Ги покриваат очите и низ кисела насмевка на совршен англиски велат „cringe“ сакајќи да објаснат некаква непријатност. Со израз на лицето што доловува гадење изговараат „brother ew“, а наместо „улав/а“, го користат терминот „delulu“ (од англиското „delusional“).
Овие англиски зборови се дел од секојдневниот речник на тинејџерите или оние што се неколку години постари.
Дел од изразиве поттекнуваат од филмови и од видеа каде што некој актер или јавна личност првпат употребува нов израз или, пак, употребува веќе познат израз во уникатен контекст.
Ако се доволно интересни, ваквите зборови и фрази ги преземаат корисниците на социјалните мрежи, најчесто на Тик-ток, и така стануваат популарни или „viral“ – како што би се изразил некој тинејџер што постојано „скрола“ на телефонот.
Освен што овој жаргон е генерално на англиски, тој, исто така, е динамичен и многу бргу се менува, од месец за месец.
Само пред неколку години, кога нешто било смешно, се користела кратенката „ЛОЛ“ (Laughing out loud) или во превод „смеење на глас“. А сега, наместо тоа, новите генерации го користат зборот „dead“ („мртов“) и емотиконот на череп, во преносно значење, „умрев од смеење“.
Македонски според англиска граматика
Од рана возраст, децата се изложени на интернетот и поради недостигот од содржини на мајчините јазици, тие најчесто гледаат и слушаат содржини на англиски. Затоа го владеат овој странски јазик подобро отколку јазиците што се говорат дома.
Оттаму често се случува децата да го зборуваат мајчиниот јазик со граматички правила од англиски и директно преведуваат од овој јазик.
Ваквите конструкции звучат комично или во најмала рака нелогично.
„Кога бевме помали, еднаш другар ми кога сакаше да се фотографираме ми рече: Земи слика! Веројатно го преведе директно од англиското ‘take a photo’“, раскажува млад скопјанец.
Сличен пример ни сподели и родител, чиј син, наместо да му каже „тато, ти си во право“, преводот од англискиот „you are right“ го употребил буквално, кажувајќи „тато, ти си точен“.
На истиот начин, со буквален превод, се користи „си го сменив мозокот“ наместо „се премислив“, од англиското „I changed my mind“.
„Кога син ми сака да изрази малку посложено чувство или мислење, полесно му е да го каже тоа на англиски отколку на македонски. На пример, тој нема да каже дека е разочаран, туку ќе каже ‘disappointed’“, ни раскажа родителот.
Бумер или југосапиенс
Виктор Бучковски е дел од неформалното скопско здружение „Зборци“ кое создава и промовира нови зборови во македонскиот јазик. За да го илустрира јазот меѓу генерациите, ни раскажа анегдота за неговите браќа кои му се обратиле со фразата „ok boomer“, кога тој не разбрал нивна шега.
„Кога се обидов да им објаснам на постарите што значи „boomer“, стигнавме до тоа да го смислиме зборот ‘југосапиенс’ “, раскажува Бучковски.
Слично искуство имаат и албанските родители, кои раскажуваат дека на нивното дете, кога е тажно, полесно му е да каже „I’m sad“, наместо „jam mërzitur“.
Сè почеста глетка во кафулињата е маса со млади што зборуваат на англиски, иако сите во друштвото се или Македонци, или Албанци. За некој што набљудува од страна, првиот впечаток е дека тие се странци што се дојдени на посета во Македонија, но наеднаш некому од нив ќе му заѕвони телефонот и ќе се префрли да зборува на совршен скопски дијалект или албански.
Ваквата комуникација може да предизвика реакции од луѓето околу нив, на кои не им е јасно зошто младите одлучуваат да зборуват на странски јазик. Некогаш постари луѓе дури директно ги конфронтираат за ова.
Но, исто така, сè почесто англискиот и ги спојува младите Македонци и Албанци. Повеќето Македонци не зборуваат албански, а многу Албанци не се чувствуваат опуштено да се изразуваат на македонски во неформални дружби.
Па, затоа, во мешани друштва се случува младите едноставно да зборуваат на англиски.
„Флексибилна сум, но најлесно ми е да се измешам меѓу трите, едноставно мојот мозок така работи како полиглот“, вели млада Албанка од Скопје.
Младите немаат трпение за долги содржини
Освен за комуникација, младите го користат англискиот јазик и како економска предност.
Голем број од нив, кои одлучуваат да останат во земјата, често, всушност, работат за странски компании каде што професионалната комуникација е на англиски. Со познавањето на овој јазик им се отвораат вратите кон глобалниот пазар на трудот од дома.
„Во таа смисла може да се каже дека нашите млади се веќе вклучени во едно глобално општество. Да ги однесете во Австралија или во Канада, тие се подготвени да комуницираат и да се снајдат таму“, вели комуникологот и професор Сеад Џигал.
Професорот укажува и на еден друг, овојпат негативен ефект на интернет-културата.
Освен англискиот, во онлајн-комуникацијата се користат голем број мемиња, кратки видеа и други визуелни симболи што го поедноставуваат јазикот.
Џигал смета дека ова може да им штети на младите подоцна во професионалниот живот, ослабнувајќи ги нивните меѓучовечки вештини, како и капацитетот за одржување на вниманието на подолги содржини.
„Ги губат, не само вештините во своите мајчински јазици, туку и вештините за рачно пишување, пишување состави и комуницирање лице в лице“, потенцира комуникологот.
А во ваквото менување на јазикот играат улога и алгоритмите на социјалните мрежи, кои на персонализиран начин пласираат различна содржина на различни возрасни групи. Алгоритмите, исто така, ги класифицираат нивните корисници по основи, како што се политички ставови, националност и други категории.
„Поради алгоритмите, зголеменото користење на социјалните мрежи нè прави да се затвораме во комуникациски меури, да комуницираме само со луѓе што се исти или слични на нас. Ги избегнуваме постарите, помладите, дури и некои што имаат поразлични ставови во модата, политиката или во спортот“, објаснува комуникологот Џигал.
Така што, овие алгоритми, освен што креираат дигитални „меури“, создаваат и комуникациски јазови меѓу различни генерации. Па така, различни жаргони користат и генерациите што немаат голема возрасна разлика.
Иако јазикот на младите што ги дели помалку од деценија се разликува од генерација до генерација, тие, сепак, генерално се разбираат. Но, истото не важи за нивните родители, а уште помалку за нивните баби и дедовци. За нив, ова е често тотално неразбирлив нов свет, кој креира јаз меѓу генерациите.
Гејмерски јазик
Додека мрежно играат на плејстејшн или на икс-бокс, тинејџерите често користат англиски при комуникацијата. Велат „џојни“, кога канат некој да им се придружи во играта, збор што е помакедончена верзија на англискиот „join“.
Во гејмерскиот јазик постои и изразот „да се пивипијаме“. Доаѓа од англискиот израз player vs player или PvP, и во превод значи да ја играат видеоиграта еден против друг наместо заедно.
„Кога го прашав син ми дали неговиот другар дошол во училиште, тој ми рече дека другар му се хила“, ни раскажа една мајка.
„Хила“ доаѓа од англискиот збор „heal“, кој во буквален превод значи „се лечи“ или „се исцелува“. Но, во овој контекст, македонизираната верзија на овој збор доаѓа од видеоигрите и од гејмерската култура, каде што играчите имаат можност да излечат други играчи.
Родителите, кои можеби претходно малку или воопшто не зборувале англиски, сега мора да имаат барем елементарно познавање на овој јазик за да ги разберат своите деца и световите во кои тие комуницираат.
А во некои случаи, овој процес оди во обратен правец: децата, сфаќајќи дека нивните родители не ги разбираат на англиски, се трудат да научат подобро да комуницираат на мајчиниот јазик.
Еден таков пример раскажува млада Албанка дека кога нејзиниот братучед имал пет-шест години, тој сакал да комуницира само на англиски, што претставувало проблем за неговата мајка, која воопшто не го зборувала овој јазик. Па така, со време, детето почнало да зборува на албански бидејќи сакал да може да се разбере со неа.
Преку вакви примери, кои ги имаат речиси сите семејства, станува јасно дека комуникацијата меѓу родителите и децата се менува драстично. Од една страна, ваквите трендови се загрижувачки во однос на зачувување на мајчините јазици, особено на помалите народи.
Но, од друга страна, сè почесто децата од мала возраст зборуваат два или повеќе јазици.
Без разлика дали новите начини на комуникација се позитивни или негативни, јасно е дека влијанието на англискиот јазик е секојдневна реалност. А предизвикот на различните генерации, како и на образовните институции, е да се прилагодат едни на други на најдобар можен начин.