Истражувањa

Измами со претплатата: корисници на мобилни плаќаат за несакани „услуги“

Низ Балканот, приватници профитираат со телекомуникациски услуги што никој не им ги бара

  • Високи сметки плаќаат корисници на најголемите мобилни оператори откако биле наведени да се претплатат на сајтови за видеоигри, хороскоп или на слични услуги
  • Операторите, не само што „замижуваат“, туку преку месечните сметки на сајтовите им овозможуваат платформа за наплата на игрите и на другите услуги што често никој не ги барал
  • БИРН го истражува најголемиот балкански играч во бизнисот со таканаречените дополнителни услуги на кои се жалат корисниците

Пензионерот од Скопје, Љубомир Ацков, со години плаќал сметка за мобилен од 599 денари, одамна го одбрал пакетот на услуги и не менувал ништо.

Тој се шокирал кога во април му дошло да плати речиси тројно повеќе, 1.700 денари бидејќи бил уверен дека не троши повеќе од вообичаеното.

„Платете, па поднесете приговор“, му рекле во салонот на Македонски телеком, ама немало фајде зашто не му ги вратиле парите по овој приговор.

Таму, сепак, му објасниле дека се претплатил на интернет-страница за видеоигри наречена „Планет гејмс“. Му рекле дека добил порака со покана да ги користи игрите, која ја прифатил и страницата почнала да му наплаќа.

„Не сум добил и не сум пратил порака“, дециден е Ацков.

Тој е еден корисниците на најголемите оператори во државава, кои за БИРН сведочат дека им стигнале неколкупати повисоки сметки и на нивно изненадување операторите им објасниле дека се претплатиле на видеоигри, хороскоп или на слични услуги.
Непријатни искуства имале и корисници во Србија и во Бугарија.

Операторите инсистираат дека не прават ништо погрешно. Сепак, истражувањето на БИРН покажува дека станува збор за забавни интернет-страници водени од приватни фирми што се наметнуваат на начин на кој лесно може да ги доведат во заблуда невнимателните или повозрасните.

Македонски телеком , А1 Македонија и операторите во регионот, не само што замижуваат на тоа, туку на фирмиве, преку месечните сметки им овозможуваат платформа преку која ги наплаќаат игрите и другите услуги што често никој не ги ни барал.

Малку одговори

Корисници и од двата најголеми телеком-оператори во државава се жалат на несакани претплати | Фото: БИРН

Реклама, која вели дека преку говорна порака ќе ви биде соопштено како ќе почнинете, вели:

„Не се плаши од смртта! Одговори неколку прашања и откриј сѐ“.

Услугата чини  53,1 денари за една минута.

БИРН откри десет сајтови што нудат гатања, видеоигри, хороскоп, музика, совети за здрав живот и порносодржини, на кои се пристапува главно по покана. На корисниците им се појавуваат рекламни банери додека сурфаат или користат социјални мрежи од телефон што е приклучен на мобилната интернет-мрежа.

Некои од интервјуираните, за  БИРН, тврдат дека им се појавило прозорче што се обиделе да го исклучат додека читале нешто онлајн, други, пак, се жалат дека воопшто не го користеле телефонот подолг период, а, сепак, се случило да се претплатат.

И 67-годишниот скопјанец Маријан Настевски имал непријатно искуство.

„Ако некој ти зема пари, нели треба да ти каже? Тоа е најлогично“, реторички праша Настевски.

Тој тврди дека не се претплатил, а операторот, сепак, му наплаќал за пораки со хороскоп.

„Ниту како млад не читав хороскоп, а не па сега“, вели Настевски кому лани во септември, октомври и во ноември му дошла сметка повисока за 600 денари.

Услуги со дополнителна вредност

Во последниве 2,5 години, 39 луѓе се пожалиле во АЕК за броевите со дополнителна вредност | Фото: БИРН

Проверката на ваквите страници покажа дека сите се во сопственост на странски компании, а на прашалникот на БИРН, најмногу поплаки има за сајтовите planetgames.online и barboragaming.com.

Кога ќе им пристапите преку компјутер изгледаат идентично меѓу себе и таму пишува дека граѓаните што се претплатуваат склучуваат договор со фирмата „Текстед лимитед“ од Велика Британија.

Истата компанија се јавува и зад други сајтови што функционираат на сличен принцип, како што се krakenfun.club, spicyfun.store и creamtube.me.

„Текстед лимитед“ е во сопственост на  Бенџамин Ковачиќ. Сајтовите на компанијата не се регистрирани со македонски домејн, ниту, пак, постојат какви било информации за нејзино присуство  во државава, освен македонскиот број на  фиксниот телефон за корисничка поддршка.

Тој број е во сопственост на друга компанија – македонската филијала на НТХ медиа со седиште во Цирих. Таа фирма работи како посредник што ги поврзува онлајн-услугите за игри и мобилните оператори.

Бенџамин Ковачиќ , кој е сопственик на „Текстед лимитед“, е ангажиран во НТХ. Тој е директор на српската НТХ и веќе 12 години е прокурист на македонската подружница.

БИРН го контактираше директорот на НТХ во Македонија, Александар Андовски, но тој одби лично да се сретне и да објасни како работи компанијата. Наместо тоа, нѐ упати во седиштето на Цирих.

Од Цирих, за БИРН, велат дека нивните договори со мобилните оператори ширум светот „целосно се во согласност со специфичните телекомуникациски прописи во секоја соодветна јурисдикција“.

„Како компанија што поврзува бизниси, т.н. B2B компанија („Бизнис за бизнис компанија“), ние обезбедуваме решенија за поврзување на нашите партнери, кои нудат услуги со дополнителна вредност, со мобилни оператори во рамките на нивната инфраструктура. Од суштинско значење за нашите партнери е да се придржуваат до локалните регулативи и процедури што го регулираат обезбедувањето на различни услуги со дополнителна вредност“, велат од компанијата.

Законот обврзува секоја услугата да биде јасно и транспарентно претставена | Фото: БИРН

Законските обврски во Македонија забрануваат таканаречени „договори со мали букви“ со тоа што предвидуваат „цената да биде видлива, со иста големина како големината на бројот на услугата и да биде претставена така што нема да бара дополнително детално разгледување“.

Од НТХ, за БИРН, велат дека „во случај на сите услуги со дополнителна вредност, корисниците добиваат порака за добредојде во која експлицитно се наведува името на услугата; линк, цена и фреквенција на услугата, а  има и детални упатства за откажување од услугата и телефонски број за поддршка“.

„Сето ова обезбедува транспарентност и им ги дава на корисниците потребните информации, кои можат да им помогнат да управуваат со нивната претплата“.

И Ковачиќ, за БИРН, го отфрла тврдењето дека корисниците „несвесно ги користеле услугите за кои НТХ нуди техничка поддршка“.

„За секој поединечен случај можеме да докажеме каде, кога и како корисникот користел услуга што му била наплатена“.

„Можеме да докажеме и дека процесот им бил претставен на недвосмислен начин“, рече тој.

Тврдејќи дека 99 отсто од корисниците се задоволни од услугите, Ковачиќ рече дека секој може да пристапи до информациите во врска со услугите што ги платил преку нивните месечни сметки за мобилен телефон, со тоа што ќе се обрати до контакт-центарот на НТХ преку електронска пошта или телефон.

БИРН, во јуни, јули и во август се обидуваше телефонски да го контактира центарот на НТХ во Македонија, но по добивањето на телефонската секретарка, линијата постојано се прекинуваше. Само еднаш успеавме да стапиме во контакт со оператор.

Телефонска сметка на корисник пред и по претплатата на видео-игрите | Фото: БИРН

Мобилните оператори беа уште помалку расположени за објаснување.

А1 не врати на прашањата што ги испративме, иако во неофицијални разговори претставник на компанија потврди дека соработуваат со НТХ. Во тие неформални средби, тој стоеше на ставот дека не постои такво нешто како што е несвесно претплатување – корисниците свесно се согласувале да плаќаат за видеоигрите.

Сепак, никој од таму не сакаше ова јавно да го каже.

Македонски телеком, исто така, негира дека се случува вакво нешто. Во писмениот одговор наведуваат дека, во согласност со правилникот на Агенцијата за електронски комуникации, „корисникот, пред да се претплати или купи одредена содржина, мора да биде информиран од Давателот на услугата за цената на чинење на услугата, а доколку се работи за претплата, мора да биде информиран за цената на целата претплата“.

Сопственикот е Русин од Малта

Секаде на Балканот во подружниците на НТХ фигурира истиот човек, Звонко Љутиќ, кој, всушност, е и основачот на НТХ медиа во Швајцарија. Само во Македонија сопственикот е различен.

Љутиќ бил во македонското НТХ сѐ до крајот на 2019 година, кога ја продал фирмата на Русинот со малтешко државјанство, Артем Константинович Подстрешни.

Неговото име го нема во швајцарската НТХ, а скудни се информациите за него низ глобалните пребарувачи. Подстрешни, на својот профил на професионалната мрежа Линкдин, навел дека работи во индустријата на пораки, мобилни плаќања, мобилна трговија, претплати, меѓутоа не ја спомнал НТХ.

Тој е газда на НТХ и според македонскиот регистар на вистински сопственици.

Од фирмата, за БИРН, велат дека работат во повеќе од 70 земји, меѓутоа не открија каде. На нивниот сајт пишува дека, освен во Швајцарија и во Германија, имаат претставништво во поголемите балкански градови и во неколку африкански држави.

Првиот човек на НТХ во Србија, Бенџамин Ковачиќ потенцира дека работат и во Малта и во Кипар.

„Кога корисникот ќе се согласи да ја користи услугата, тој добива известување преку смс-порака за услугата што ја активирал, и тоа во моментот на активирањето. Во оваа порака, Давателот е должен да наведе одредени информации како: цената на чинење, циклусот на наплата, начинот на одјава и телефонскиот број на компанијата што го нуди сервисот“.

Во телефонски разговор, висок претставник од Македонски телеком, кој бараше да остане анонимен, сепак рече дека Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) е таа што би требало да преземе акција против компании, каква што е НТХ медиа, доколку тие ги прекршуваат правилата. Истиот извор, ја опиша НТХ како „trouble maker“, велејќи дека, доколку АЕК не реагира, операторот немал врз основа на што да ја одбие соработката со НТХ.

„Тоа нема логика. Не може никој никого да натера на соработка“, за БИРН, ова го коментираше Јетон Акику, директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Агенцијата го регулира телекомуникацискиот бизнис и, меѓу другото, нејзина улога е да ги заштитува корисниците од вакви несакани трошоци.

Меѓутоа, Акику не чул за НТХ Медиа.

„АЕК не контролира што работат овие фирми, тие не се телекомуникациски оператори. Меѓутоа, кога има поплаки, можеме да испитаме што се случува“, вели Акику во разговор со БИРН.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија, која ги застапува правата на потрошувачите, велат дека во изминатата година имало луѓе што се жалеле „дека имале проблем во однос на измами од страна на некои веб-портали на кои пристапиле и притоа автоматски се поврзале со телефонскиот број, за понатаму да им пристигнуваат дополнително наплатени услуги на телефонските сметки“.

„Потрошувачите, притискајќи на одредени реклами и во повеќето случаи не обрнувајќи внимание на тоа што притискаат, несвесно ги дале своите податоци во однос на телефонскиот број или пристапот до нивната мобилна мрежа и на тој начин им се наплаќале дополнителни услуги (преку смс-пораки, претплати за одредени игри и сл.)“, вели Мартина Грнчаревска, правен советник во организацијата.

Таа апелира претплатниците да бидат повнимателни каде кликаат.

Перфидна претплата

Спорните сервиси поради кои им се зголемиле сметките на дел од корисниците | Монтажа: БИРН

„Во деталната сметка стои дека сум пратила порака со содржина DAA. Јас така не пишувам, како некој наместо мене да ја пратил пораката“, вели во разговор за БИРН, 57-годишната скопјанка Соња Мирчевска.

Нејзината сметка од 599 денари ѝ се качила на нешто повеќе од 1.700.

Операторот ѝ тврдел дека се претплатила на сервисот за игри „Барбора гејминг“, регистриран од фирмата на Бенџамин Ковачиќ, праќајќи порака на бројот 148444.

Броевите што почнуваат на 14 се наменети за услуги со дополнителна вредност и операторите им ги даваат на други фирми на користење. Тие се осмислени за услуги каква што е плаќањето паркинг, меѓутоа се користат и за продажба на содржини, како што во случајов се видеоигриве, хороскоп, тарот и слично.

„Последната сметка ми е повисока за 2.000 динари (17 евра). Од операторот дознав дека му плаќам на трето лице за услуга, за која, секако, не знам ништо“, лани на Твитер се пожали Милена Милосавјевиќ од Нови Сад.

Од операторот ѝ рекле дека преку НТХ добила порака со линк за видео со вежби за мозокот.

„Никогаш не сум добила порака и не верувам дека сум дала некакво одобрение да добивам пораки. Толку (барем) сум писмена“, напишала Милосавјевиќ.

Од швајцарското седиште на НТХ велат дека не им се познати вакви фантомски пораки.

И покрај тоа што корисниците немаат никакви пораки во нивната смс-апликација, од операторите, не само што им рекле дека се претплатиле со порака, туку и дека прифатиле да добиваат смс-пораки по цена од 59 денари во кои го имале линкот до игрите.

Граѓаните што имаа проблем со овие сервиси, прво се упатуваат кај операторите, а доколку тие не им помогнат, арбитрира АЕК. Официјално, во последниве две и пол години, 39 луѓе се пожалиле во АЕК во врска со броевите со услуги за дополнителна вредност.

Од увидот во деталната сметка на дел од овие корисници се гледа само дека е испратена порака на број што означува услуга со дополнителна вредност. Друга комуникација нема.

Во потрага по НТХ

Седиштето на НТХ во центарот на Скопје | Фото: БИРН

НТХ, всушност, е фирмата што посредува меѓу интернет-страниците со видеоигри и мобилните оператори.

Секаде на Балканот во подружниците на НТХ фигурира истиот човек, Звонко Љутиќ, кој, всушност, е и основачот на НТХ медиа во Швајцарија. Само во Македонија сопственикот е различен.

Љутиќ бил во македонското НТХ сѐ до крајот на 2019 година, кога ја продал фирмата на Русин со малтешко државјанство, Артем Константинович Подстрешни.

Приходен бизнис

Мобилните оператори обезбедуваат по 1.000 броеви за таканаречените дополнителни услуги и за нив на АЕК му плаќаат по 15.000 евра годишно, информира директорот на агенцијата, Јетон Акику, и додава дека не е во нивен мандат да внимаваат операторите на која фирма ќе ги доделат броевите.

Операторите и НТХ се повикуваат на деловна тајна и не откриваат колку заработуваат од соработката, меѓутоа јасно е дека и телекомуникациските компании профитираат од бизнисот.

Финансиските извештаи на НТХ  во Македонија покажуваа дека во последниве шест години, фирмата во просек имала околу милион евра приходи, а покрај соработката со операторите во посредувањето со услугите со дополнителна вредност, работела и на наградни игри за Кока-кола, Тинекс и Битолска млекара.

Во Србија работите се појасни, зашто НТХ и на нив сличните компании се регистрирани кај државниот регулатор РАТЕЛ.

Според неговиот последен извештај, сите фирми што даваат услуги со дополнителна вредност во Србија, во 2021 година имале приходи од околу 15 милиони евра, а српската НТХ, со удел од 31 процент, е најуспешна на тој пазар.

Познавачите на бизнисот во кој плива НТХ,  велат дека се води според сфаќањето – полесно е да го натераш корисникот да прати смс отколку да ти ги испрати податоците од кредитната картичка.

Развиени се неколку методи на претплата преку пораки и тие се користат во регионот.

Првиот метод е таканаречениот Click2SMS, што предвидува корисникот да кликне на банер што го повикува на одредена акција при што автоматски му се отвора смс-апликација со веќе готова порака. Оттука пораките како онаа на скопјанката Соња Мирчевска со содржина „DAA“.

Сѐ што треба да направи корисникот е да ја прати пораката и веднаш се претплаќа.

Вториот метод е многу поперфиден и се нарекува WAP-Click. Тој феномен во Србија детално го истражувал програмерот и ИКТ-консултант, Милан Крагујевиќ.

Според неговото истражување, рекламите за игрите им се појавуваат на луѓето на телефон додека сурфаат или користат некоја од апликациите на социјалните мрежи.

Главоболките почнуваат откако ќе кликнат на рекламите.

Програмерот Крагујевиќ објаснува дека проблемот е во тоа што во процесот на претплата, корисникот не праќа смс, ниту, пак, на кој било друг начин остава свои податоци и јасно става до знаење дека сака да добива пораки и да ги плаќа.

Корисникот само кликнува на два последователни линка што му се појавуваат и се претплаќа.

Како е возможно тоа?

Крагујевиќ тврди дека неколкупати тестирал и открил дека меѓу двата клика мобилните оператори им овозможуваат на сервисите, како НТХ, и на интернет-страниците со игри да дојдат до телефонскиот број на корисникот.

БИРН се обиде да ги провери наодите на српскиот програмер Милан Крагујевиќ, меѓутоа НТХ ги игнорираше прашањата со конкретните наоди дека корисниците често несвесно се претплатуваат само со два клика и дека во таа операција на „зграбување“ на корисниците им помага фактот што автоматски од операторите ги дознаваат нивните телефонски броеви.

Потврда за ова БИРН доби и од анонимен извор што работи во истата индустрија, но во друга компанија.

„Доволно е да кликнете на X за да го исклучите прозорецот и без да го внесете бројот, провајдерот може да го види во својот систем и да го проследи за наплата до операторот“, тврди нашиот соговорник.

Проблеми во регионот

Македонски Телеком ќе мора да му ги врати парите на Ацков | Фото: БИРН

НТХ во Србија се најде во центарот на вниманието по завршувањето на реалното шоу „Фарма“, кое се емитуваше на ТВ Пинк кон крајот на 2010 година.

Тогаш второпласираниот натпреварувач Маријан Ристичевиќ јавно се посомнева дека било наместено гласањето од публиката. Гласовите ги броеше токму НТХ, која најави тужба против Ристичевиќ. БИРН не можеше да најде информации во судските досиеја дека некогаш навистина била покрената тужба.

Лани, корисници на мобилни оператори во Бугарија тужеле поради несаканите поголеми сметки поврзани со НТХ, откако операторите и регулаторот ги игнорирале. БИРН има увид во четири случаи; во три од нив, мобилниот оператор добил наредба да ги врати парите и да ги плати судските трошоци.

Еден случај, во кој клиент го тужеше мобилниот оператор Јетел во градот Пловдив, ги повтори поплаките што БИРН ги доби и во Македонија – корисниците тврдат дека не се претплатиле, а операторите ја префрлаат вината на НТХ.

Судот во Пловдив пресуди дека е виновен мобилниот оператор и нареди да се вратат парите што се наплаќаат.

И пензионерот од Скопје, Љубомир Ацков ќе си ги добие назад парите.

Тој бил незадоволен зашто операторот не му ги вратил парите и пролетоска веднаш се пожалил во регулаторот АЕК. Пред десетина дена, агенцијата одлучила во негова корист, го задолжила Македонски телеком да го „минусира зголемениот износ на сметката во последните три месеци“.

Во случајов, АЕК го санкционира само операторот зашто не ја исполнил обврската да го предупреди корисникот за невообичаени и прекумерни трошоци.

Сепак, остануваат корисници што се одлучиле да не се жалат, се задоволиле со тоа што операторот им ја прекинал дополнителната претплата, а веројатно има и такви што не се свесни дека плаќаат услуги што не ги барале.

Оваа сторија е поддржана од Глобалната програма за справување со нелегални финансиски текови, имплементирана од ГИЗ и финансиски поддржана од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Содржината на сторијата е во целосна одговорност на БИРН и не ги рефлектира ставовите на ГИЗ, Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија или Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.