Изложбата насловена како „Breaking Free”, која зборува за трајните предрасуди со кои се соочуваат децата родени како последица на војната во БиХ, беше отворена вчера вечер во Историскиот музеј во Сараево, а ќе трае до средината на април.
На изложените фотографии се прикажани портрети на мајки и ќерки, кои ги фотографирал виенскиот фотограф, Закер Алмонем, на иницијатива на здружението „Заборавени деца на војната“ од Сараево, кое се залага за правата и за фер третман на лицата, родени за време на војната во БиХ.
Некои од нив се родени како резултат на силување, додека други се деца на припадници на мировните сили или на вработени во странски хуманитарни организации.
Аjна Јусиќ, претседател на здружението „Заборавени деца на војната“, која и самата себеси се опишува како „дете на војната”, на отворањето на изложбата изјави дека мајките и нивните деца, сѐ уште се соочуваат со стигма и дискриминација во БиХ.
„Сакавме преку фотографија и уметност, да покажеме што значи да се биде 25 години во тишина, и што значи кога заедно со мајките, кои преживеале силување, ќе излеземе и ќе испратиме гласна и јасна порака”, изјави Јуcиќ за медиумите.
Ајла Шабановиќ, една од присутните на отворањето на изложбата, за БИРН вели дека „децата на војната” сé уште се соочуваат со дискриминација.
„Оваа тема е исклучително важна, но вниманието на јавноста често не е насочено кон неа. Имаме толку многу деца кои не можат да одговорат на бројни прашања, како што е ‘кој ти е татко?’, поради што честопати се дискриминирани“, ни изјави Шабановиќ.
Не постојат прецизни податоци за бројот на силувани жени во БиХ, но проценките велат дека се работи за бројка од 20.000 до 50.000 жени.