Актуелно

Изборниот криминал на менито за помилување кај Иванов

Уставниот суд ја аминува иницијативата со која се отвора патот претседателот Ѓорѓе Иванов да ги аболицира обвинетите, но и да ги амнестира осудените за изборен криминал. Од друга страна, судот денеска немаше објаснување зошто не им дозволи на новинарите да ја следат седницата на која падна оваа одлука.

Уставниот суд „чуван“ од поддржувачите на ГРОМ и на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: БИРН

Уставниот суд „чуван“ од поддржувачите на ГРОМ и на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: БИРН

Уставниот суд денеска ги укина промените на Законот за помилување, донесени во 2009 година, со кои се ограничуваше правото на претседателот да аболицира или да помилува, меѓу другото, и обвинети и осудени за изборен криминал.

Одлука на судот доаѓа во време кога Специјалното јавно обвинителство покрена постапка против девет лица за изборни манипулации, меѓу кои се екс-министрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и владиниот генерален секретар Кирил Божиновски.

Поедноставено кажано претседателот Ѓорѓе Иванов ќе може да ги аболицира осомничените во „Титаник“, а шефот на државава досега не кажа дали ќе ја искористи оваа можност, иако јавно го повикаа да се изјасни.

Судот ја донесе одлуката со мнозинство гласови, а неофицијално резултатот бил идентичен како и пред неполн месец кога уставните судии одлучуваа дали да ја прифатат инцијативата. Тогаш тие со пет гласа за и четири против ја прифатија инцијативата.

Собранието ги ограничило уставните ингеренции на претседателот

На 5 февруари годинава адвокатот од Охрид, Ристе Китески побара судот да ја испита уставноста на овој закон, а невообичаено брзо, по нецели три недели, на 24 февруари судот поведе постапката по неговото барање.

На денешниот брифинг во судот, на новинарите им беше кажано дека и во други случаи Уставниот суд вака брзо реагирал, иако тоа навистина било реткост.

За адвокатот Ристе Китевски бргу се испостави дека ја дели канцеларијата со неговиот колега Љубчо Наумовски, кој е член на адвокатскиот тим на екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, двајцата обвинети за изборни измами во процесот „Титаник“.

Уставот во членот 84 предвидува дека претседателот дава помилување во согласност со закон, меѓутоа според судиите проблематично било тоа што токму промените на Законот за помилување од 2009 му го ограничувале ова право во некои случаи.

Претседателот во иднина ќе може да помилува и македонски државјани кои издржуваат казна во земјава, а се осудени на меѓународен кривичен суд

Судиите што гласале за инцијативата го покренале прашањето дали со ваквиот закон се повредува поделбата на власта на законодавна, судска и на извршна и дека се повредува уставната одредба оти сите граѓани се еднакви.

„Не може Парламентот да му ги стеснува или проширува ингеренциите на претседателот дадени со Устав, тоа треба да се остави во негови раце“, брифираа денеска во судот.

Спротивно на ова, невладиниот сектор и познавачите изминатиов период коментираа дека токму Уставниот суд со ваквата одлука ќе ја повреди поделбата на власта, бидејќи ја презема улогата на Собранието и му дава дополнителни ингеренции на претседателот.

Трендафил Ивановски

Трендафил Ивановски

„Одлуката е газење на Уставот и на демократијата“, за БИРН коментира поранешниот претседател на судот, Трендафил Ивановски.

Судиите, пак, што ѝ се спротивставиле на инцијативата барале широка јавна расправа за овој случај.

Во судот не сакаа да ја коментираат политичката конотација на оваа одлука, со образложение дека имплементацијата на законите не е во нивна надлежност. На новинарското прашање зошто судот досега, во изминативе шест години самостојно не го разгледал законот, оттаму ни беше кажано дека тој ретко работи по своја иницијатива.

Со укинувањето на промените нема основа да функционира ниту Комисијата за помилување при Министерството за Правда и од Уставниот суд претпоставуваат дека Собранието ќе го прилагоди законот доколку претседателот има потреба од тоа.

Интересно е дека освен што му се овозможи на шефот на државава да помилува обвинети и осудени за изборен криминал, педофили и произведувачи и трговци на дрога, претседателот во иднина ќе може да помилува и македонски државјани кои издржуваат казна во земјава, а се осудени на меѓународен кривичен суд.

Откако падна одлуката, од пред судот заминаа поддржувачите на ГРОМ и на ВМРО-ДПМНЕ, поради кои вчера СДСМ и граѓанските асоцијации беа спречени да го блокираат судот.

Судот нема образложение зошто ја затвори за јавност седницата

Тројца полицајци утрово не им дозволија на новинарите да влезат во зградата на Уставниот суд, тие беа таму уште пред 9 часот за кога беше закажана седницата која беше затворена за јавноста.

Новинарите ја побараа одлуката со која се иззема јавноста од седницата, меѓутоа до објавувањето на овој текст, таков документ не добивме.

Според деловникот на Уставниот суд и според досегашната пракса, седниците се јавни, иако пред неколку години се прекина праксата медиумите да ги снимаат седниците со камера. Работата на судот може да биде тајна само во исклучителни околности, кога во прашање се интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државна, службена или деловна тајна и заштитата на јавниот морал.

Генералниот секретар на судот, Оливера Филиповска, која е задолжена за контакт со новинарите, информираше дека одлуката за затворање на седницата ја донела претседателката Елена Гошева, така таа проценила и не објасни зошто одлуката не ја донеле сите судии на колегиум.

Со укинувањето на промените нема основа да функционира ниту Комисијата за помилување при Министерството за Правда

Филиповска не коментираше ни зошто седницата се затвори во последната фаза, а не и на претходните седници кои се однесуваа на овој случај.

„Немате одговор и точка“, вака Филиповска одговори, кога новинарите инсистираа таа точно да ја наведе причината поради која не им беше дозволено да присуствуваат на седницата.

Хелсиншкиот комитет и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера исто така реагира на одлуката новинарите да не присуствуваат на оваа седница.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, вели дека во неговата 15 годишна кариера во таа институција, никогаш новинарите не биле изземени од седниците.

„Ова е лудо време. Неразбирливо, неприфатливо и непростливо е во вакви критични моменти да се ограничи јавноста да ја следи работата на судот. Петнаесет години сум во Уставниот суд, три како негов претседател и никогаш не ми паднало на памет да затворам седница за јавност. Тоа се случува само ако има војна или некоја слична ситуација. Самиот факт дека ја затвораат седницата по ова прашање многу кажува, овие судии не можат да се судрат со вистината“, коментира Ивановски.