Анализи

Или полесна кошничка или полесен паричник

Граѓаните се соочени со изборот, или да платат повеќе, или да се откажат од одредени артикли

Ако лани во март биле потребни 1.115 денари за да се купат вкупно дваесет продукти во еден од скопските маркети, денес во истата продавница истите производи чинат 1.301 денар.

Тоа е поскапување од речиси 17 отсто.

Граѓаните се соочени со изборот, или да платат 186 денари повеќе, или да се откажат од два или три артикли.

Премиерот Димитар Ковачевски, драматично соопшти оти се соочуваме со најголемата економска криза што светот ја памети во поново време. Храната и енергенсите поскапуваат како резултат на воената агресија на Русија врз Украина, истакна тој.

„И тоа го чувствуваме денес и сега. Дисбалансот на цените на основните прехранбени продукти и енергенсите нѐ засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри политики и мерки ќе ја премостиме“, додаде премиерот, објавувајќи дваесетина мерки вредни 400 милиони евра за заштита на домашниот стандард.

Честа слика во маркетите | Фото: БИРН

Уште подраматични беа коментарите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на ексминистерот за финансии од нејзините редови, Трајко Славески. Тој процени дека државава за првпат по 1990-тите се соочува со двоцифрена инфлација.

Вознемирувачки тонови стигнуваа и однадвор со вонредните пресови на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој до килограм броеше колку грав, ориз, пченица и пченка има во државните резерви.

Деновиве, во некои од скопските супермаркети празни беа рафтовите во делот со овошје и зеленчук и кај брашното, а во други, пак, вработените постојано ги дополнуваа производите.

Потрошувачите веќе реагираат дека сега трошат повеќе пари за истите производи споредено со минатите месеци.

Граѓаните се соочени со изборот, или да платат повеќе, или да се откажат од неколку артикли

При обиколката на еден маркет ги споредивме актуелните цени на дваесет производи со нивните цени од промотивните летоци објавени пред една година на фејсбук-страницата на супермаркетот. Продуктите што ги проверувавме, не се само оние основните, на кои се однесуваа неодамнешните мерки за замрзнување на цените, туку претежно се прехранбени артикли што често се консумираат.

Од месото и месните производи ги споредувавме цените на пакувања копани и виршли, паштета, посебна пилешка салама и конзерва сардини. Половина килограм копани се поскапени од 124 на 138 денари, а цената на посебната пилешка салама е зголемена од 94 на 114 денари.

Конзервата со сардини е поскапа за девет денари.

Кај млечните производи ги споредувавме цените на павлаката, путерот и на киселото млеко. Путерот од 125 грама е поскапен од 86 на 97 денари, а малата павлака од 26 на 30 денари.

Речиси сите артикли се поскапи | БИРН

Киселото млеко е „доскиселeно“ за два денари.

Истото пакување брашно од еден килограм лани во март чинело 35 денари, а сега – 41.  Шпагетите се поскапи за три денари, а голем скок има кај житарките – едно пакување чинело 59 денари, а сега е 73.

Кесичка мајонез лани се продавала за 69 денари, а денес за дури 78 денари.

Триста грама пакување кекс во март 2021 можело да се купи за 99 денари, а сега за 108. Поскапела и чоколадата со лешник. Двесте грама од овој десертен производ чинел 119 наспроти 125 денари, колку што чини денеска.

Пакетчето чипс поскапело за два денари.

Само пирето не е поскапено од дваесетте продукти, чии цени ги споредувавме. И лани и сега чини 30 денари.

Поскапувањата се отсликуваат и во податоците што Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги објавува во рамките на нивната минимална синдикална кошничка.

Според ССМ, месечните трошоци за храна и за пијалаци на четиричлено семејство, во последнава година се зголемиле за 1.400 денари, од 14.000 на 15.400 денари, или за цели десет проценти.

Олеснителните мерки што премиерот Ковачевски ги најави вклучуваат намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) од пет на нула проценти за основните производи – леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца.

Исто така, со мерките се предвидува замрзнување на маржите на овие основни прехранбени производи за да се спречи таканареченото воено профитерство кај трговците.

За заштита на стандардот на граѓаните се предвидуваат и мерки што би го спречиле галопирачкиот раст на цените на енергенсите.