Регион

Каде одиш Аида

Филм за борбата на една мајка, да се преживее геноцидот во Сребреница

“Европа, Босна, јули 1995 година“.

Ова се зборовите со кои почнува играниот филм, „Quo Vadis, Aida?“, на режисерката, Јасмила Жбаниќ, кој зборува за Аида, жена од бошњачка националност,  (ја игра Јасна Ѓуричиќ), преведувачка на Обединетите нации во Сребреница, која, во јули 1995 година, по падот на градот во рацете на силите предводени од генералот Ратко Младиќ (го игра Борис Исаковиќ), се обидува да го спаси своето семејство.

За разлика од претходните филмови на Јасмила Жбаниќ, кои главно се занимаваат со воени прашања од постконфликтна перспектива, оваа приказна се случува во четвртата година од конфликтот во Босна и Херцеговина, четири месеци откако политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, ја потпиша таканаречената „Директива 7“, со која на своите сили им нареди „создавање на услови на тотална несигурност, неподносливост и безнадежност за понатамошен опстанок и живот на локалното население во Сребреница и Жепа“.

Директивата беше реализирана со операцијата на Војската на Република Српска (ВРС), „Криваја ’95“, која резултираше со масакри на повеќе од 7.000 мажи и момчиња, Бошњаци, од Сребреница.

Многу филмови се фокусираат на војната во Босна и Херцеговина, но „Quo Vadis, Aida?“ е првиот игран филм кој се занимава со геноцидот во Сребреница, а неговата проекција се совпаѓа со годината во која се одбележува 25-годишнината од масакрот, што внесува уште поголема симболика.

„Quo Vadis, Aida?“ е баланс помеѓу автентичноста – филмот во голема мера ги прикажува утврдените судски факти за геноцидот во Сребреница – и уметничката потреба да се испрати силна порака. Жбаниќ користи ликови низ кои се прикажани вистински луѓе, како Ратко Младиќ или командантите на ООН, Томас Кареманс и Роберт Франкен, но, исто така, создава и други кои ја носат судбината на илјадниците Бошњаци кои страдаа во Сребреница.

Ова, сепак, не е типичен воен филм, туку лична драма за една мајка која се обидува да ги спаси своите деца.

Како што сугерира самиот наслов, „Quo Vadis, Aida?“ („Каде одиш, Аида?“), филмот го карактеризира движење: Аида талка низ базата на холандските мировници на ООН во Поточари, крај Сребреница, која на Бошњаците, кои се обидуваа да избегаат од ВРС им беше собирно место, одејќи од еден холандски офицер до друг, барајќи помош за сопственото семејство и за другите преплашени цивили.

Нејзиното движење завршува кога ВРС ги зема нејзиниот сопруг и двајцата синови, а холандските војници не ѝ дозволуваат да им се придружи.

Пишувајќи за филмот за американското списание „Variety“, Џесика Кјанг го споредува „Quo Vadis, Aida?“ со филмот „Изборот на Софи“, драма од 1982 година која говори за мајка на две деца, која е затворена во нацистички логор и мора да избере кое од нејзините две деца ќе преживее.

Во филмот на Јасмила Жбаниќ, во моментот кога Аида ги гледа своите најблиски за последен пат, пред тие да бидат предадени во рацете на ВРС, таа ги моли холандските војници да спасат барем еден од нејзините два сина.

Страв и негирање

Сцена од филмот. Фото: deblokada.ba

„Quo Vadis, Aida?“ воедно, покажува дека геноцидот не се случува во вакуум – неговите сведоци и извршители, но исто така и оние што стојат настрана и само гледаат како се случува, се таканаречени „нормални“ луѓе.

Во филмот се прикажува сцена на стрелање на група Бошњаци од Сребреница, во тамошното основно училиште, додека деца играат фудбал во неговиот двор, а нивните родители уживаат во жешкиот летен ден на своите балкони. Соседите на убиените се однесуваат како да не се случува ништо или од позиција на страв или негирање, гледаат на тоа поинаку.

Во заднина има малку музика, само звуци на војна, сè до делот од филмот што го прикажува периодот по војната, кога Аида се враќа во родната Сребреница за да работи како учителка и подготвува приредба, во рамките на која, како симболична сцена, нејзините ученици ги држат дланките на нивните очи, додека нивните родители, од кои некои се воени злосторници, седат во публика и ги гледаат.

Оваа сцена нагласува како сторителите нa злосторствата го продолжиле својот слободен живот и поминале неказнето, додека другите ги затвораат очите пред вистината – но исто така и како училиштата не треба да бидат место каде што луѓето се убиваат, туку место каде се стекнува знаење, се учи историја и меѓусебно почитување.

Ликот на Аида ги претставува сите мајки на жртвите од Сребреница и е посветен на Мајките на Сребреница, здружение кое обединува преживеани и членови на семејствата на убиените и исчезнатите во 1995 година.

И покрај ова, 25 години по Сребреница, негирањето е широко распространето во регионот. Вистината потврдена од меѓународните и од судовите во земјите на поранешна Југославија, никогаш не стана официјална вистина во регионот.

На социјалните мрежи, но и во провладините медиуми во Република Српска и во Србија, уметниците кои учествуваат во проекти кои се занимаваат со помирувањето, честопати се нарекуваат предавници.

„Што тие ни направија?“ е сè уште јадрото на доминантниот наратив, а „Quo vadis, Aida“ веќе се етикетира како антисрпска пропаганда.

Но, овој филм тоа не е. Тој е многу храбро достигнување, кое, како и сцената во училиштето, се обидува да укаже на ужасот од геноцидот во Сребреница и на фактот дека некои сторители сè уште не се казнети, со што им се сугерира на гледачите да не ги затвораат очите пред вистината.

„Quo Vadis, Aida?“ ја имаше својата онлајн премиера минатата недела во киното „Meeting Point“ во Сараево, и ќе може да се следи до 3 јануари 2021 година.

Овој филм е  прикажан и на 10-ти декември, на филмскиот фестивал за човекови права „УБРЗАЈ“ во Црна Гора, на Меѓународниот ден на човековите права.