Регион

Хрватски десничари против одбележување на годишнина од антифашистичко востание

Споменикот во Срб, подигнат во знак на сеќавање на антифашистичкото востание. Фото: БИРН

Српскиот народен совет (СНС) кој ги застапува интересите на српската заедница во Хрватска, денеска соопшти дека во пресрет на годишнината од антифашистичкото востание кренато во 1941 година, активисти на крајно десничарската Автохтона хрватска партија на правата (А-ХПП), поставиле камп-куќичка во селото Срб, како и симболи на фашистичкото усташко движење.

Саша Милошевиќ, генерален секретар на СНС, на прес-конференција изјави дека во ова учествуваат претседателот на А-ХСП, Дражен Келеминец, и уште неколку други луѓе.

„Секоја година, Келеминец организира демонстрации во пресрет на годишнината. Тој ја попречува нашата манифестација во Срб, ја запали и  насловната страница на ‘Новости’“, нагласи Милошевиќ.

„Ако и кога полицијата дејствува, тогаш таа ги толерира и ги минимизира неговите постапки“, рече тој.

За време на востанието во 1941 година, локалното, претежно српско население од Срб, се побуни против тогашниот режим, откако фашистичките усташки единици во овој регион, извршија бројни злосторства над Србите.

Утре, на прославата на 80-годишнината од настанот, СНС ќе одржи комеморација пред споменикот кој е поставен во знак на сеќавање на ова востание.

А-ХСП се спротивставува на комеморацијата бидејќи, како што велат, за време на востанието, антифашистите извршиле злосторства над локалното хрватско население.

Во последниве години, оваа крајно десничарска партија постојано протестира за време на одржувањето на комеморацијата, тврдејќи дека тоа е српски националистички четнички настан, што треба да се спречи.

А-ХСП објави видео на Јутјуб во кое најавува дека неговите активисти ќе бидат во селото од 22 јули до 1 август, за да се спротивстават на „величањето на четниците“.

Пратеникот и лидер на СНС, Милорад Пуповац, истакна дека „е време да се престане со заплашување на жителите на Срб и на сите оние кои утре доаѓаат на собирот во Срб“.

„Да можат овие луѓе без пречки и без страв да го направат она што секој може да го направи во цивилизираните земји“, нагласи тој.

Пуповац додаде дека проблемот со јавното прикажување на фашистичките усташки симболи, има длабоки корени во Хрватска.

„Конечно треба да можеме да кажеме што е тоа и каков статус тоа треба да има во земјава. Една од причините зошто се собираме во Срб е и тоа“, заклучи Пуповац.

До 90-тите години, 27 јули се славеше како Ден на востанието на хрватскиот народ, кога беше заменет со Денот на антифашистичката борба, кој се слави на 22 јули, датум кога е формирана една од првите антифашистички единици во Втората светска војна.