Регион

Хрватски улици сè уште носат имиња на фашисти од Втората светска војна

Денес во Хрватска има улици кои носат имиња на функционери на НДХ и на јавни личности кои ја поддржувале оваа држава

На 10 април 1941 година, Славко Кватерник, заменик водач на хрватското фашистичко усташко движење од Втората светска војна, преку Радио Загреб го прогласи формирањето на НДХ.

Оваа фашистичка марионетска држава, поддржана од нацистичка Германија и фашистичка Италија, постоеше од април 1941 до мај 1945 година. НДХ имаше донесено расни закони насочени против Србите, Евреите и Ромите, и водеше систем на концентрациони логори.

Сепак, иако НДХ е најголемата дамка во историјата на Хрватска, и денес постојат забележителни знаци на величење на усташкиот режим во јавниот простор, како што е именувањето на улици по усташки функционери или јавни личности, кои биле блиски до овој режим.

Хрватскиот историчар, Хрвоје Класиќ, е еден од учесниците во истражувањето за имињата на улиците, спроведено со поддршка на Светскиот еврејски конгрес. Тој дошол до сознание дека над 30 улици во хрватските градови и општини, носат или до неодамна носеле имиња на 25 личности, директно или индиректно поврзани со НДХ.

„Претежно се работи за некакви интелектуалци, писатели, свештеници, кои ја поддржувале Независната Држава Хрватска и усташкиот режим“, вели Класиќ за БИРН.

Тој посочува дека некои од нив можеби не се согласувале целосно со усташкото движење, но дека, сепак, улиците не треба да носат имиња на луѓе кои не го искажувале појасно својот став за режимот или кои го толерирале на некаков начин.

„Кукавичко“ величење на усташите

Табла на улицата која го носи името на Миле Будак, во Славонски Брод. Фото: Википедија/Андрија.

Класиќ објаснува дека повеќето улици се именувани по функционери и симпатизери на НДХ, во раните 90-ти години, откако Хрватска прогласи независност.

Бројни улици кои во Југославија носеа имиња на антифашисти и партизани, „почнаа да добиваат имиња на личности, кои почнаа да се нарекуваат и перципираат како хрватски патриоти“, објаснува тој. Класиќ додава дека имињата на улиците претежно се менувале во местата каде што на власт била националистичката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Во војната во 90-тите, заживеаја и разни усташки симболи, во обид на хрватските националисти да расчистат со југословенското минато. Така, на пример, на 10 април 1991 година, на 50-годишнината од прогласувањето на НДХ, беше формиран баталјон на паравоените Хрватски одбранбени сили (ХОС), именуван по славниот усташки командант, Рафаел Бобан.

Претседателот, Фрањо Туѓман, честопати ги обвинуваше ХОС и партијата на која тие првично ѝ служеа, Хрватската партија на правата, дека со нивните неофашистички симболи, ја искривуваат сликата за Хрватска. Сепак, и Туѓман понекогаш изразуваше симпатии кон НДХ, со цел да ја добие поддршката на десничарите и на хрватските емигранти.

Во последниве години, хрватската влада честопати беше обвинувана дека толерира историски ревизионизам, во врска со злосторствата од Втората светска војна, и дека ја игнорира рехабилитацијата на усташите. Бројни набљудувачи истакнуваат дека симболи и пароли на усташкото движење може да се забележат низ цела Хрватска и дека законите експлицитно не ја забрануваат нивната употреба.

Класиќ објаснува дека во 90-тите, не било официјално објавено оти улиците биле именувани по некого, затоа што таа личност била усташки функционер или висок член на Владата на НДХ, но дека намерата била сосема јасна – да се оживее почитувањето кон усташкото движење и тоа да се претстави како нешто „патриотско“.

Во септември минатата година, Драгана Јецков, член на Самостојната демократска српска партија (СДСП), во своето обраќање пред хрватскиот парламент, зборуваше за спорните имиња на улиците, посочувајќи дека улиците „не се така именувани поради заслуги на тие луѓе на други полиња … Не, тоа е сторено само заради рехабилитација на усташкиот режим“.

Следеше жестока дебата. Десничарските пратеници ја прашаа Јецков за улиците во Србија, именувани по личности кои извршиле воени злосторства над Хрватите во 90-тите години. Јецков одговори дека таа е член на хрватскиот парламент и дека за тоа треба да ги прашаат српските пратеници.

Јецков, исто така, истакна дека Бјеловар, град во централна Хрватска, има улица именувана по неговиот поранешен градоначалник, Јулије Маканец, висок член на усташкото движење, кој, во почетокот на 1942. година, бил назначен за висок функционер задолжен за „духовниот развој“ на усташката младина, a вo 1943  и за министер за образование на НДХ.

Постојат неколку слични примери и во Загреб. Така, постои улица именувана по Фрањо Невистиќ, секретар во кабинетот на министерот за правда на НДХ, кој на почетокот на 1945, бил назначен за главен уредник на неделниот усташки весник „Спремност“.  Во истата населба во Загреб, Чрномерец, има и улици именувани по Иван Оршаниќ и Бранко Клариќ. И двајцата биле усташки соработници.

БИРН испрати барање за коментар до 18 градови и општини во Хрватска, каде, според државниот катастар, сè уште има улици именувани по личности, поврзани со усташкиот режим. Одговор добивме само од неколку.

Околу десет улици – вклучувајќи ги и оние во Винковци, Славонски Брод, Плетерница и три во општината Пакоштане – се именувани по Миле Будак, еден од идеолозите на усташкото движење, кого денешната десница јавно го слави како писател.

Будак беше министер за образование и веронаука на НДХ, помеѓу 1941 и 1943 година, потоа нејзин амбасадор во Германија, а потоа и министер за надворешни работи. Но, властите во неговиот роден град, Свети Рок, во регионот на Лика, не гледаат проблем во тоа што улицата го носи неговото име.

„Во местото каде што е роден еден хрватски писател, не гледаме ништо спорно една улица да го носи неговото име“, изјави за БИРН, Иван Милетиќ, градоначалник на општина Ловинац, во која се наоѓа Свети Рок.

„Животот на секој човек се состои од подеми и падови, од добри и лоши одлуки и избори. Улицата не беше именувана по усташкиот функционер, Миле Будак, туку по хрватскиот писател, Миле Будак, роден во тоа место“, додава Милетиќ.

Тој посочува дека „книжевните дела на Будак се читаат и денес и оти никој не може да ја оспори нивната вредност“.

Но, Класиќ нагласува дека ваквиот аргумент не се однесува на одвојување на книжевното дело на Будак од неговата политичка кариера, туку само на „кукавичкиот“ начин на величање на усташите.

„Кога зборуваме за извесен, Миле Будак, за кој навистина нема консензус дека се работи за врвен писател, а знаеме дека тој бил предвоен водач на усташкото движење, дека бил министер во владата на Анте Павелиќ и копотписник на расните закони, мислам дека во таков случај навистина нема оправдување, дури ниту во најквалитетната книжевност“, вели Класиќ.

Тој прави паралела со контроверзната комеморација во Блајбург, со која се одбележува годишнината од убиството на хрватските нацистички колаборационистички трупи и цивили, на крајот на Втората светска војна.

„Да се ​​криеш зад комеморацијата на жртвите, според мое мислење, повторно е еден од изразите на кукавичлук, затоа што главно се работеше за одбележување на една творевина и еден пропаднат режим, а најмалку се работеше за одбележување на конкретни жртви“, посочува тој.

Што значи 10 април?

Насловната страница на весникот, „Хрватски народ“, од 10 април 1941 година, на која е објавено прогласувањето на НДХ. Фото: Википедија/непознат автор

Еден од називите на улиците со очигледна алузија на усташкото минато, е називот „10 април“, на улица во селото Слатински Дреновац, во Славонија.

Во октомври 2017 година, Уставниот суд на Хрватска донесе одлука дека именувањето на улицата, по датумот на прогласувањето на НДХ, е неуставно, оти „добро позната историска вистина“ е дека НДХ е нацистичка и фашистичка креација и дека модерна Хрватска во никој случај не е нејзин наследник.

Сепак, пратеничката Јецков, во говорот пред Собранието минатата година, спомна дека судската одлука не е спроведена. Весникот „Јутарњи лист“, исто така, минатиот септември, објави дека во Слатински Дреновац, таблите со името на улицата „10 април“ се тргнати, но дека улицата сè уште не е официјално преименувана.

БИРН побара одговор од локалните власти, но Мирко Малиш, градоначалник на Чачинци, во која се наоѓа Слатински Дреновац, не ни даде јасен одговор.

„Според пресудата на Уставниот суд … називот на улицата „10 април“, е недопуштен“, вели Малиш за БИРН, без да го прецизира новото име на улицата.

„Општина Чачинци постапи согласно одлуката на Уставниот суд. Покрај горенаведеното, логично е да биде вратен називот, кој беше пред да се донесе одлуката“, ни рече тој.

Сепак, на интернет страницата на државниот катастар, сè уште стои дека името на улицата е „10 април“.

Иако улицата го доби ова име во 1997, а Малиш стана градоначалник дури во 2005 година, тој и претходно го бранеше нејзиното преименување.

„Што воопшто значи 10 април? Зошто тој би асоцирал на датумот на основањето на НДХ?“, изјави тој за хрватските медиуми во 2013 година, додавајќи дека на тој ден, меѓу другите, е родена и познатата хрватска поетеса, Весна Парун.

Сепак, Уставниот суд заклучи дека спорното име може да се поврзе само со датумот на основањето на НДХ.

Судот посочи дека неговиот став, за именување на улиците и за употреба на усташките симболи, ја одразува неговата позиција дека НДХ е „негација на темечните вредности на уставниот поредок на Република Хрватска“.

Во својот говор пред Собранието, Јецков ги замоли пратениците „конечно да почнат да го почитуваат сопствениот уставен суд и да ги спроведуваат неговите одлуки“.

„Ги повикувам сите, да сториме сѐ што е потребно, нашата земја да престане да се срамоти на ваков начин“, нагласи таа.

Класиќ е на мислење дека е сè уште тешко да се промени ситуацијата на национално ниво, затоа што „немаме јасно наведени закони, што е забрането во Хрватска“.

„Јас не очекувам дека може нешто многу да се стори по прашањето за улиците, кога ние всушност (немаме) јасен став, дека личностите, кои на кој било начин – интелектуално, воено, политички – учествувале во тој режим,  всушност работеле на штета на хрватското општество и на сите хрватски граѓани“, заклучува тој.