Регион

Како Додик го протурка законот за контрола на невладините и на медиумите

На мета се организациите и новинарските редакции што известуваат критички

Раководството на Република Српска усвои закон со кој се засилува контролата врз невладините организации и медиумите, охрабрено од мерките на Доналд Трамп против УСАИД, во момент на политичка бура предизвикана од пресудата против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.

Само еден ден откако пратениците во овој претежно српски ентитет го усвоија т.н. закон за „странски агенти“, даночни инспектори се појавија во канцелариите на „Капитал“, информативниот портал што критички известува за работата на владата на Република Српска.

Законот за специјален регистар на невладини организации беше еднa од четирите нови регулативи што минатата недела беа усвоени по брза постапка, со кои претседателот на Република Српска, Милорад Додик, мотивиран од пресудата, премина во офанзива.

Обидите на Додик да ги замолчи невладините и медиумите што откриваат корупција и промовираат транспарентност и владеење на правото, временски се совпаѓаат со затворањето на УСАИД

Додик беше бесен зашто државниот суд на Босна и Херцеговина го осуди на една година затвор и му изрече шестгодишна забрана за вршење претседателска функција поради непочитување на високиот претставник, меѓународниот службеник задолжен за следење на поствоениот мировен договор во Босна.

Претходно, обидите на Додик за ограничување на граѓанското општество и независните медиуми наидоа на критики од западните амбасади. Овојпат, во сенка на бурните реакции околу неговата пресуда, реакциите речиси и да не постоеја.

Уште пред да биде усвоен законот, провладините медиуми ги нарекуваа невладините и критичките медиуми непријатели, платени од странство за да работат против Република Српска.

Сега, адвокатот Дејан Лучка предвидува дека овие остри зборови ќе бидат проследени и со конкретни мерки.

„Ќе биде значително, а можеби и радикално намален просторот во кој слободно функционираат граѓанското општество и независните медиуми“, предупреди тој.

Обидите на Додик да ги замолчи невладините и медиумите што откриваат корупција и промовираат транспарентност и владеење на правото, временски се совпаѓаат со затворањето на американската агенција за меѓународна помош УСАИД.

Трамповата наредба за замрзнување на финансирањето охрабри и други авторитарни лидери низ светот да дејствуваат против невладините.

Ден по усвојувањето на Законот за специјален регистар на невладини организации, Додик изјави дека законот ќе овозможи да се види како се трошеле парите на УСАИД во Република Српска и дали невладините организации плаќале данок.

„Ќе бараме извештаи и ќе испраќаме инспектори за контроли. Сите компании се предмет на инспекции, па зошто да не бидат и невладините?“, изјави Додик во интервју за јавниот сервис на Република Српска, РТРС.

Тој потсети на острите реакции при претходните обиди за донесување на „законот за странски агенти“, вклучувајќи ја и критиката од американската амбасада, опозициските партии во Република Српска и во Европската Унија.

Овојпат, реакциите беа послаби или, пак, не се слушнаа од вревата околу пресудата против Додик и уличните протести што ги организираа неговите поддржувачи.

„Слободно можеме да возвратиме“

Овој пат Додик не се соочи со силни критики за законот за „странски агенти“ | Фото: Претседател на Р. Српска

За време на собраниската дебата, некои опозициски пратеници предупредија дека измените на Кривичниот законик, со кои се криминализира клеветата, претставуваат вовед во сузбивање на медиумските слободи.

Министерот за правда на ентитетот, Милош Букејловиќ го негираше тоа, тврдејќи дека законот и натаму им гарантира на медиумите „слобода во сите области што се однесуваат на науката, културата, социјалната заштита и спортот.“

„Никој не ограничува, ниту спречува која било непрофитна организација да добива средства од странство. [Но] ќе реагираме кога тие организации ќе дејствуваат спротивно на Уставот и законите на Република Српска“, додаде Букејловиќ.

Властите на Република Српска ги негираат тврдењата дека вистинската цел е замолчување на критичките гласови, особено во медиумите.

Сепак, Додик навести дека медиумите што придонеле луѓето како него да завршат на црните листи, би можеле да станат мета.

Во изминатите неколку години, САД воведоа санкции против Додик и други поединци и компании од Република Српска по различни основи, најчесто поради корупција или поддршка на неговите сепаратистички амбиции.

„Соединетите Американски Држави ќе продолжат да таргетираат и да промовираат одговорност за тие што ја олеснуваат корупцијата на Додик и овозможуваат неговите напори да спроведува дестабилизирачки активности во Босна и Херцеговина“, објави Државниот секретаријат на САД во декември 2024 година.

Додик предупреди дека на медиумите, кои му наштетиле, можеби нема да им биде простено.

„Тие се слободни да прават што сакаат. Но, и ние сме слободни да ги користиме нашите права да возвратиме“, изјави тој.

Факторот Трамп

Граѓанските организации во Бања Лука, административниот центар на Република Српска, дадоа заедничка изјава во која велат дека со усвојувањето на законот, владата создаде предуслови за систематско прогонување на критичките гласови.

Тие истакнаа дека институциите сега можат да ја контролираат финансиската и другата работа на невладините и дека законот е еден вид одмазда за пресудата против Додик изречена од државниот суд.

Истакнаа и дека организациите што се делумно или целосно финансирани од странство ќе бидат присилени да се регистрираат како „странски агенти“, додека владата на Република Српска, која, исто така, добива странско финансирање, ќе биде изземена од оваа обврска.

„Некои ја видоа победата на Доналд Трамп и неговите потези како шанса [за Додик] да стане ‘наш локален Трамп’“

„Законот претставува закана што може да го уништи просторот за јавна дебата, активизам и критики на владата од страна на невладините организации“, изјави адвокатот Лучка.

Тој тврди дека им се дава на властите „механизам на репресија, кој дозволува некој вид селективно таргетирање.“

Иако фокусот е врз политичката активност на невладините организации, законот може да го загрози и еколошкиот активизам по прашања какви што се отворањето нови рудници за јаглен или за литиум. Додик претходно изјави дека „т.н. еколошки активисти“ ги спречуваат инвестициите што би ѝ користеле на Република Српска.

Политичката аналитичарка од Бања Лука, Тања Топиќ коментира дека владата на Република Српска го искористила поволниот момент, откако Трамп ја таргетираше УСАИД.

„Некои ја видоа победата на Доналд Трамп и неговите потези како шанса [за Додик] да стане ‘наш локален Трамп’“, изјави Топиќ.

Американската амбасада во Сараево, под администрацијата на Џо Бајден, силно го критикуваше претходно предложениот „закон за странски агенти.“

Сега, откако Собранието на Република Српска ги усвои четирите закони, амбасадата го осуди „кршењето на Дејтонскиот договор од 1995 година, кој ја заврши војната од 1992-1995 во Босна.“

„Ние ги осудуваме неуставните и антидејтонски закони што ги усвои Собранието на Република Српска. Очекуваме локалните лидери веднаш да престанат со активности што го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор, согласност и уставниот и правен поредок“, изјави американската амбасада на Фејсбук.

Но, додека амбасадата го осуди усвојувањето закони што ја загрозуваат стабилноста на Босна, таа не беше толку експлицитна во врска со „законот за странски агенти“, како што беше под администрацијата на Бајден.

Експертите веруваат дека придушената меѓународна критика за законот ја одразува актуелната политичка нестабилност во Европа предизвикана од стратешките промени во надворешната политика на Америка што ги прави администрацијата на Трамп.