„За време на бомбардирањето, не ни беше пријатно во вагоните, но сите се чувствувавме некако среќни, затоа што знаевме дека уништувањето на една фабрика во Германија, значи дека сме еден ден поблизу до крајот на војната“, напишал во своите мемоари, хрватскиот Чех, Фрањо Жада, по Втората светска војна, во кои тој се навраќа на настаните од средината на 1944 година, кога сојузниците го бомбардираа Минхен.
Во тоа време, Жада, со други затвореници, бил држен во близина на Минхен, во вагон на воз со кој требале да бидат префрлени во нацистичкиот логор Дахау. Вагонот до нив го погодила граната и ги убила затворениците кои биле внатре.
Пред долгоочекуваниот крај на војната, Жада бил преместуван од еден во друг нацистички логор. Тој преживеал глад, жед, исцрпувачка работа, болести и масовни убиства. Моментот на ослободување се очекуваше „во агонија“, напишал тој.
Жада, кој живеел во Вировитица, бил уапсен затоа што бил член на антифашистичкото движење предводено од Јосип Броз Тито. Усташите го фатиле на Билогора, низок планински предел во централна Хрватска, и го депортирале во нацистички логор.
Своите прецизни и живописни сеќавања ги запишал во тетратка, а ги насловил како „Делница на животот од Дахау до Маутхаузен“. Денес, неговиот внук, Иван Жада, новинар на хрватската телевизија РТЛ, ја поседува таа тетратка, која со рака е испишана од корица до корица.
„Дедо ми имаше број 79998“, вели, Иван Жада, за БИРН. Како и другите затвореници, тој го добил овој број по пристигнувањето во Дахау. Како што нагласува Иван, тоа бил уште еден начин на кој нацистите ги дехуманизирале своите жртви.
„Многу е полесно да се убие бројка, отколку човек со име, националност, семејство“, вели тој.
Со цел неговиот дедо да не биде само бројка, Иван планира да објави книга со неговите мемоари од Втората светска војна, а потоа и да сними документарен филм.
„Сад со вода што ја нарекуваа супа“
Иван вредно го пречукал секој збор од тетратката на неговиот дедо, на која се сеќава уште од детството.
„Првпат ја прочитав кога имав околу 12 години. Тогаш целосно поинаку го доживеав тоа, отколку кога ја читав на некои постари години, особено сега на 44 години“, вели тој.
Како момче, тој го читал напишаното во тетратката „како роман“, обидувајќи се да ги замисли сите места што ги опишал неговиот дедо. А ги имало многу – од логорите на Независната Држава Хрватска, НДХ, кои го воделе усташите, до логорот Маутхаузен во Австрија, кој бил под нацистичка управа.
НДХ, нацистичка марионетска држава која постоеше од април 1941 до мај 1945 година, усвои расни закони против Србите, Евреите и Ромите и водеше систем на концентрациони логори, од кои најпознат беше Јасеновац, во кој животот го загубија над 83.000 луѓе.
Фрањо Жада бил во раните дваесетти години, кога во пролетта 1944 година бил уапсен. Извесно време поминал во усташкиот логор во Славонски Брод, а потоа и во Загреб, но поголемиот дел од заробеништвото го поминал во нацистичките логори, каде го воделе на присилна работа.
„Системот на логори во окупирана Европа, бил разработен до последниот детал“, нагласува Иван, истакнувајќи дека неговиот дедо му кажал оти добивал исти порции храна во сите логори: „20 г. путер, едно парче леб, сад со вода што ја нарекуваа супа“.
Иван раскажува дека на почетокот добивале и малку компири во супата, а потоа „тоа било кора од компир“, но, по некое време, сепак, „била супа“.
„Интересот беше да се одржат живи за да работат, но и да умрат, без да се троши гас и куршуми“, посочува тој.
Во најдолготрајниот нацистички логор, сместен во напуштена фабрика за муниција во близина на германскиот град Дахау, во чиј систем се наоѓале 30 големи подлогори, Жада се сретнал со својот училишен другар, Марк Вајс, кој бил Евреин.
„Во близина на соседниот блок, слушнав тропање од еден прозорец. Погледнав кон прозорецот и се изненадив кога го видов мојот пријател од училиштето, Марко Вајс, од Лукач, крај Вировитица. Ми даде знак низ прозорецот да им дадам вода“, напишал Жада.
Тој знаел дека според строгите правила во логорот, не смее да разговара со оние кои штотуку пристигнале, но тој го надминал својот страв и се шмугнал внатре со сад со вода.
И Жада и Вајс преживеале, иако биле со лошо здравје. Жада имал 40-тина години кога починал, во 1965 година.
Вајс му оддал почит на својот пријател со текст објавен на почетокот на 80-тите, во хрватскиот локален весник „Вировитички лист“, со наслов „Неплатен долг – ‘сад’ со вода“, во кој го опиша истиот настан кога, додавајќи им вода, Жада го спасил и него, и другите затвореници.
„Бевме неописливо среќни што се најдовме и си помагавме колку што можевме“, напиша Вајс во текстот.
Човечки скелети
Жада поминал извесно време во Алач, најголемиот подлогор во Дахау, но и во логорот Нојенгам, во северна Германија.
Најсеверната точка до која стигнал, бил логорот Ладелунд, подлогор на Нојенгам, во близина на границата со Данска, кој постоел во ноември и декември 1944 година. Таму, затворениците биле принудени да копаат противтенковски ровови.
Во логорот владеел голем студ, но стражарите не им дозволувале на затворениците да запалат оган, за да се загреат. „Имало шпорет на средина, дрва и слама, но не им било дозволено да запалат оган“, вели Иван.
На крајот на 1944 година, Жада бил префрлен во Заксенхаузен, еден од главните нацистички логори, на 34 километри северозападно од Берлин.
Последните месеци од војната, ги поминал во концентрациониот логор Маутхаузен, кој пред крајот на војната станал место за евакуација од логорот, во близина на фронтот.
Жада бил сведок од прва рака на масовното истребување на, претежно, унгарските Евреи, а неговата група затвореници била задолжена да ги товари мртвите тела во камиони.
Во последните месеци пред неговото ослободување, недостигот на храна и разни болести, довеле до масовна смрт на затвореници во Маутхаузен.
„Гладот и исцрпеноста и натаму земаа огромен данок. Слабите човечки скелети паѓаа како жито, кога во него ќе влезе жетвар“, напишал Жада.
„Повеќето лежеа во креветите во блокот, но често, од желба да ги видат ослободителите, тие излегуваа и паѓаа како прачки, не стануваа повеќе“, истакнал тој и додал: „Во таа агонија, чекавме на моментот на ослободување“.
Жада наведува дека во последните неколку дена во логорот имало околу 14.000 затвореници и дека околу 6.000 од нив не успеале да преживеат.
Кога американската војска влегла до Маутхаузен на 5 мај 1945 година, „не можев да зборувам од голема возбуда“, напишал Жада, кој првично мислел дека тоа е само сон.
По ослободувањето, патувајќи низ Австрија, Словачка и Унгарија, тој се вратил дома, за да ги види татко му, брат му, маќеата и својата девојка, идната баба на Иван Жада, при што ги забележал промените во неговиот роден град, за време на војната.
„Домовите ќе бидат обновени, најтешко им е на оние кои ги изгубија своите најблиски, а ги има многу. Никој нема да може да им ја надокнади нивната загуба“, напишал тој, на крајот од своите мемоари.
Неговиот внук, новинар, посочува дека е потребно да се зборува за тоа што се случило во Втората светска војна.
„Денес, како и во 30-тите години на минатиот век, радикалните групи добиваат сила … Повторно, некои луѓе се обидуваат да ја ревидираат историјата, да го прикажат злото како добро и обратно“, објаснува Иван.
„Евреите тогаш беа етикетирани како проблем, јас лично не гледам голема разлика помеѓу етикетирањето на Евреите тогаш и начинот на кој тие сега се етикетираат и протеруваат од заедниците, а ништо поинаков денес не е односот кон, да речеме, мигрантите од Северна Африка или Средниот Исток“, истакнува тој.
Слична порака на предупредување испратил и неговиот дедо, пред повеќе од половина век, во својата, со рака, испишана тетратка: „Со ова мое кратко излагање на моите сеќавања и искуства во концентрационите логори на Германија, сакам да предупредам … особено нашата младина, да се борат со сета сила, таквите или слични работи, повеќе да не се случуваат“, стои во мемоарите.