Анализи

Уставна метла во регионалната и во локалната медиумска сцена

Четириесетина телевизии и радија може да останат без дозволи за работа

Четириесетина радиодифузери, главно регионални и локални телевизиски и радиостаници, може да останат без лиценца по одлуката на Уставниот суд со која хонорарно ангажираните лица не може да се пресметуваат во вкупниот број вработени. Одлуката, која беше донесена во вторникот на 6 јуни, ги остава овие медиуми надвор од минималните кадровски услови што им се потребни за да добијат дозвола и да емитуваат програма.

Судот соопшти дека укинал дел од членот 9 од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување, донесен од Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услови. Постапката се водела по иницијатива поднесена од радиото Канал 77.

Оригиналната одредба усвоена во 2014 година предвидува дека „како вработени лица се сметаат лицата во редовен работен однос со полно работно време кај радиодифузерот и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор“. Уставниот суд го укина делот „и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор“, па сега медиумите што се потпираа на хонорарците за да го пополнат минималниот број ќе треба, или да ги вработат тие лица, или да го загубат правото да емитуваат програма.

Во соопштението од судот се образложува дека Советот на АВМУ ги пречекорил своите надлежности бидејќи хонорарно ангажираните лица не влегуваат во категоријата вработени лица ниту во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту во Законот за работни односи. Според уставните судии, Советот на АВМУ се впуштил во операционализација на законските одредби и во изворно уредување прашања што не се во неговата надлежност и се спротивни со закон.

„Судот оцени дека Советот на Агенцијата не може да уредува законска материја, туку може само да  операционализира и да доуредува одредени законски одредби, а со оспорениот дел од член 9 став 6 од Правилникот, Советот на Агенцијата фактички уредува односи што се надвор од Законот за работните односи“, се вели во соопштението испратено од Уставниот суд.

Според последните податоци за анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои се од 2021 година, поголем број електронски медиуми го пополнувале законскиот минимум за бројот на вработени со ангажирање хонорарци. Такви биле две од шесте национални телевизии што емитуваат програма преку сателит, 13 од 17-те регионални телевизии, 12 од 15-те локални телевизии, едно од четирите национални радија и 11 од 17-те регионални радија. Нема податоци за локалните радија.

Правилникот предвидува дека национална телевизија што емитува преку терестријален сигнал треба да има минимум 80 вработени, а преку сателит минимум 30. Регионалните телевизии треба да имаат најмалку 10 вработени, а локалните не помалку од пет. За радијата, прагот е 10 вработени за да добијат дозвола за емитување на национално ниво, 5 за регионално и 3 за локално.

Користејќи ја можноста да ги пребројат и хонорарците при исполнувањето на овие минимални кадровски услови, 11 медиуми функционирале со само еден вработен, а остатокот од кадарот им бил хонорарно ангажиран, покажува анализата на АВМУ. Една телевизија што емитува програма преку сателит, на пример, имала 1 вработен и 32 хонорарци, а друга имала 18 вработени и 19 хонорарци. И една регионална телевизија во Полошко функционирала со 1 вработен и 9 хонорарци. Кај другите, соодносот меѓу редовно и хонорарно ангажираните е поизбалансиран, но бројот на вработените, сепак, е под минималниот праг.

Одлуката на Уставниот суд речиси ќе ја збрише аудиовизуелната медиумска дејност на регионално и на локално ниво, но директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, за БИРН, вели дека ќе се бараат решенија. Прво ќе чекаат да ја добијат одлуката од судот официјално, бидејќи засега го имале само соопштението. Потоа, вели Трајчевски, ќе мора да го изменат правилникот во насоката во која одлучил судот.

„Тоа ќе биде погубно за многу медиуми, но мора да постапиме по одлуката. Имавме состанок и разгледавме неколку опции, од кои една е да се ублажат критериумите во правилникот. Но, конечната одлука ќе ја донесеме дополнително“, рече Трајчевски.