Истражувањa

Истражување на комунистичкото минато низ уметноста

Уметничката кампања „Дури и ѕидовите имаат уши“, што ќе биде реализирана во Албанија, има за цел да го нагласи широко распространетиот надзор на граѓаните, што комунистичкиот режим во оваа земја го користел како клучна метода за контрола и прогон, поради што многумина живееле во страв.

Фатјона Медини, Тирана

Кога Александар Мекси, првиот премиер на Албанија по падот на комунизмот, неодамна го видел досието што комунистичката тајна полиција, Сигурими, го водела за него, се изненадил како тој и неговата сопруга не завршиле во затвор.

Имено, во 1982 година, кога Мекси работел како реставратор во Институтот за културни споменици, Сигурими почнала да се интересира за него. Тој вели дека Сигурими добила информации дека тој го критикува режимот, но оти на тајната полиција ѝ требало повеќе докази за да го затворат.

„Сигурими, првите сведоштва против мене, ги собра во 1982 година. Оттогаш, па сѐ до 1992 година, моето семејство беше под надзор, дури и нашиот стан беше озвучен“, вели тој за БИРН.

Но, кога тој и неговата сопруга сфатиле дека Сигурими ги следи, тие почнале да ги избегнуваат сериозните разговори со пријателите, роднините, соседите и колегите и повеќе не спомнувале никакви политички прашања во нивниот дом. Тие веруваат дека ова ги спасило да не отидат во затвор.

Десет години, „Ѕидовите што имаат уши“ биле секојдневна реалност за семејството на Мекси. Денес, речиси три децении по падот на комунизмот, уметниците оваа стара поговорка ќе ја искористат за промовирање на слободата на говорот и за започнување на поширок дијалог за комунистичкото минато на земјата.

Премиерното прикажување на уметничкиот проект „Дури и ѕидовите имаат уши“ е планирано за 8 мај, од зајдисонце до изгрејсонце. Како содржина на уметничката инсталација, планирано е проектирање на цитати на лицата што го преживеале комунистичкиот прогон, кои ќе бидат прикажани на надворешни споменици и локалитети во седум градови низ цела Албанија. Луѓето на овие локации ќе можат да ги остават и своите писма што им ги напишале на оние што не преживеале.

Потоа следи презентација на книга со лични приказни на преживеаните и презентација на документарен филм во кој жртвите зборуваат за нивните искуства. Се планира овој документарен филм да биде прикажан и на меѓународните филмски фестивали.

Националната кампања ја води Управата за пристап до информациите на поранешната служба за државна безбедност на Албанија, со поддршка на Програмата за развој на ООН и на италијанската влада.

Оваа Управа е одговорна за следење на пристапот до досиејата на тајната полиција од комунистичко време, за луѓето и за нивните семејства, кои биле прогонувани од стариот систем, но, исто така, има надлежност да врши проверка дали политичките претставници и јавните функционери биле полициски соработници.

„Мисија за вистината“

Кристале Ивезај Рама и Алкета Џафа -Мрипа собираат сведоштва за проектот. Фото: Дури и ѕидовите имаат уши/Фејсбук

Уметничката кампања „Дури и ѕидовите имаат уши“ ја води Алкета Џафа-Мрипа, концептуален уметник родум од Косово.

Џафа -Мрипа во 2015 година доби меѓународно признание за нејзината уметничка инсталација „Мислам на тебе“, посветена на жртвите кои преживеале сексуално насилство за време на војната во Косово.

Сега, кога се занимава со прашањето на преживеаните жртви на комунизмот во Албанија, за БИРН вели дека се надева оти кампањата ќе придонесе за зголемување на јавната свест и на сознанието, за репресивното минато на Албанија, како на меѓународно, така и на локално ниво.

„Желбата да се визуелизира она што понекогаш не може со зборови да се опише, ја мотивира мојата работа – мисија за вистината, за загубените, заборавените … она што не можело да се види и да се слушне“, вели таа.

Инсталациите ќе ѝ овозможат на јавноста, на преживеаните и на нивните семејства „конечно да видат како нивните зборови ќе блеснат и ќе оживеат“, додава таа.

Со Џафа -Мрипа на интервјуирање на преживеаните, работи и Кристале Ивезај Рама, писателка од албанско потекло родена во САД. Приказните што преживеаните ги раскажуваат за овој проект, Рама ќе ги преточи во книга, која планира да ја објави.

Книгата започнува со приказната на нејзината прабаба, мајка на пет деца која живеела во зафрлено село во Албанија, која за време на комунистичкиот период била во затвор.

„Како правнука на прогонети членови на семејството, идејата навистина одекна во мене. Верувам дека читањето на зборовите на најблиските, кои ќе бидат осветлени, ќе предизвика мешани емоции и гордост кај луѓето“, вели Рама.

Тие две ќе соработуваат и на снимањето на документарниот филм за преживеаните, за кој планираат да соберат и да снимаат повеќе од 20 сведоштва низ цела земја.

Една од главните цели на кампањата и да се создаде визуелно сеќавање за комунизмот во Албанија на англиски јазик, со цел преживеаните да остварат контакт и со надворешниот свет, а не само во земјата.

„Има многу неверојатни книги, напишани од самите преживеани на албански јазик, но за неалбанците или генерациите кои живеат надвор од земјата, нивните приказни се неразбирливи поради јазичната бариера … нашата намера е прашањето да се интернационализира“, нагласува Рама.

„Психоза поради надзорот“

Споменик во Тирана подигнат во 2013 година во чест на комунистичките затвореници. Фото: ЕПА/Армандо Бабани

Писателот, Агрон Туфа, директор на Институтот за проучување на комунистичките злосторства, смета дека теророт што го ширеле комунистите во Албанија, бил толку силен, што ја искривил свеста на луѓето.

Под власта на поранешниот диктатор Енвер Хоџа во Албанија, која траеше повеќе од четири децении, од политички причини, во затворите се нашле околу 18.000 лица, а околу 6.000 биле егзекутирани.

Според Туфа, за да преживеат во услови на следење, луѓето престанале отворено да комуницираат, што оставило длабоки траги во нивната психа.

„За да се заштитат (себеси и другите), луѓето со никого отворено не разговарале. Дури и членовите на нивното семејство ги гледале со сомневање. Психозата дека се под надзор и се подложени на насилство, ја деформирала и атрофирала нивната свест“, вели тој за БИРН.

Избегнувањето на потенцијално инкриминирачките разговори, бил товар со кој една деценија семејството на Александер Мекси морало да живее. Тој јасно се сеќава на начините на кои тој и неговата сопруга ја избегнувале можноста луѓето да дојдат во нивната куќа и да кажат нешто што би можело да ги доведе во неволја.

„Секое попладне излегувавме на долга прошетка со нашиот син во количка, за да избегнеме секаква можност некој да нѐ посети во нашата куќа и да дојде до отворени меѓусебни дискусии“, вели тој.

Некои од нивните пријатели, дури и денес не веруваат дека тие тоа го правеле за да се заштитат од тајната полиција.

„Еднаш, во домот нѐ посети пријател со неговата свршеница и ние речиси и не разговаравме со нив, што посетата ја направи многу непријатна“, се сеќава Мекси.

„Дури и денес тој е лут на нас поради оваа епизода. Тој не можеше да поверува дека тоа го сторивме за да се спасиме и себеси, и него“.