Повеќе од девет и пол илјади тони филтерска прашина се останати на плацот во близина на челичарницата „Макстил“, каде што се чува овој опасен отпад. Податоците ги објави Инспекторатот за животна средина, како дополнување на решението од вонредниот инспекциски надзор, во кој се утврдија неправилности во чувањето на филтерската прашина полна со тешки метали.
Филтерската прашина треба да се чува во добро затворени џамбо вреќи. БИРН пишуваше дека дел од нив се оштетени и искинати, а материјалот се излева на плацот и претставува ризик за почвата, подземните води, дури и за воздухот, доколку дува силен ветер. Прашината има цинк и други метали, а се собира од филтерот на печката за топење старо железо, кој е поставен за да спречи тие опасни материи да се прошират низ воздухот. Инспекторатот ги потврди овие наоди.
ИСТРАЖУВАЊЕ
Тони опасна прашина се разлева на плац зад „Макстил“
Според табелата што може да се види на интернет-страницата на инспекторатот, од 2015 до 2025 година, филтерот на печката на „Макстил“ собрал 29.877 тони прашина, а компанијата предала 20.321 тон. Овој податок е објавен на 21 февруари годинава, еден ден откако на страницата беше прикачено и решението од инспекцискиот надзор извршен на 2 февруари.
Правилата налагаат филтерската прашина, која се нарекува и цинкова прашина, да се предаде на индустриски компании, кои можат од неа да го извлечат цинкот и другите метали. Тие потоа ги продаваат како суровини, а останува само неопасниот отпад. „Макстил“ нема таков сопствен капацитет и затоа треба да ја даде на други фирми или да ја извезе во странство.
Од податоците во табелата не може прецизно да се утврди дали дел од прашината од „Макстил“ стои на отворениот плац повеќе од 36 месеци, колку што е максимално дозволено со А-интегрираната еколошка дозвола, но се гледа дека четири години воопшто немало извоз.
Сепак, од сателитските снимки може да се види дека делови од плацот воопшто не се променети повеќе од три години, а и на теренот се гледа дека некои вреќи се многу стари и биле изложени на временските услови долго време. Освен тоа, директорката на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска, во разговор за БИРН посочи дека во последниве години ја извезувале главно новосоздадената прашина, бидејќи преработувачите повеќе ја сакале неа.

Иако законски „Макстил“ има обврска да известува за количествата на секој вид индустриски отпад што го создава, а Министерството за животна средина треба да ги чува овие податоци, тие досега не беа достапни до јавноста. БИРН ги побара и од компанијата, и од институциите, но не ги доби.
Наместо тоа, од Министерството за животна средина доставија само информација за издадените дозволи за извоз на филтерската прашина, кои не соодветствуваат со реалната ситуација. Според Министерството, меѓу 2016 и 2025 година, издадени биле само три вакви дозволи за извоз на 5.000 тони прашина во Кина, 10.000 тони во Кореја и 2.000 тони во Бугарија. Сепак, извоз во Кореја немало, потврдуваат и од „Макстил“, и од државната статистика, додека извозот во Бугарија е неколкупати поголем од она за што надлежната институција вели дека дала дозвола.
ИЗВЕШТАЈ
„Макстил“ покриле дел од опасната прашина што треба да се препакува
На барањето за појаснување на доставените податоци, од МЖСПП нè упатија информациите да ги побараме од Царинската управа, наведувајќи конкретен царински код под кој се извезува филтерската прашина. Оваа информација отвори нови забуни, бидејќи „Макстил“ извезувал прашина под код различен од оној на кој упатуваат од Министерството.
При вонредниот инспекциски надзор, кој дојде по укажувањата на БИРН за начинот на чување на опасната прашина, од Инспекторатот утврдиле прекршувања од највисока, трета категорија, која, освен рокови за средување на проблемот, предвидува и висока парична казна. Таа ќе се прецизира во следниот период, во постапката за спогодување што ќе ја води Министерството за животна средина. Постапката е закажана за в четврток, на 5 март.

