Загреб
Со своите националистички ставови, фактички грешки, недостиг на академски референци и неспомнати факти за историјата од Втората светска војна, Википедија на хрватски јазик не е веродостоен извор, велат аналитичари за БИРН.
Според критичарите, написите кои се однесуваат на профашистичкото усташко движење од Втората светска војна и на неговите злосторства, особено не се веродостојни, идеолошки преоптоварени и непрецизни и тоа води до минимизирање на злосторствата.
Најјасен пример за ова е текстот на Википедија за најголемиот усташки концентрационен логор во Хрватска, Јасеновац. Насловот на овој текст во хрватската верзија е „Собирен логор Јасеновац“, израз кој нема толку негативна конотација како изразот „концентрационен логор“.
Според податоците од Меморијалниот центар Јасеновац, усташите во овој логор помеѓу 1941 и 1945 година, убиле над 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.
Тоа бил концентрационен, но и работен логор – работа која физички ги исцрпувала затворениците, кои, како последица на исцрпеноста, умирале, но и логор на смртта, бидејќи голем број од нив, веднаш или набргу по нивното пристигнување во логорот, биле погубувани.
Хрватските десничари често овој логор го нарекуваат „собирен“, „работен“ или „казнен“ логор.
На другите јазици – англиски, француски, германски, италијански, шпански и руски – во насловот на овој текст стои дека тој бил концентрационен логор или логор за истребување.
Но, на хрватски јазик, дури и за најголемиот нацистички логор на смртта, Аушвиц, во насловот се вели, „Собирен логор Аушвиц“.
Хрвоје Класиќ, историчар на Филозофскиот факултет во Загреб, за БИРН вели дека „постои голема разлика“ меѓу англиската и хрватската верзија на Википедија.
Тој објаснува оти понекогаш, своите студенти ги упатува да погледнат во Википедија на англиски јазик, доколку статијата има многу академски и научни референци.
„Никогаш не би ги упатил студентите на хрватската верзија на Википедија, ако сакаат да научат нешто за хрватската историја. И самиот сум видел дека голем број на статии и теми се уредени на целосно ревизионистички начин, со исклучително националистички акцент и, се осмелувам да кажам, со проусташко чувство“, вели Класиќ, алудирајќи на текстовите за Втората светска војна, за социјалистичка Југославија и за војната во Хрватска од деведесеттите години.
Текстот за логорот Јасеновац на англискиот јазик има 187 референци, 37 препораки за книги и 2 за академски статии, додека хрватската верзија има 57 референци, од кои голем дел водат кон десничарски медиуми и приватни блогови, и има само три препорачани врски за книги.
Класиќ нагласува дека иако Јасеновац делумно бил работен логор, да се зборува за него само како таков логор, е погрешно.
„Ова е исто како да сум напишал книга за Третиот Рајх, во која едноставно наведувам дека во текот на овој период дошло до зголемување на вработеноста и на индустриското производство, што довело до подобрување на животниот стандард на граѓаните. Тоа е точно, ако го исклучите сето она што се случувало со другите, кои не биле сметани за дел од германската нација“, додава тој.
Тој истакна дека да се зборува за Јасеновац, само како собирен или работен логор, значи да се употребува реториката на усташката пропаганда, која јавно не ги спомнувала убиствата во логорот. Сето ова ги минимизира злосторствата извршени таму, вели Класиќ.
БИРН побара коментар од администраторот на хрватската верзија на Википедија, но не добивме одговор.
Во делот за дискусии за текстот за Јасеновац, каде што читателите можат да поставуваат прашања до администраторите, уште во 2012 година е поставено прашање во врска со употребата на терминот „собирен логор“.
Администраторот, кој го користи псевдонимот Брзиот Гонзалез (SpeedyGonsales), одговорил дека Независната Држава Хрватска, НДХ, за Јасеновац официјално го употребувала терминот „собирен логор“ и дека терминот „концентрационен логор“ бил само „колоквијалност“.
„Без валидно објаснување, не гледам причина да се прави фактичко и јазично насилство над статијата, во полза на колоквијалноста. Википедија е енциклопедија, да ги почитуваме енциклопедиските начела“, одговара Брзиот Гонзалез.
Горан Хутинец, историчар на Филозофскиот факултет во Загреб, вели дека проблемот лежи во фактот што официјалното име на Јасеновац „не ја опишува и функцијата на овој логор“.
„Изгледа дека некој не знае дека терминот што се користел тогаш (собирен логор) можеби нема исто значење и денес. Мислам, тој делумно ја имал таа функција … но очигледно не е била само таа функција“, вели Хутиниц за БИРН.
Тој додава дека во Јасеновац биле привремено притворани политички затвореници, како што бил хрватскиот политичар, Влатко Мачек, кој, откако поминал пет месеци во Јасеновац, бил ослободен, но оти бил и место за егзекуција на луѓе „кои и не стигнале да влезат во логорот по нивното пристигнување, а веќе биле брзо префрлени на локации за убивање“.
Хутинец нагласува дека Аушвиц имал „десет различни намени за кои бил користен“, меѓу другото, служел и како логор на смртта, и како работен логор. Истото може да се каже и за Јасеновац и за другите логори од Втората светска војна, кои што ги воделе усташите.
Тој истакнува дека хрватската верзија на Википедија има „многу недостатоци, фактички грешки и оти користи идеолошки јазик“, во споредба со англиската и германската верзија.
Страницата за Јасеновац содржи и други спорни делови.
Речиси 40% од напишаното за Јасеновац се однесува на листата со поединечни имиња на жртвите во логорот, на Меморијалниот центар Јасеновац, за која се вели дека е невистинита.
Се нагласува дека се манипулира со бројот на убиени луѓе. Исто така, се истакнува дека Јасеновац бил логор кој по Втората светска војна го користеле комунистите, иако не постојат валидни историски докази за тоа.
Во овие пасуси, хрватската верзија главно се фокусира на многу контроверзната невладина организација од Загреб, „Друштво за истражување на тројниот Јасеовац“, која најчесто инволвира лица кои не се професионални историчари, кои проценуваат дека бројот на жртви е помал од 1.500, што е значително помала бројка од која било досега наведена од некој историчар.
Во текстот за Јасеновац во хрватската верзија, на Игор Вукиќ, секретар на „Друштвото за истражување на тројниот Јасеовац“, кој инаку е професионален новинар, му се дава ист кредибилитет како на професионалните историчари.
Англиската верзија ги спомнува несогласувањата околу бројот на жртви во логорот, нудејќи бројки што ги дале бројни историчари, демографи и други лица, но не наведува дека со бројот на жртви се манипулира, ниту, пак, дека наводно, по завршувањето на војната, комунистите го користеле овој логор, како што наведува „Друштвото за истражување на тројниот Јасеовац“.
Наместо тоа, во англиската верзија многу повеќе се опишуваат условите за живот во логорот, масовните убиства кои биле извршени таму и бројката на луѓе донесени во Јасеновац, кои биле „на распоред за систематско истребување“.
Во описот на условите, злосторствата и убиствата во логорот, во хрватската верзија е даден цитат на поранешен затвореник и дополнителна реченица.
Посебна разлика кај хрватската верзија може да се види во делот кој се однесува на усташкото минато, односно на лидерот на ова движење, Анте Павелиќ.
„Анте Павелиќ … бил хрватски фашистички генерал и воен диктатор кој во 1929 година ја формирал и предводел ултранационалистичката фашистичка организација наречена усташко движење и управувал со НДХ, фашистичка и нацистичка марионетска држава, која произлегла од Југославија, со поддршка на властите на нацистичка Германија и фашистичка Италија“, се вели во првата реченица од англискиот текст.
Во втората реченица се спомнуваат големите злосторства над Србите, Евреите, Ромите и антифашистите.
Во хрватската верзија, пак, Павелиќ се опишува како „хрватски политичар, адвокат, лидер и основач на усташко движење и водач на НДХ“.
Кој е сопственик на Википедија на хрватски јазик?
Фондацијата Wikimedia Foundation Inc, непрофитна хуманитарна невладина организација од САД, е сопственик на хрватската верзија на Википедија.
Сепак, таа не е нејзин основач, ниту пак ја прифаќа одговорноста за точноста на објавените текстови. Фондацијата вели дека тие немаат никаква моќ над текстовите на хрватски јазик, кои се објавени на Википедија.
Сите администратори и соработници на Википедија на хрватски јазик се волонтери.
TВо англиската верзија им се дава многу повеќе простор на злосторствата што ги извршил режимот на Павелиќ и на неговата диктаторска природа.
Исто така, врзано за усташтвото, во текстот за хрватскиот режисер, Јаков Седлар, во хрватската верзија не се спомнуваат контроверзиите околу неговиот документарен филм за логорот, насловен како „Јасеновац – вистината“.
Филмот, премиерно прикажан во Загреб во април 2016 година, е остро критикуван заради минимизирање на злосторствата извршени во логорот.
Иако во хрватската верзија воопшто не се спомнуваат, во англиската верзија има цел дел со наслов „Контроверзии“, како и посебен текст за филмот, во кој се спомнати сите наводни докази кои Седлар ги користи и кои се спорни.
Хрватската верзија, не ги спомнува ниту другите контроверзни јавни личности.
Во делот за поранешниот министер за култура, Златко Хасанбеговиќ, во хрватската верзија воопшто не се спомнуваат информациите што ги откри неделникот „Новости“, дека Хасанбеговиќ во 1996 година напишал статија во месечното профашистичко списание „Независна Држава Хрватска“, во која усташите ги нарекува „жртви и маченици“. Википедија на англиски јазик го спомнува ова и нуди линк за повеќе информации.
Во текстовите на Википедија на хрватски јазик, голем дел од фокусот е ставен и на јавните левичарски личности.
Така, во статијата со наслов „Левиот екстремизам во Хрватска“, активистката за човекови права, Весна Тершелиќ, лидерот на Србите во Хрватска, Милорад Пуповац, и некои антифашистички организации, се нарекуваат застапници на екстремизмот, кои ги блокираат обидите за справување со злосторствата на комунизмот.
Некои соработници на Википедија на хрватски јазик, отидоа предалеку, а администраторите кои ги одобрија овие текстови, требаше да интервенираат и да ги изменат.
Кога во јануари почина Предраг Луциќ, новинар, уредник, писател и еден од основачите на легендарниот „Ферал трибјун“, првичниот текст кој беше објавен на Википедија на хрватски јазик, содржеше навредлив опис на неговите достигнувања.
„Со потсмев кон политичките неистомисленици, тој постигна завиден успех кај југоносталгичарите, обожавателите на комунизмот и противниците на независна Хрватска. Од сериозните новинарски дела, не постои ниту едно, за кое културната критика би дала преодна оценка“, пишуваше во тој текст.