Речиси една третина од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе во Македонија се деца, покажаа податоците што неодамна ги сподели Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција за периодот од 2001 до 2021 година. Овие бројки ги потврдуваат и од самоодржливата организација Отворена порта. Превенцијата и едукацијата имаат клучно место во работењето на оваа организација преку својата СОС линија, како и бројни обуки и кампањи за подигнување на јавната свест.
Според нивната статистика за 2023 година, во Центарот за жртви на трговија со луѓе биле сместени 11 потенцијални и жртви. Сите 11 се деца. Нивното искуство вели дека официјалните бројки дури не ја ни отсликуваат реалната состојба, бидејќи многу од жртвите не се охрабруваат да пријават поради страв, срам или недоверба.
Една недела по Светскиот ден на борба против трговијата со луѓе, кој се одбележа на 30 јули, се сретнавме со Билјана Јовановска, раководителка на проекти во Отворена порта, каде што разговаравме за видовите на трговија со луѓе во државата, улогата на технологијата и итни мерки што државата треба да ги преземе.
БИРН: На овогодинешниот Светски ден на борба против трговијата со луѓе, водечки организации испратија заедничка порака „Ниедно дете да не се изостави во борбата против трговијата со луѓе“ и повикаа на поголеми заложби за спречување на експлоатација и злоупотреба на децата. Каква е состојбата во Македонија? Се забележуваат ли некакви трендови во изминативе години?
Јовановска: Во Македонија доминира внатрешната трговија со луѓе, во рамки на државата. Состојбата, во голема мера, е видоизменета, и по демографската група на жртвите, и по модус операнди на трговците со луѓе.
Најзастапени видови на експлоатација е сексуалната експлоатација, присилните бракови, трудовата експлоатација или имаме многу често комбинација на трудова експлоатација заедно со сексуална експлоатација кај девојчињата.
Да, децата се особено изложени на ризик да бидат тргувани поради голем број фактори. Тие се лесна цел на трговците затоа што имаат намален капацитет да препознаат ризик, да се грижат самите за себе. Тие се зависни од возрасните и нецелосно ги разбираат последиците од нивното страдање.
Дополнително, насилството во семејството, родителската запоставеност ја зголемува нивната ранливост. Исто, децата што се одвоени од семејствата, децата надвор од образовниот систем, децата на улица, се под голем ризик да станат жртви на трговија со луѓе.
За жал, трговијата со деца значи трагичен крај на детството и го лишува она што секое дете треба да го има. А, тоа е нивната иднина.
БИРН: Како „функционира“ трговијата со луѓе во Македонија?
Јовановска: Kај вкупниот број жртви на кои Отворена порта им има обезбедено помош и поддршка, најголемиот дел од регрутерите им биле познати на жртвите. Односно, 40 отсто од жртвите биле регрутирани од членови на семејството или од блиски роднини. Додека 35 отсто биле регрутирани од пријатели.
Регрутерите користат најразлични методи за да ги вовлечат жртвите во синџирот на трговија со луѓе. Преку понуди за работа, претставување како лажни пријатели или како лажен дечко за да добијат доверба кај жртвата. А, во поново време, застапено е и запознавањето на младите преку социјалните мрежи, како што се Месинџер, Инстаграм, Тиндер…
Во нашата држава веќе е идентификуван еден случај на онлајн-експлоатација пред две години, токму од најранливата група на категорија – дете на 14-годишна возраст.
Тоа било мета на онлајн-предатор уште на деветгодишна возраст. Случајот е со меѓународен размер, бидејќи предаторите се од повеќе балкански држави, кои биле поврзани во цела една балканска мрежа каде што го експлоатирале детето.
Преку лажен профил со кој се има претставено регрутерот, фактички трговецот со луѓе, користи најразлични алатки преку кои детето има праќано порнографски слики, го има терано на најразлични сексуални самозадоволувања и сл. Сите тие материјали потоа ги има ширено низ целата балканска мрежа.
БИРН: Во последниот годишен извештај за трговија со луѓе на Соединетите Американски Држави се наведува дека земјата не ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговија со луѓе, иако се забележуваат напори. Кои мерки македонските институции треба итно да ги спроведат?
Јовановска: Владата покажа севкупно зголемени напори во споредба со претходниот период. Но, остануваат предизвиците, како што се недоволни ресурси за обвинителствата за организиран криминал и корупција, неконзистентно пријавување на потенцијалните случаи на трговија со луѓе, ограничено финансирање на засолништето и мобилните тимови, кои ги идентификуваат жртвите, потреба од подобар скрининг од страна на локалната полиција и граничната полиција.
За да се зајакнат напорите за справување со трговија на луѓе, во Македонија, од клучно значење е енергично да се истражат и да се гонат трговците со луѓе, вклучително и службеници-соучесници. Треба да се обезбедат доволно ресурси за задоволување на сите потреби што се однесуваат на работа на Центарот за жртви од трговија со луѓе, како и на мобилните тимови.
А, потоа да имаме проактивна идентификација на жртвите и доследен скрининг на различните популации што се од суштинско значење.
Сите ние сме потенцијални жртви на трговија со луѓе. И многу е лесно на некаков начин да бидеме изманипулирани, и одвлечени во мрежата на трговијата со луѓе.
Она што е важно е да се вклучат што повеќе актери во идентификацијата, како што се трудовите инспекторати, здравствениот и образовниот кадар и секако јавноста, за да можат жртвите навремено да бидат упатени до системот на заштита и да се осигури ефикасен прогон на сторителите.