Пешчаник, Сплит
„Дали сте за тоа, зад членот 72 од Уставот на Република Хрватска, да се додаде член 72 а, кој ќе гласи: ’Пратениците на националните малцинства одлучуваат за сите прашања што се во надлежност на Собранието на Хрватска, освен за доверба на Владата и за донесување на државниот буџет’“.
Вака гласи едно од прашањата – и тоа е она клучното – врз основа на кое овие денови, граѓанската иницијатива „Народот одлучува“, започнува со собирање на потписи и со организирање на референдум, со идеја, граѓаните, по пат на „демократско изјаснување“, да ја присилат власта да го „смени изборниот систем во Хрватска“.
Предвидени се уште неколку новини, меѓу останатите, смалување на бројот на пратеници на малцинствата во парламентот и овозможување да се гласа преку пошта или по електронски пат, што, како што експлицитно се наведува, „ќе овозможи да гласаат 800.000 Хрвати во дијаспората“.
Формацијата со патетично име „Народот одлучува“, која во јавните настапи најагилно е промовирана од страна на Сања Билач од Сплит, произлезе од фундаменталистичкото движење чија највпечатлива водечка личност е госпоѓа Жељка Маркиќ.
Движењето, веќе неколку години, со силна идеолошка, логистичка и материјална поддршка на владејачката црква, настојува да го дизајнира хрватското општество во католичко-шовинистички дух и, како општа обврска, да му наметне ригидни конзервативни стандарди.
Така, преку референдум, во Уставот на Република Хрватска веќе е воведена дискриминаторската ставка дека бракот е заедница која ја сочинуваат исклучиво мажот и жената.
Првиот глас за организирање на референдум, со кој би се исползувала „промена на изборниот систем“, се прошири минатата година во есен. Тоа беше гласот на радикалниот десничарски политичар Анто Ѓапиќ, кој објаснуваше дека со таков масовен плебисцит „конечно ќе се заврши процесот на формирање на хрватскиот народ во политичката нација“.
Тој самиот, рече Ѓапиќ, „ќе ја спречи секоја можност за дејствување на партиите на националните малцинства, како што е СДСС (Самостојната демократска српска партија)“.
Основната идеја на референдумската иницијатива е, значи, да се изврши и по уставен пат да се формализира сегрегацијата на претставниците на националните малцинства, особено оние кои ги претставуваат Србите, а парламентот да се подели на пратеници од прва и од втора категорија.
Така, на Србите и на другите, би им било дозволено да седат во хрватскиот парламент – секако во бројно поскромен состав од предходно – но, тие нема да имаат право да одлучуваат за најважните прашања. Оваа чест би била резервирана само за членовите на доминантната „политичка нација“, вклучувајќи ги и делегати на оние „800.000 Хрвати во дијаспората“.
Со други зборови: Ако веќе мора да се тука, Србите треба да се однесуваат како да ги нема.
Со истата мотивација, на пример, во последните неколку години, се врши постојан притисок на неделниот весник „Новости“, што го издава Српскиот национален совет. Перјаниците на фундаменталистичкото движење и на десната политичка сцена, упорно бараат на „Новости“ да им се укинат буџетските средства, сѐ додека тој уреднички е обликуван како „нормален неделник“, наместо да се занимава со фолклорни теми и прашања кои се однесуваат исклучиво на српската национална заедница.
Со други зборови: Ако веќе сакаат да имаат свое гласило, Србите се должни да го стават во гето, а непослушноста и тематското претрчување на бодликавата жица, ќе се казнува со суспензија на финансиите. Односно: Ако веќе мора да бидат тука, Србите треба да се однесуваат како да ги нема.
Некои новинари и политичари од либерална провениенција, иницијативата за референдум ја пропратија со критики. Меѓутоа, не се забележуваат знаци на масовно згрозување или револт, а камоли колективна осуда, ниту има сигнали дека процесот на „демократско одлучување“ со отворени шовинистичко-расистички претензии – со амбиција „малцинството“ и официјално да се дискриминира, да им се одземат правата кои ги уживаат етничките Хрвати – би можел да биде прогласени за незаконски. Вечно ладните аналитичари проценуваат дека шансите референдумот да се одржи и да заврши со „позитивен“ исход, се повеќе од можни.
Во врска со ова, се сетив на еден дамнешен настан. „Ферал Трибјун“ во август 1993 година, два месеци откако започна да излегува, објави факсимил на наредбата од усташката команда во Дубровник, од јуни 1941 година, потпишана од тогашниот нејзин командант, Иво Ројница.
Во времето кога „Ферал Трибјун“ потсети на тој документ, Ројница уживаше статус на угледен и одговорен граѓанин, и беше тазе поставен на должноста хрватски амбасадор во Буенос Аирес, со одлука на претседателот, Фрањо Туѓман.
Најзначајниот дел од горенаведената команда, имам намера тука да го цитирам. Значи:
„Им се забранува на сите Евреи и Срби движење по улиците, како и да ги држат своите дуќани отворени од 07.00 часот навечер, до 07.00 часот наутро.
Забрането е секое посредување кај усташката команда и кај другите усташки институции, врзано за горенаведената наредба.
Кој ќе ја прекрши горната наредба, ќе биде најстрого казнет според усташките прописи.
Оваа наредба стапува во сила веднаш и останува во сила сè до отповикувањето.
За дом спремни!“
Според цитираната наредба, како што можеме да видиме, Евреите и Србите, заедно со своите дуќани, биле обврзани, од седум часот навечер до седум часот наутро, да исчезнат од сите јавни површини во градот Дубровник, како и во сите други градови во поранешна Независна Држава Хрватска (НДХ). Не им било дозволено да ги уживаат правата резервирани за етничките Хрвати. Со други зборови: Ако веќе треба да се тука, тие треба да се однесуваат како да ги нема.
За волја на вистината, тоа беше во јуни 1941 година, кога историјата сѐ уште се вжештуваше, а само неколку месеци подоцна, она „ако веќе мора да се тука“ ја изгуби фактичката важност, затоа што не мора да се тука, бидејќи забраната за движење се преформулира во забрана за дишење, бидејќи ’ројниците’ станаа машинки, а Србите и Евреите, кои не успеаја да избегаат и да спасат глава, ги чекаше ликвидација на лице место или беа, според „усташките прописи“, депортирани во Јасеновац и во другите центри со иста намена.
Откако „Ферал Трибјун“ со објавата на факсимилот ја вознемири меѓународната јавност, Фрањо Туѓман, од тактички причини, го смени Иво Ројниќ, а овој преку медиумите се жалеше како „непријателите на хрватската држава“ од сплитскиот неделник „му наместиле игра“, му изрежирале „јавно оцрнување“ и „го приморале претседателот на таков чин“.
Губењето на функцијата во Аргентина, сепак, беше компензирано со почести дома: саканиот претседател на Ројниќ му додели државно одликување, додека челниците на католичката црква го славеа како жив светец.
Надбискупот, Фране Франиќ, на пример, за потписникот на расната уредба рече дека е „длабоко религиозен човек“ кој „ги заслужува највисоките хрватскиот одличја“, како да беше јуни 1941 година.
И ете, пролетаа речиси осумдесет години додека кажете Хајл!, а верувањето во „процесот на формирање на хрватскиот народ во политичка нација“ му оддолева на забот на времето и останува недопрено.
Не ми е намера, се разбира, во оваа белешка, иницијативата за референдум и раширената „општествена клима“ во денешна Хрватска да ги изедначувам со егзекутивната практика на нацистичка НДХ, туку да укажам на фактот дека тие се целосно исти.
Виктор Иванчиќ е колумнист во „Новости“ и „Пешчаник“ и е еден од основачите на неделникот „Ферал Трибјун“.
Овој текст изворно е објавен на веб-страницата рescanik.net.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.