Регион

Хрватското обвинителство за воени злосторства „стагнира”

Српска куќа, оштетена за време на војната во Хрватска. Фото: Википедија/Петар Милошевиќ

Хрватска, во 2018 година, не продолжи со гонењето на припадници на хрватските воени сили, осомничени за воени злосторства, се вели во денеска објавениот извештај на невладината организација, Куќа за човекови права (КЧП) Загреб.

„Хрватското судство се занимава со мал број на случаи на воени злосторства, во кои осомничени лица се припадници на хрватските воени и полициски единици”, се вели во извештајот под наслов „Човековите права во Хрватска: преглед на ситуацијата во 2018 година”.

„Исто така, продолжува трендот на дискриминаторски практики … Често, припадниците на српските единици и на ЈНА, се построго казнети за исти кривични дела, во однос на припадниците на хрватските единици”, се додава во извештајот.

Се нагласува оти злосторствата извршени од страна на хрватските сили во војната во 90-тите и оние на фашистичкиот усташки режими, извршени во Втората светска војна, се минимизираат.

„Справувањето со минатото во Хрватска, сѐ уште е оптоварено со релативизирање на злосторствата, извршени за време на 90-тите, од страна на припадниците на хрватските воени и полициски сили и со ревизионистички тенденции, врзано за усташките злосторства, од Втората светска војна”, се вели во извештајот.

Исто така, се предупредува дека процесот на идентификација на исчезнатите лица во војната, стагнира.

Во извештајот се наведуваат податоци од Министерството на хрватските бранители на Република Хрватска, според кои се решени 82 проценти од случаите на исчезнати лица во војната, која траеше од 1991 до 1995, но каде се останатите 1.491 лице и местата на кои се погребани дополнителните 412,  кои се идентификувани како мртви, сè уште е непознато.

Сепак, КЧП Загреб нагласува дека е забележан одреден напредок во официјалните назначувања на хрватските и српските претставници задолжени за прашањето на исчезнатите лица.

Во септември 2018 година, специјалниот советник на хрватската претседателка за исчезнати лица, Ивица Вркиќ, за прв пат се сретна со својот српски колега, Веран Матиќ, кој е задолжен за утврдување на судбината на Србите, кои сѐ уште се водат за исчезнати во војната во Хрватска.

Во извештајот се забележува дека во 2018 година, трендот на општествена поларизација меѓу конзервативните и либералните вредности, продолжил.

Се истакнува оти овој тренд бил подгреан со две референдумски иницијативи, од кои едната имала за цел намалување на бројот на пратеници од редовите на малцинствата во Парламентот и нивно исклучување од процесот на гласање на доверба на Владата и за државниот буџет.

Иницијативата за овој референдум не успеа, но КЧП Загреб нагласува дека, исто така, не се решени ниту проблемите со кои се соочува српското малцинство во Хрватска.

„Ниту едно малцинско прашање, врзано за српското малцинство во 2018 година, не е решено, ниту пак е забележана некаква промена, вклучувајќи ги и (прашањата како што се) регистрацијата на училишта за малцинствата, олеснувањето на враќањето на бегалците, процесирањето на воените злосторства извршени над српските цивили” се вели во извештајот.

Во него се додава дека во 2018 година, говорот на омраза, дискриминаторската реторика и историскиот ревизионизам, биле широко распространети.

Минатата година беа објавени и неколку книги кои ги минимизираат усташките злосторства и бројот на жртвите убиени во Јасеновац, најголемиот концентрационен логор во Втората светска војна. Ревизионистичките идеи беа промовирани и во мејнстрим медиумите.

Во извештајот, исто така, се потсетува и на нападот врз српските пратеници во хрватскиот Парламент, Милорад Пуповац и Борис Милошевиќ, во центарот на Загреб во 2018 година.