Анализи

Илузија за богатење: Како пирамидалните шеми ги регрутираат македонските граѓани

БИРН присуствуваше на состанок за привлекување нови вложувачи

Поранешен член на политичка партија од Скопје, пожарникар од Кавадарци и нивни пријател од Валандово, два часа убедуваа стотина граѓани вклучени на вебинар за апликацијата ДГПТ дека ќе испуштат животна шанса ако не инвестираат во неа.

Раскажуваа дека заработката е сериозна и за кратко време се враќаат неколкукратно повеќе средства од вложените, а профитот расте ако се убедат и други луѓе да влезат во истата шема.

„Еве, не мора повеќе, доволно е само вашето семејство. Јас така почнав, првиот тим ми беа сопругата и двете ќерки“, раскажуваше еден од нив, додека другиот пресметуваше како со влог од неколку стотини евра, месечно се заработуваат по 2.000 долари.

Вебинарот се одржа минатата среда на Гугл мит и се бараше место повеќе, бидејќи платформата за онлајн-состаноци не дозволуваше влез на повеќе од 100 лица истовремено.

Вебинар за промоција на активностите на ДГПТ | Фото:БИРН

Веќе во петокот беше јасно дека апликацијата ДГПТ престана со работа. Ја запре исплатата, исто како што пред три недели тоа го направи и Конти, слична апликација, која во изминатите шест месеци сериозно се рашири во земјава и остави илјадници граѓани без да им ги врати вложените пари. Иако двете апликации се промовираа истовремено, Конти го зеде приматот, па многумина имаа илузија дека ДГПТ е нешто поново. Сè додека и таа не престана со исплати.

Оние, пак, кои до минатата недела на своите профили и групи ја промовираа низ социјалните мрежи и ги истакнуваа предностите за инвестирање, веќе ги избришаа повеќето од објавите.

Исто како што исчезнаа и рекламите за неа и фотографиите од кафеани со насмеани лица, кои во рацете држат телефони на чии екрани се гледа логото на ДГПТ.

Меѓу главните пропагатори на оваа шема за заработка беше Алеко Шемко, доскорашно овластено лице на партијата Македонски концепт на Петар Богојевски.

Формално, тој не е извршен директор на партијата од крајот на мај, а извори од Македонски концепт велат дека немаат контакти со него веќе една година.

БИРН се обиде да стапи во контакт со Шемко, но тој не возврати со одговор.

Во образложението објавено на англиски јазик од ДГПТ, пак, од оние што вложиле се бара трпение и им се ветува дека ќе им ги исплатат вложените пари.

На вебинарот, на кој присуствуваа и новинари на БИРН, тројцата повозрасни мажи, лежерно убедуваа дека се работи за сериозен бизнис на компанија што работи на истражувања за вештачката интелигенција и соработува со некои од најпознатите светски корпорации – од Мета и Амазон, па сè до Нвидиа и Гугл.

Притоа вешто избегнуваа да одговорат на прашањата од присутните за тоа колку е сигурен бизнисот што го промовираат.

Одговор немаше и на забелешките на присутните на кои им беше сомнителна „кешбек“ акцијата, која се одвиваше во пресрет на вебинарот, а која многу потсетуваше на онаа што ја воведе Конти, непосредно пред да пропадне. Па, така предавачите требаше да објаснуваат дека овие пакети во кои треба прво да вложиш пари, а потоа апликацијата ти враќа најголем дел од средствата, се достапни само за одреден број луѓе, и уште кратко време.

Минималниот влог за оние што сакаат заработка беше 50 евра. Максималниот дури 6.000 евра.

Всушност, пропаста на ДГПТ непосредно по вебинарот покажа дека сомнежите на присутните беа оправдани.

„Ги прежалив парите што ги вложив, мислев дека ќе истера цел месец и ќе си ги вратам. Никој не сака да признае дека изгубил, ама изгубија сите што се подлажаа да инвестираат на крајот“, раскажува за БИРН, 39-годишен велешанец, кој не вложи во Конти, ама настрада од ДГПТ.

Слични апликации, иста шема

Конференцијата на Конти најавена дека се одржува во Лондон | Принтскрин: БИРН

Пошироката јавност, за Конти дозна на почетокот на месецов, непосредно пред да падне апликацијата, кога во неколку македонски градови речиси и да немало семејство што не инвестирало во неа. Барем така сведочат за БИРН луѓе од Кавадарци, Велес, Радовиш… кои со месеци ставале пари во неа.

Имале задача да кликнат на неколку видеа дневно и за тоа добивале пари. Целата трансакција се одвивала во криптовалути, кои можеле да ги повлечат и во менувачница да ги сменат во посакуваната валута.

И како и во секоја пирамидална шема, заработиле главно оние што се вклучиле на почетокот. Другите останаа покуси за вложените пари откако престанаа исплатите, а апликацијата беше избришана.

Конти за многумина изгледал уверливо, бидејќи оние што ја смислиле, вложиле сериозен напор за да ја изградат шемата и да ги намамат своите инвеститори. Прво регистрирале две фирми во Англија за да се прикажат како релевантни, а потоа пуштале пиар-соопштенија за својот енормен раст, кои се пренесувале без да бидат верифицирани.

Во Македонија, преку локални претставници, отворија две канцеларии, по една во Радовиш и во Кавадарци, спонзорираа футсал клуб, а споделуваа и видеа дека се рекламираат на дигиталните билборди на Ист гејт.

Кога по интернет веќе почнаа предупредувањата дека се работи за можна измама, објавија прес-конференција за која тврдеа дека е во Лондон, иако словенечките медиуми, анализирајќи ги деталите од хотелот, утврдија дека се одржала во Богота, Колумбија. Пребарувањата на интернет, пак, покажаа дека еден од говорниците на конференцијата е актер најмен да глуми задоволен вложувач, а лажно се претставуваат и „директорите“ што говорат на неа.

Пред публиката што ги следеше беа ставени ливчиња со имиња и компании од кои доаѓаат, па така можеше да се прочита дека наводно се присутни претставници на Нетфликс, Дизни, Би-би-си…

Две недели подоцна, многу слична конференција објави и ДГПТ. Истата висока млада жена со долга кафеава коса, која беше презентерка на пресот на Конти, кај ДГПТ се појавува потпишана како Сара Томсон, извршна директорка на компанијата. Заедно со другите „директори“, повеќето на лош англиски јазик ги претставуваа успесите на компанијата што работи на тренирање на вештачката интелигенција.

Истата жена во различни улоги на прес конференциите на Конти и ДГПТ | Принтскрин: БИРН

На интернет не може да се најдат информации за луѓето што се претставуваат како директори на компанијата, a која, според пиар-објавите и отворените регистри, била основана лани во Калифорнијa. Под превезот на приватноста се скриени и податоците за нејзините сајтови, кои апликацијата ги менувала во изминатата година. Последниот e регистриран пред помалку од два месеца.

Дека и оваа шема нашла плодно тло во Македонија, покажува прашалникот на БИРН за искуството со ваквите апликации, на кој одговорија стотина лица, од кои голем дел останале со празни џебови.

Вложив 500 долари, ми кажаа дека демек користи твоја меморија (од телефонот н.з.) и на дневно ниво требаше да земам по 22 долари, но наеднаш апликацијата почна да не префрла пари, а сега дури и бараат 100 долари за да се активира. Катастрофа апликација“, пишува во еден од одговорите на прашалникот.

„Најлошо беше што луѓето што порано влегле во шемата, организираа јавни презентации на кои се објаснуваше начинот на вложување (поточно – губење на своите пари), а некогаш имаше и лица што изгледаат пристојно и сериозно, па си велиш „штом тие вложиле, зошто не и јас“. Тоа е уште едно вовлекување подлабоко, бидејќи вклучуваш роднини, пријатели и познаници во „игранката“. Така, освен за себе, правиш финансиска штета и на луѓето што ја имаат твојата доверба. Тоа е едно од најболните чувства што ги имаш, откако ќе ти се јават да прашаат зошто на сметката не им стигнува заработеното, а и самиот веќе немаш приходи на својата сметка“, раскажува друг, кој се изгорел со слична апликација, пред две години.

Вложувањата продолжуваат

Рекламни материјали на ДГПТ на настан во Македонија | Фото: Телеграм-ДГПТ

Пропаста на Конти и ДГПТ не ги одврати граѓаните да вложуваат во сомнителни апликации што имаат различни имиња, ама работат по иста шема – се вложуваат пари и внесуваат нови членови за заработка, што се коси со секоја економска логика. Шемата е веќе позната – влогот е секогаш во криптовалути, за фирмите што се фалат со светски успех има само оскудни податоци, а сајтовите се регистрирани од фирми, чија дејност е да регистрираат сајтови.

На социјалните мрежи се појавуваат и Грок, Лумикс, Етернал… кои функционираат на сличен начин, а некои дури и се рекламираат на сметка на пропаста на претходните апликации, повикувајќи да се побрза со инвестицијата, бидејќи првите најмногу добиваат.

Од Управата за финансиско разузнавање ги следеле овие шеми, и тоа што за нив има сè повеќе реклами, па преку 11 точки ги советуваат граѓаните „да бидат внимателни со сопствените парични средства и навремено да препознаат фиктивни измамничко-инвестициски платформи, односно да не инвестираат во ваквите платформи и апликации“.

Оние веќе оштетените ги повикаа да пријават до надлежните органи.

Од полицијата, пак, за БИРН, велат дека пријави од граѓани нема од вложувачите во Конти и апликациите слични на неа.

Како што раскажува за БИРН еден 32-годишен кавадарчанец, никој не пријавува бидејќи повеќето се вовлечени во шемата од свои блиски луѓе.

Малку пред да пропадне Конти успеал да ги извади парите, но дел од нив ги вложил во ДГПТ и во Етернал. Во Конти шемата влегол уште во мај, кога веќе цело Кавадарци зборувало за тоа. Одлучил да „жртвува“ неколку стотици евра, ја вклучил сопругата, братучеди, блиски другари…

Вистинскиот адреналин дошол кога почнал да заработува. Буквално легнувал и се будел со Конти.

„Стравот беше ист секој ден – дека ќе ја снема. Знаеш дека нема да трае, ама си велиш – а што ако потрае?“, искрен е тој.

Тешко му оди да пресмета колку вкупно заработил досега, па споменува сума од околу 1.000-1.200 евра, но половината од нив чека да му ги вратат двајца другари. Им ги позајмил за да инвестираат во Конти, пред да пропадне апликацијата.

Вовлечени од најблиските

Реклама за ДГПТ на Фејсбук

Социјален инженеринг, така професорот од Економски факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Мијалче Санта ги нарекува ваквите пирамидални шеми, во кои се ветува неверојатна заработувачка, а старите инвеститори се исплаќаат од парите на новите.

Појаснува дека кои и да се креаторите, прво добро ја обмислуваат шемата и  потоа ја фрлаат мрежата. Оној што ќе се фати во неа, почнува да ја шири наоколу и да привлекува нови луѓе, а за да има успех, клучна е довербата.

И тоа, според него, е главниот елемент зошто ваквите апликации наоѓаат плодна почва во земја како Македонија, каде што луѓето имаат блиски меѓусебни релации.

„Се создава фама околу апликацијата и ви станува важно да сте дел од групата, да кажете дека сте во неа“, појаснува тој.

Потоа доаѓа адреналинот. Кога некој ќе влезе, мрежата работи сама од себе, процентите растат, заработката влече, па излезот станува сè потежок.

Санта смета дека институциите имаат ограничени ресурси, па единствен излез гледа во личната едукација на луѓето. Смета дека тоа е клучно, заедно со создавање систем, кој ќе ги лови потенцијалните измами и ќе известува за нив на каналите преку кои тие пробуваат да се прошират.

„За три години пак ќе се повтори. Тоа е доволно време за да се заборави ова што сега се случува“, прогнозира тој.