Резултатите од локалните избори не изненадија многумина. Сите претходни испитувања на јавното мислење покажуваа дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе однесе победа во повеќе општини, а дека СДСМ нема да направи успех, со што значително би ги подобриле резултатите од ланските парламентарни избори.
Сепак, за многумина, изненадување е четвртото место што го освои нивната кандидатка за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, и големиот пораз во Струмица, градот кој 20 години важеше за бастион на СДСМ.
Всушност, трендот на паѓање на гласовите на СДСМ продолжува. Левица, пак, чиј кандидат за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, ќе се бори со Орце Ѓорѓиевски од ВМРО- ДПМНЕ, ја зацврстува позицијата на политичката сцена.
ДУИ не доживеа драматичен пад во бројот на гласови, но изгуби во неколку клучни општини, со што го поткопаа наративот што го наметнаа самите, дека по изборите владата ќе биде делегитимирана.
ВЛЕН, пак, иако не ги надмина своите политички противници во вкупниот број гласови, сепак победи во Чаир во првиот круг, а води и во неколку други важни општини, со што го задржа легитимитетот да биде во владата.
ВМРО- ДПМНЕ под очекуваниот успех

Мицкоски прогнозираше 360 илјади гласови | Фото: Принт скрин, социјални мрежи
Во првиот круг, владејачката партија доби 32 градоначалници, а во вториот круг влегуваат со предност пред противкандидатите во повеќе општини.
Споредбата со ланските парламентарни избори покажува дека за повеќе од година изгубиле над 140 илјади гласа, но има пораст ако се споредат бројките со локалните избори од 2021 година, кога освоија десетина илјади помалку гласови.
ВМРО-ДПМНЕ, всушност, и досега владееше со повеќе општини во државата, а скопската градоначалничка Данела Арсовска, која лошо управуваше со градот, беше нивни кандидат.
По расправијата со Мицкоски, станаа жестоки противници, а ВМРО-ДПМНЕ успеа пред поголемиот дел од јавноста да се дистанцира од неа и да ги убеди гласачите дека само таа ја носи вината за состојбите, иако тие беа мнозинство во Советот на Градот.
Врз рејтингот на партијата не влијаеше ниту пожарот во Кочани, ниту, пак, пожарите што беснееја летово, и низ државава, и во главниот град.
Самодовербата им ја зголемија и повеќето анкети, кои ги правеа интерно и од кои јасно се читаше дека имаат голема предност пред слабиот соперник – СДСМ.
Веројатно, од тие бројки произлегуваше и проценката на ВМРО-ДПМНЕ дека треба да ги интензивираат конфронтациите со Левица. Мицкоски, на митинзите се обидуваше, на репертоарот навредливи квалификации за коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ да ја додаде и Левица, потег, кој, според резултатите, и не му е докрај успешен.
Но, и неговите очекувања беа поголеми, па ако се суди според изјавата што ја даде неколку дена пред изборите, потфрли и ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски очекуваше дека ќе освојат околу 360 илјади гласови на советничките листи, а освоија околу 60 илјади помалку.
Тој извојува и две лични победи. За првата, резултатите од Струмица, не го криеше задоволството уште на изборната ноќ.
„Победивме убедливо во првиот круг во Струмица. Дваесет години чекавме за овој ден, 20 години.“
За ваквиот резултат придонесе и локалниот раскол во СДСМ, во градот во кој со години владееше Зоран Заев. Откако скопската централа одлучи досегашниот градоначалник Костадин Костадинов да не биде кандидат на СДСМ, почнаа и јавните препукувања во опозициската партија што отворија пат за амбициите на ВМРО-ДПМНЕ.
Другиот успех што Мицкоски го нагласи е резултатот на ДУИ, односно неуспехот на партијата на Али Ахмети да ги победи ВЛЕН во клучните општини. Битката меѓу Мицкоски и Ахмети трае од пред парламентарните избори, а се интензивираше кога во владата седнаа ВЛЕН.
Обидот на ДУИ беше преку доминација на локалните избори да го делегитимира движењето на Изет Меџити и да предизвика предвремени парламентарни избори.
„Воедно, овие избори се и порака за ДУИ. Кога Ахмети се удираше во гради дека менувал премиери, реков полека, смири се, почекај непријатно ќе бидеш изненаден од резултатот. Ова е тој ден“, рече Мицкоски.
Битката ДУИ – ВЛЕН

Фото: Социјални мрежи
Во јуни, лидерот Али Ахмети договори соработка на локалните избори со двоецот Зијадин Села и Арбен Таравари, поранешни сопартијци од Алтернатива за Албанците. Тројцата се обидоа изборите да ги прикажат како „национален референдум за достоинство и национална гордост на Албанците“, кој би му покажал на Мицкоски дека тие треба да бидат во владата.
Уште пред почетокот на кампањата беше јасно дека на ДУИ и на коалицијата не им е доволна победа во број на гласови, со оглед на тоа што партијата беше заобиколена при составување на владата, и покрај сличниот триумф на парламентарните избори.
Оттаму, јасно беше дека за камбек на Илинденска бр. 2, потребна беше доминација меѓу албанските гласачи, односно повторување на 2008 година, кога ДУИ со изборниот резултат го стави пред свршен чин Никола Груевски да ги врати на министерските позиции.
За постигнување на ефектот на убедлив претставник на албанските интереси во Македонија, ДУИ го подигна влогот, со тоа што во две од најголемите општини со албанско мнозинско население, Чаир и Тетово, ги номинираше луѓето од најтесниот круг на Ахмети, поранешниот министер Бујар Османи и потпретседателот Бајрам Реџепи.
Поразот во Чаир и неубедливиот резултат за втор круг во Тетово, комбинирани со само трите освоени градоначалнички места – Липково, Пласница и Чашка, јасно упатуваат на тоа дека ДУИ и Ахмети не успеаја во својата намера. Коалицијата влегува со предност во вториот круг во Врапчиште и очекува победа во Гостивар, и покрај прегласувањето поради непостигнување на цензусот.
СДСМ тоне, но не признава пораз

Филипче не гледа песимистички на резултатите | Фото: Социјални мрежи
Изборниот ден, пак, не донесе ништо добро и за СДСМ. Споредбата и со претходните локални избори и со ланските парламентарни покажува дека тие имаат континуиран пад во гласовите, вклучително и по последните парламентарни избори, кои се сметаа за резултатски најлоши во историјата на партијата.
Но, на оваа бројка, Филипче не гледа песимистички.
„Овој резултат мислам дека не е тој што го посакувавме сите, меѓутоа би рекол дека, имајќи ги предвид околностите, не е лош резултат, посебно што, не насекаде, меѓутоа во еден добар дел од општините, навистина имаме зголемување на бројот на гласовите кога ги споредуваме со ланската година“, рече Филипче.
Тој, всушност, дојде на чело на партијата откако Димитар Ковачевски поднесе оставка поради тој лош изборен резултат. Многумина, вклучително и сопартијците, го перцепираа Филипче како продолжена рака на поранешниот лидер Заев, а тој со новото раководство не успеа докрај да се оттргне од неговата сенка. Затоа и остана лесна мета за напад од ВМРО-ДПМНЕ, кој на сметката на Филипче ги испорачуваше и „гревовите“ на Заев.
Иако инсистира дека партијата е консолидирана, многумина и јавно негодуваа на одлуките со кои кандидати ќе излезат на локалните избори.
Ова е првпат, кандидат на СДСМ да не влезе во вториот круг на локални избори во Скопје, откако нивната кандидатка Каја Шукова остана четврта на листата, според бројот на гласовите. Повеќе гласови, од неубедливата поранешна министерка за животна средина освои, не само Мециновиќ, туку и кандидатот на ВЛЕН, Башким Бакиу.
Шукова, впрочем, за влакно му избега и на кандидатот што го освои петтото место, Скендер Реџепи од коалицијата на ДУИ, иако за време на броењето гласови таа беше и зад него.
Сега СДСМ освои 124 илјади гласови, три градоначалнички места, а во неколку општини влегуваат и во вториот круг.
Од партијата денес преку неколку соопштенија уверуваат дека падот на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ е уште поголем од нивниот, а дека напразни се славењата на Левица бидејќи СДСМ сè уште останува втора партија во државава.
Растот на Левица

Фото: Социјални мрежи
Партијата на Димитар Апасиев, пак, во меѓувреме изгради партиска структура, во која се приклучија и млади луѓе, а нивниот кандидат за Скопје, Мециновиќ, привлече гласови со невообичаена кампања, главно наменета на младите.
Мециновиќ ја исфрли Шукова од игра за вториот круг и обезбеди видливост што придонесе Левица да има подобар скор и во другите скопски општини, меѓу кои – Аеродром, Бутел, Гази Баба, Карпош, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Чаир.
Разликите на добиените гласови на советничките листи, во повеќето од овие општини, во однос на СДСМ, се мали и двоцифрени, со исклучок на Аеродром, каде што Левица има над 1.200 гласови повеќе, и Кисела Вода, каде што разликата изнесува околу 900 гласа.
Во Град Скопје, на советничките листи, Левица е втора партија со над 27 илјади гласови, речиси израмнета со ДУИ и со коалицијата ВЛЕН, додека СДСМ е петта со помалку од 25 илјади гласа.
Социјалдемократите освоија и 15 илјади гласа во 22 општини, во кои Левица воопшто не учествуваше, што значи дека реалната разлика меѓу двете партии би можела да биде уште помала доколку Левица настапела насекаде.