Кадри Весели, за време на неговото прво појавување пред Специјализираните совети на Косово (ССК), денеска изјави дека не е виновен за воени злосторства и злосторства против човештвото.
„Дозволете ми, со целосно уверување, да кажам дека не сум виновен за ниту едно од обвиненијата“, нагласи Весели на подготвителното рочиште.
Весели е обвинет, заедно со Хашим Тачи и уште двајца поранешни припадници на ОВК, за низа злосторства, кои вклучуваат незаконско затворање, тортура, убиства, присилно исчезнување и прогонство, извршени „најмалку од март 1998 до септември 1999 година“.
Во обвинението се тврди дека тие биле дел од заеднички злосторнички потфат, со цел преземање на контролата над цело Косово, користејќи средства кои вклучувале „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.
Најголемиот број злосторства биле извршени во центрите за притвор во Косово и во два округа во Албанија, Кукс и Хас.
Адвокатот на Весели, Бен Емерсон, цитираше дел од изјавата дадена од обвинетиот при неговото апсење, во која тој истакна дека ССК се основани според косовски закон и дека, како што нагласи, „судиите ќе донесат праведна одлука“.
„Овој трибунал е дел од патот кон државноста и ние мора да го поддржиме до крај“, рече тој пред т.н. Специјален суд, преку видеоврска.
Весели, до последните избори, беше претседател на Собранието на Косово и претседател на ДПК. Тој сè уште официјално не поднел оставка на функцијата пратеник во Собранието.
Тачи, кој беше политички водач на ОВК за време на војната, минатата недела, откако обвинението против него беше потврдено, се повлече од функцијата претседател. Тој вчера пред судот изјави дека не е виновен по обвиненијата.
Поранешниот портпарол на ОВК, Јакуп Красниќи, кој вчера, исто така, се појави во судницата на ССК, рече дека не е виновен.
За утре е најавено првото појавување на четвртообвинетиот поранешен припадник на ОВК, Реџеп Селими, шеф на пратеничката група на најголемата опозициска партија во Косово, движењето Самоопределување (Ветевендосје).
ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-2000 година. Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар.
Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека косовскиот судски систем не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.
Албанците во Косово, Специјалниот суд го сметаат за навреда на војната на ОВК, за ослободување од српското владеење.