истакна тој, треба да се „истакне и вистината за ужасите на Јасеновац” – најголемиот концентрационен логор во Втората светска војна во Хрватска, во кој беа убиени Евреи.
Медиумите и некои припадници на хрватската еврејска заедница, го оценија овој настан како „единствен”, а зборови на пофалба испратија и политичарите и центарот Симон Визентал, истакната еврејска организација за човекови права.
Сцена 2: Средовечен човек, чие име е Роман Лељак, ја претстави својата книга и филм наречен „Митот за Јасеновац”, во манастирот Свети Антун Падовански во Шибеник.
На промотивниот настан на 9 февруари, Лељак објасни дека тој сака да ја каже „конечната вистина” за логорот, за кој истакна дека не бил толку суров, како што го опишуваат.
Тој, исто така, посочи дека НДХ, која го водела логорот, „им дала на Евреите шанса да преживеат”.
За време на неговата презентација, свештеник извика емотивно: „Вие сте божествена промисла! Каде наоѓате инспирација за таква храброст, за сѐ што правите? “
Лажни „факти” и двојни стандарди
Ако, во некој случај, сте присуствувале на овие два настани, а при тоа не ја знаете заднината, би се прашале што се случувало за време на холокаустот во Хрватска и што за тоа денес мисли хрватската католичка црква.
Може да помислите дека хрватската католичка црква храбро ги деконструирала митовите, дека ја барала вистината и оти сочувствувала со еврејските страдања, додека жалела за шесте милиони Евреи, убиени во далечните нацистички логори.
А можете да помислите и дека нацистичка Германија го отворила концентрациониот логор во Јасеновац и да бидете уверени дека НДХ „им дала на Евреите шанса да преживеат”.
Ова би била убава приказна пред спиење, кога не би била директна лага. Јасеновац не го формираше нацистичка Германија, туку домашното фашистичко усташко движење, кое својата марионетска држава ја моделираше по примерот на Германија, прогонувајќи ги Србите, Евреите и Ромите, на етничка и на верска основа.
Во реалноста, НДХ не им дала на Евреите шанса да преживеат – затоа се убиени повеќе од 30.000 од 40.000 Евреи кои живееле на нејзината територија. Во Јасеновац, усташите убиле 13.116 Евреи, 47.627 Срби, 16.173 Роми и 6.229 жртви од други националности, чии имиња ни се познати.
Во светот на историските истражувања ова се факти, а не она што Лељак, самопрогласен истражувач, поранешен осуденик и локален политичар, тврди дека се.
Иако хрватската црква за прв пат го одбележа сеќавањето на жртвите од холокаустот, за што доби многу пофалби, тоа беше направено, речиси како и секогаш, неискрено.
Да тврдите дека го почитувате страдањето на Евреите за време на холокаустот на 24 Јануари, а на 9 февруари да ја претставите книгата во која се наведува дека таа истата НДХ „им дала шанса на Евреите да преживеат”, е ништо друго, освен лицемерие.
Уште поголемо лицемерие е тоа што една друга црква, овој пат во Загреб, на 17 јануари, дозволи промоција на книгата „Откриена лагата на Јасеновац”. На овој настан, авторите, Јосип Печариќ и свештеникот Стјепан Разум – кои тврдеа дека во Аушвиц немало гасни комори – изјавија оти Хрватите биле најбројни жртви во Јасеновац и дека официјалната бројка од 83. 145 жртви е лага.
Списокот со слични промоции и панели, кои ги газат историски утврдените факти за Јасеновац, а кои се одржуваат под покровителство на црквата, датира години наназад.
Заради ова, „единствениот” гест на надбискупот Бозаниќ, не е ништо друго освен трик за добивање на публицитет, ПР-потег со кој банерот подигнат во знак на сеќавање на холокаустот, го зазема речиси истиот простор како и рекламниот банер на една хрватска осигурителна компанија, кој беше поставен на катедралата во Загреб, неколку години предходно.
Црквата обезбеди канцеларија за ревизионистите
Тоа што црквата бесплатно дала простор за одбележување на сеќавањето на холокаустот, не го промени фактот дека таа, исто така, бесплатно ѝ дала канцеларија на непознатата невладина организација, Проект Велебит, уште една група на крајно десничарски ревизионисти на историјата. Канцеларијата се наоѓа на само неколку десетици метри од катедралата.
Во говорот на надбискупот Бозаниќ, не беа спомнати усташите и НДХ, кои учествуваа во „големото страдање на хрватската еврејска заедница” и кои го водеа најсмртоносниот логор кој не беше под директна германска контрола.
Некои можеби беа импресионирани од фактот што хрватски клерик ги спомна шестте милиони убиени Евреи, но ова е всушност типичен случај на универзализам на холокаустот.
Како највисок претставник на хрватската црква, Бозаниќ требаше да го спомене бројот на жртви кои усташите ги убија во Јасеновац или кои беа убиени на територијата што ја контролираше НДХ, а не да се крие зад енормната бројка од 6 милиони.
Ова е веќе позната тактика на националистите од Балтикот до Балканот – да се зборува само за вкупната бројка од шест милиони, како холокаустот да се случил некаде на друго место и како исклучиво да го спроведувала нацистичка Германија.
Покрај тоа, ако Бозаниќ навистина сакаше да го одбележи Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот на соодветен начин, тој требаше да спомене дека усташите убивале и Срби, и Роми.
Впрочем, кога Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 27 јануари за ден на сеќавањето, тоа потврди дека холокаустот вклучува и убиства „на безброј припадници на другите малцинства” – во случајот на Хрватска, Србите и Ромите.
Признавањето на страдањата на Евреите во Втората светска војна, не е ништо ново за хрватската десница (или за европската). Така, претседателот на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, падна на колена во меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим, но го избегна присуството на годишната комеморација во Јасеновац.
На црквата нема да ѝ помогне тоа што се крие зад бројката од шест милиони, нагласувајќи при тоа дека усташите биле притиснати од Германците да ги прогонуваат Евреите.
Избегнувањето да ги признае масовните убиства на Србите – што им оди на рака на српските националисти, кои се обидуваат да ги прикажат Хрватите како геноцидни – нема да ѝ помогне на хрватската црква во нејзината кампања за канонизација на надбискупот Алојзије Степинац. И покрај Евреите што Степинац ги спасил.
Инсистирајќи на споменувањето само на злосторствата извршени од страна на Србите над Хрватите, црквата не прави ништо за да го промени националистичкиот наратив во Хрватска.
Избегнувајќи дури и да се спомене дека меѓу жртвите имало и Роми – кои често ги игнорираат сите, и левицата, и десницата – црквата учествува во уште една историска неправда кон луѓето кои се на маргините на општеството.
Со тоа што, на соодветен начин, не им оддаде почит на жртвите на усташкиот режим, како на годишната комеморација во Јасеновац, туку и на други места, црквата само ги зајакна наводите дека е бастион на хрватскиот историски ревизионизам и усташка носталгија.
А 50-метарскиот банер, тоа не може да го сокрие.
Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.