Утре, ЛГБТ-заедницата и нејзините поддржувачи, по шестипат ќе излезат на Парадата на гордоста, односно на Скопје прајд. Ќе бараат поголема видливост, прифаќање и повеќе права.
Но, за разлика од минатите години, кога овој настан беше придружен со забавна и музичка програма, годинава Скопје прајд ќе биде само протестен марш, кој ќе помине пред Собранието, Министерството за образование и наука и ќе заврши пред Владата со говори.
Изборот на локациите не е случаен, туку е реакција на анти-ЛГБТ политиките на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, партија што ги застапува и дејствува според десничарските погледи за ова прашање. Од законите за основното и за средното образование, како и Законот за учебниците, беа тргнати термините „род“, „родов идентитет“ и „сексуална ориентација“, како основи за дискриминација. Отстранет беше и терминот „родова еднаквост“ од овие закони.
За годинашниов прајд, како и за предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТ-луѓето, кои се гласни за овие прашања, разговаравме со Јован Јосифовски, визуелен квир-уметник и ЛГБТ-активист.
БИРН: Лани, слоганот на прајдот беше „Спектакуларно непослушни“, а оваа година ќе се маршира под слоганот „Ќе (оп)стоиме заедно“. Зошто ќе се маршира под оваа порака и што значи таа за вас?
Јосифовски: Не сум дел од организацијата на парадата, но сметам дека овогодинешниот слоган е еден од поуспешните досега, особено имајќи го предвид ставот за родовата еднаквост на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, ниту СДСМ не направи нешто посебно за да ги заштити основните човекови права. Оваа година, настанот не го доживувам само како традиционална Парада на гордоста, туку како платформа за пошироко општествено изразување. Темите што ќе се адресираат не се ограничени само на правата на ЛГБТ+ заедницата, туку се прошируваат кон актуелни и болни прашања, како состојбата во Палестина и трагедијата во Кочани. Тоа говори за една нова, поангажирана димензија на прајдот, кој сѐ повеќе се позиционира како глас на општествената совест.
Овогодинешното издание ќе биде фокусирано исклучиво на маршот, без забавна програма, одлука, која, според мене, ја потенцира неговата сериозност и историска важност. Ова можеби е најзначајната Парада на гордоста досега, според политичката клима во која се одржува, Македонија никогаш не била полошо место за живеење.
Го доживувам како најнепосакуван, но најхрабар прајд досега.
БИРН: Вие сте визуелен уметник, кој вклучува квир-тематики во вашите дела и сте гласен за правата на ЛГБТ-заедницата. Со какви предизвици се соочувате поради ваквите ставови во вашиот професионален живот и зошто ви е важна оваа гласност?
Јосифовски: На нашата уметничка сцена сè уште постои отпор кон современата уметност, а квир-уметноста е целосно маргинализирана. Институциите и публиката често не ја разбираат и не ја признаваат нејзината вредност, што резултира со нејзино системско исклучување.
Во своето творештво, отворено ги критикувам структурите на моќ, па поради тоа, моите ставови често се во спротивност со доминантните наративи. Како последица, не сум дел од многу соработки на сцената, не затоа што недостасува квалитет, туку затоа што многумина не сакаат да бидат поврзани со уметник што излегува надвор од прифатените рамки и нема никаков страв да ги отвори вистинските прашања. Тоа важи и за медиумите.
Квир-темите не се само дел од мојата уметност, туку нејзина суштина. Ние сме мала заедница, со многу мал број квир-уметници, самото наше постоење е форма на отпор, но тоа не е доволно, никогаш не било, особено во новокомпонираниот фашистички наратив.
Имам тенденции за претерување во уметничкиот израз, но тоа е одраз на реалноста во која живееме. Ова е општество со сериозен дефицит на уметници, кои се подготвени да се соочат со вистински општествено политички прашања.
БИРН: Во последните неколку месеци, активисти од таканаречените антиродови движења пријавуваа во полиција ваша лична фотографија од кога сте биле дете, обвинувајќи ве за педофилија. Како се справувавте со оваа ситуација и каков беше одговорот од надлежните? Зошто ваквиот наратив е опасен прво за вас лично, но и за ЛГБТ-заедницата?
Јосифовски: Јас и Скопје прајд викенд фестивалот бевме мета на координирани напади од антиродовите движења поради постерот што го најавуваше настанот на кој соработувавме. Голем број поединци поднесоа пријави до полицијата, обвинувајќи ме за наводна сексуализација на деца и ширење педофилија. Но, тие не знаеја дека јас сум на фотографијата како дете. Полицијата, откако го утврди тој факт, ја затвори постапката.
Истите групи масовно пријавуваа објави со мојата уметност на социјалните мрежи, кои автоматски беа отстранети. Кога јавно ја објаснив ситуацијата, таквите групи, како Преземи одговорност и Коалиција за заштита на децата, го реобјавија постерот дополнет со други мои фотографии. Тоа предизвика нов бран на напади. Добивам бројни пораки со говор на омраза, а коментарите под нивните постови се практично смртни закани.
Иако јас сум подготвен да бидам гласен и да се соочам со последиците, не очекувам дека секој го може истото. Особено загрижува положбата на ЛГБТ-луѓето надвор од Скопје, за кои јавноста ретко размислува. Таму ситуацијата е далеку поопасна и повикува на итна реакција.