Министерството за надворешни работи на Хрватска, соопшти оти ќе испита дали хрватскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Иван дел Вечио, на 9 јануари присуствувал на прославата на контроверзниот Ден на РС, која се одржа во Бања Лука.
„На барање на претседателот на Владата на РХ, Андреј Пленковиќ, министерката Пејчиновиќ-Буриќ, денеска го повлече амбасадорот дел Вечио во Загреб, на консултации“, објави министерството на Твитер.
„Министерството не беше запознаено со одењето на амбасадорот Иван дел Вечио во Бања Лука на приемот по повод неуставно прогласениот Ден на Република Српска и детално ќе испита како дошло до тоа“, стои во објавата.
Дел Вечио призна дека бил во Бања Лука, но негораше оти присуствувал на парадата по повод Денот на РС, чие одбележување на 9 јануари, Уставниот суд на БиХ го прогласи ѕа неуставно. Овој настан во повеќе наврати предизвика заострување на меѓунационалните односи во БиХ.
„Можам само да кажам дека не сум бил на дефилето и на свечената академија“, изјави дел Вечио, за босанскиот информативен портал, klix.ba.
Хрватското министерство за надворешни работи, изрази револт, поради одликувањето на поранешниот офицер на Југословенската народна армија (ЈНА), Славко Лисица, кој во Хрватска е осуден за воени злосторства, кое му беше доделено како дел од одбележувањето на Денот на РС.
„Министерството остро го осудува одликувањето на поранешниот офицер С. Лисица, кој во Хрватска е правосилно осуден за воени злосторства“, се вели во соопштението на оваа институција.
Со вчерашната прослава, беа одбележани 27 години од постоењето на Република Српска, која беше формирана во 1992 година, настан кој многу Бошњаци го гледаат како предвесник на војната што избувна неколку месеци подоцна.
Денис Звиздиќ, претседател на Советот на министри на БиХ, изјави дека посетата на дел Вечио на Бања Лука, е шокантна.
„Со ова оневозможивте било каков наш понатамошен личен контакт и соработка“, соопшти Звиздиќ.
Да потсетиме, Уставниот суд на БиХ, во 2015 година, донесе одлука дека прославата на Денот на РС на 9 јануари е неуставен чин, бидејќи тој ден се одбележува и христијанскиот празник Свети Стефан, кој е слава на РС, што е дискриминаторски кон несрпското население во овој ентитет.