Три со три

Јовановиќ: Со таен процес владата продава приказни за милијарди

Интервју со Бранимир Јовановиќ, експерт од Виенскиот институт за меѓународни економски студии

Владата најави договори со Обединетото кралство, еден за стратешко партнерство, кој има политичка димензија, и друг, таканаречен договор влада со влада, кој е кредитна рамка што ќе ѝ овозможи на Македонија да позајмува од Велика Британија до пет милијарди фунти (околу шест милијарди евра).

Вицепремиерот Александар Николоски откри дека почетните контакти за стратешкото партнерство, ВМРО-ДПМНЕ ги направила уште додека била во опозиција. Јавноста, слично како со унгарскиот кредит, е информирана при крај на процесот.

Деталите за новите заеми не се познати, меѓутоа и премиерот и министрите уверуваат дека со нив нема да се надмине критичната граница од над 60 проценти од бруто домашниот производ (БДП).

Економскиот експерт од Македонија, Бранимир Јовановиќ, кој живее и работи во Австрија, анализира за БИРН зошто јавноста се става пред свршен чин, за опасноста да порасне јавниот долг и за судбината на евроинтеграциите, која посредно се чита од овие невообичаени партнерства.

БИРН: Какво е Вашето мислење за ваквиот начин на обезбедување кредити и финансирање проекти, кој е таен речиси до неговото потпишување?

Јовановиќ: Колку се проблематични ваквите проекти, најдобро се гледа од унгарскиот заем. И него го најавуваа помпезно уште пред да стапат на власт, ги криеја деталите од очите на јавноста, не консултираа ни професори, ни невладини, ни никој во процесот. И сега, една година откако беше најавен заемот, не гледаме ама баш ништо од него. Тоа мислам дека ќе се случи и сега. Ќе се тресе гората неколку месеци, а нема ни глувче да се роди.

Впрочем, ова не е првпат некој во Македонија да најавува милијарди. Тупурковски го почна процесот во 1990-тите, Груевски гордо го продолжи, Заев го заокружи. Од толку многу милијарди, вистинско чудо е како сме уште најсиромашната земја во Европа.

Сега ова се претставува како стратешко партнерство со Британија, што дава доза на сериозност, ама ни тоа не е гаранција дека навистина ќе има инвестиции од пет милијарди фунти. Од она малку што беше споделено со јавноста може да се заклучи дека договорот само дава основа за соработка во висина до пет милијарди фунти, ама не и дека навистина има проекти во целиот тој износ.

И мислам дека токму ова е главната причина за нетранспарентноста и за неинклузивноста – ако се знаат деталите и ако се вклучени стручни независни лица во процесот, владата нема да може да продава приказни од кои на крајот нема да има ништо.

БИРН: Тезата на власта е дека БДП ќе расте побргу од задолжувањето, со што ќе се избегне ситуацијата сериозно да порасне јавниот долг. Колку е реална оваа проекција?

Јовановиќ: Мислам дека нема никаква дилема кај економистите дека јавниот долг ќе порасне. Прашањето е само колку, и тоа ќе зависи од деталите, кои, за жал, не ги знаеме. Ама еве да претпоставиме дека на почеток ќе се финансираат само железницата и болниците, кои беа спомнати од неколку министри, и за кои беше кажано дека ќе чинат околу две милијарди евра. Со тие две милијарди, јавниот долг ќе порасне од сегашните 10 на 12 милијарди, што со БДП од околу 16 милијарди, значи дека јавниот долг ќе порасне од 62 проценти на 75 отсто од БДП.

Не мислам дека е тоа страшно само по себе – ако навистина се изградат болници и железница со тие пари, тоа на долг рок ќе се исплати. Ама мислам дека владата никако не смее да пласира приказна дека јавниот долг нема да порасне, затоа што тој балон кога-тогаш ќе им пукне, и ќе им биде многу тешко да објаснат зошто се случило тоа.

БИРН: Како го толкувате овој начин на задолжување во однос на ЕУ? Според некои, тоа е уште еден показател дека државава во ваквите договори гледа супституција на европските фондови, кои, по сè изгледа, долго ќе останат недостапни поради спорот со Бугарија?

Јовановиќ: Според мене, политичкиот момент на овој договор е можеби и позначаен од економскиот, а тоа е дека владата сериозно се оддалечува од ЕУ и се свртува кон други партнери. Тоа го почнаа со унгарскиот заем – за кој, да не заборавиме, Унгарија веројатно е само посредник на Кина.

Го продолжија со аплаудирањето на Џеј Ди Венс во Минхен, потоа и со неодамнешната посета по Блискиот Исток, и сега го заокружуваат. Можам да ги разберам мотивите – ЕУ навистина не беше фер кон нас и условот за продолжување на евроинтеграциите е како грст печени скакулци што тешко се голтаат, а и кога ќе се проголтаат, остануваат во грлото.

Ама, сепак, мислам дека владата мора да биде многу внимателна со тоа, затоа што последиците можат да бидат многу сериозни.

Во ред е да се соработува и со други земји, ама никако не треба да ѝ се врти грб на ЕУ, затоа што таа е убедливо нашиот најголем економски партнер, и во поглед на трговијата, и во поглед на инвестициите, и во поглед на тоа каде луѓето патуваат и одат да живеат.

Освен тоа, финансиите што можеме да ги добиеме од ЕУ се многу поголеми од она што можеме да го добиеме од која било друга земја, и што е уште поважно – голем дел од тие пари се неповратни грантови, а не заеми. Затоа мислам дека владата мора да продолжи со реформите што се потребни за влегување во ЕУ, и покрај тоа што евроинтеграциите се формално заглавени.