Топка одамна не се протнала низ мрежата од кошот на игралиштето што деновиве го посетивме во населбата Серава, во скопски Чаир.
Теренот е затскриен меѓу тесни улички и новоизградените куќи и згради и, наместо за кошарка, служи како паркинг. Веднаш до него се распаѓа напуштена куќа. И на тоа место, како што ни рече локалниот жител Џемаил, некој сакал да подигне зграда.
„Ама изгледа не им успеа“, рече пензионерот што живее во близина на игралиштето.
Местово е една од ретките парцели во Чаир што го преживеа градежниот бум, имајќи предвид дека во општината без прекин се гради.
Покрај оние што се изградени и се градат според урбанистичкиот план, медиумите објавуваа, а градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, обвинуваше дека во Чаир нелегално се подигнуваат висококатници.

Игралиштето што тоа не е | Фото: БИРН
Дивоградбите летово доминираа во медиумите и темава беше една од клучните причини Чаир да ја добие можеби највозбудливата битка на претстојните локални избори меѓу поранешните сопартијци Изет Меџити и Бујар Османи. Тоа го потврдува и речиси симултаниот потег на двајцата да се пофалат со идеја за ангажман на интернационални архитекти за средување на урбаниот хаос.
Дополнително, во зависност од резултатите, изборите во Чаир може да влијаат и врз пошироката политичка сцена во државава.
А, целата слика во Серава, која е една од постарите скопски населби, е добар приказ за животот во овој дел од Скопје. За оваа населба нема често вести во медиумите, а кога има, обично се за пожари и за поплави. И тие често се предизвикани од дотраената инфраструктура, која не е проектирана за сега веќе пренаселениот Чаир.
Покрај дивоградбите, и на овие избори теми ќе бидат водоводната мрежа и канализацијата, тесните улици со дупки и посебно сообраќајниот метеж сосе недостигот од паркинг-места.
Од нулта толеранција за дивоградби до градежна анархија

Противкандидатите Меџити и Османи (горе) и актуелниот градоначалник, Ганиу (долу) | Фото: БИРН
Meџити, три мандати раководеше со општината, од 2005 до 2017 година, за во следните два да му ги препушти на најблискиот соработник Висар Ганиу.
Денес Османи вели дека 20 години во Чаир се работело без визија и план, меѓутоа сè до неодамна, како висок функционер од ДУИ, министер во неколку наврати и партиски портпарол придонесуваше Меџити и Ганиу да ги добиваат мандатите.
Пред четири години, во својата предизборна програма, кандидатот зад кој застанаа и Меџити и Османи, Висар Ганиу имаше одлучна порака околу дивоградбите.
„Општина Чаир најавува нулта толеранција за каква било активност надвор од урбанистичките планови“, напиша Ганиу во програмата, ветувајќи дека последни ќе бидат оние 12.000 дивоградби што Чаир ги наследил во 2005 година, по промената на општинските граници.
Општината, не само што не се држела до своите ветувања, туку, според обвинувањата на Арсовска, таа и учествува во незаконска легализација на објекти градени по законскиот рок. Обвинувања што Ганиу ги демантираше.
Анализата на БИРН покажа дека во границите на Чаир, околу 30 згради не се запишани во катастарот, земјиштето врз кое се изградени сè уште се води како државна сопственост и плус тие објекти не постоеле во 2011 година, крајниот рок за подигнување дивоградби што државата реши да го толерира.
„Сакам Чаир да биде модерен, со убави згради, но и да има ред. А, не вака како што е – насекаде се поставени“, рече сопственичка на бурекчилница во населбата Серава, со која разговаравме.
Таа е убедена дека знае што е причината за хаосот со паркинзите.
Новите висококатници, како што вели таа, имаат подземни паркинзи, меѓутоа луѓето што се вселуваат, не купуваат гаражно место зашто е скапо, се продаваат за 5.000 евра. И затоа паркираат на улица или на игралиште, како што е случајот со Серава.
За да се реши проблемот со паркинг-местата, Ганиу, на чаирчани во 2021 година им вети дури 3.000 нови, распоредени низ 12 катни и една подземна гаража. Паркиралишта требаше да се изградат заедно со компанијата „Мабетек“, како дел од поголема инвестиција.
Но, од веста за потпишување на договорот со косовската фирма од септември 2021, нема друга информација што се случува со најавените паркиралишта.
Последно на оваа тема е информацијата дека градоначалничката Арсовска, во февруари 2022 година била присутна на стартот на градењето на катната кај трговскиот Чаирчанка. Лани во ноември, пак, владата информираше дека одобрила 20 милиони евра за подземната гаража под плоштадот Скендербег, додека во моментот тече огласот за изведувач со проценета вредност на подземниот паркинг од 21,2 милиони евра.
Ветено – неисполнето

Комуналната инфраструктура ќе биде тема на изборите | Фото: БИРН
Чаир покрива мала територија од Скопје, а брои речиси 63 илјади жители – со што е најгусто населената општина во земјава. Некои од староседелците, со кои зборувавме, сметаат дека, иако општината веќе е пренаселена, интензивното населување продолжува.
Пренаселеноста влијае и врз сообраќајот.
Булеварот Цветан Димов, попознат како Јаја Паша, е тесното грло, каде што секојдневно во превозот заглавуваат, не само само чаирчани, туку и жителите на Бутел и оние од селата на Скопска Црна Гора.
Нема базени
Ганиу, пред изборите во 2021 година, ветуваше три базени, а, според известувањата на медиумите, само еден е почнат да се гради.
Со години наназад, кога и самиот Меџити беше градоначалник, се ветуваше проширување на оваа сообраќајница, додека на последните избори, неговиот близок соработник и сегашен градоначалник Висар Ганиу, на тоа место вети современ булевар.
„Цветан Димов ќе се прошири од двете страни на улицата со ширина од 35 метри, ќе има шест коловозни ленти и со зеленило меѓу нив, тротоари и велосипедски патеки од двете страни“, стоеше во предизборната програма на Ганиу и ДУИ, која партијата ја продаваше како еколошки освестена агенда во 2021 година.
Жителите на северниот дел на Скопје сведочат дека кај Јаја Паша сè уште се вози на четири ленти, од кои две обично служат за редовно непрописно паркирање, а велосипедите и електричните тротинети, наместо на посебни патеки, се протнуваат низ метежот од автомобили, комбиња и автобуси.
Меѓу лентите го нема ветеното зеленило, таму сè уште се поставени бетонските прегради за да не претрчуваат локалците.Додека од надвозникот над Цветан Димов, во близина на основното училиште „Лирија“, бевме сведоци како амбулатна кола, која тешко се пробиваше низ колоните од возила, за момент добивме впечаток дека тресењето на мостот е, всушност, предизвикано од земјотрес.
Овој надземен премин ретко кој го користи.
Булеварот Цветан Димов не е единствената сообраќајница што требаше да биде проширена и модернизирана.
Ганиу напразно ветуваше поврзување на Јаја Паша со Гази Баба и на Џон Кенеди со Пластичарската улица во близина на Топаана. Овие инфраструктурни проекти, доколку би се реализирале, сериозно би го намалиле притисокот на возила кон Бит-пазар.
Што остана од агендата на „зеленото“ ДУИ?

Сообраќајниот метеж на „Цветан Димов“ | Фото: БИРН
Минатите локални избори, партијата ДУИ, од која доаѓа кандидатот Османи и во која до пред две години беше Меџити, настапи со агенда во која доминираа еколошките проблеми.
Во тој стил беа и изборните билборди – зелени.
Дел од зелената агенда беа ветувањата за субвенционирање на зелените покриви врз зградите, соларни покриви за училиштата и обврска за гасификација на Чаир, за граѓаните да користат поевтино и почисто гориво за загревање.
За гасификација на Чаир, сè уште се чека државата да заврши со основната инфраструктура, додека одредена активност има во делот на фотоволтаици за училиштата и за зелените покриви. Во овој дел, последна информација е дека поставени се фотоволтаици на три основни училишта и на градинка.
Конечно градинка, ветувана уште од 2005 година
Во август годинава, конечно се стави во функција градинката „Бамби“, која им беше ветувана на граѓаните пред три мандати. Објектот е клон на градинката „Фидани“ и има капацитет за грижување на 350 деца
Шетајќи се по тесните улици полни со дупки, од училиштето „Лирија“ кон џамијата „Хаџи Јонуз“, па нагоре кон паркот на Гази Баба, вниманието ни го привлекоа електричните кабли. Додека се обидувавме да ги фотографираме, ни пристапи еден жител:
„А ова дали го видовте?“, рече тој покажувајќи кон едно дрво.
На тенка гранка се потпираше бандера што беше покриена со електрични кабли. Загрижен за безбедноста на луѓето што живеат во близина, ни објасни дека веќе долго време столбот е паднат и никој не го исправа, иако го имаат пријавено.
„Понекогаш поминуваат и високи камиони, се закачуваат на жиците. Малку треба и ова ќе падне“, рече тој.
Токму оваа улица, пред неколку дена, ја посети и Меџити, и на жителите им вети целосна реконструкција, со инвестиција од 3 милиони денари.
За овие проблеми, како и за ветувањата од претходните избори, БИРН неуспешно се обидуваше да се сретне со Ганиу или да добие одговори по имејл.
Покрај Меџити и Бујар Османи, кандидат за градоначалник на Чаир има и малата Работничка партија.
Оттаму не е тешко да се претпостави дека на изборите, фаворити се долгогодишните партиски другари – сега во спротивставени табори, чаирчани на горе-долу иста возраст и функционери, кои директно или посредно се одговорни за незавидната состојба на Чаир.