Режимот на Радован Караџиќ не беше тоталитарен како нацизмот или сталинизмот; но беше режим кој исклучиво постоеше зараду убивање – физичко уништување на несрпското население, поточно, на босанските муслимани.
Дозволете ми од пресудата на Караџиќ да цитирам опис на некои од настаните што се случија за време на војната во Рогатица, источна Босна:
„Ноќе, војниците удираа по ѕидовите и насилно отвараа врати, ги вперуваа своите светилки во лицата на затворениците, избираа по случаен избор жени и девојки, велејќи дека ќе бидат одведени на сослушување, а ги носеа на силување. Другите затвореници можеа да ги чујат жените и девојките како врескаат барајќи помош. Жени и девојчиња, дури од 7-годишна возраст, и едно 13- годишно момче, речиси секоја вечер во период од два и пол месеци, биле земани од училница и силувани од страна на полицајци и војници, кои го чувале логорот”.
Пресудата, доживотен затвор, што минатиот месец во Хаг му беше изречена на клучниот архитект на геноцидот во Сребреница, е добредојден чекор; симболиката е важна. Но, таа, во крајна линија, не значи ништо, бидејќи Караџиќ ќе го надживее неговото животно дело. Неговиот единствен придонес во геноцидот е што тој, речиси самостојно, обезбеди одржливост на геноцидот, обликувајќи го како јавно добро.
Караџиќ не е маргинална фигура на крајната десница. Тој беше во центарот на едно широко националистичко движење, кое настојуваше да ја спроведе геноцидната стратегија за отстранување и уништување на несрпското население на територијата во Босна и Херцеговина, која денес е позната како Република Српска.
Во телефонски разговор со Караџиќ, Добрица Ќосиќ, познат српски националист, а подоцна и претседател на Сојузна Република Југославија, го истакнува централното значење на напорите на Караџиќ, за српскиот национализам:
„Вие комплетирате историскиот процес … едноставно, постојат два концепти, обединување на јужните Словени, и обединување на Србите … обединувањето на јужните Словени, историски не успеа, но не и обединувањето на Србите. Историски гледано, тоа сега ќе заврши или ќе пропадне”, рече Ќосиќ.
Повеќе од 60 отсто од Србите што живеат во Република Српска, го сметаат Караџиќ за херој, сугерира анкета на јавното мислење, нарачана од Ал Џезира Балкан во 2018 година; според анкетата што во 2012 година во Србија ја спроведе ОБСЕ, за односот кон Хашкиот трибунал и за гонењето на воените злосторства, околу 50 отсто од испитаниците веруваат дека Караџиќ и неговиот воен командант, Ратко Младиќ, не се одговорни за воените злосторства за кои се обвинети.
Можеби не можеме да ја прифатиме реалноста на оваа огромна и ентузијастичка поддршка на геноцидниот проект на Караџиќ. Но, тоа не го менува фактот дека Караџиќ треба да се смета за една од најважните личности на српската историја на 20 век.
„Ќе бидете заклани”
Централната улога на Караџиќ, во геноцидното насилство врз босанските муслимани, лежи во два преклопувачки процеси: во преконцептуализацијата на идентитетот на босанските муслимани и намерата тие да бидат уништени.
Преконцептуализацијата на идентитетот се однесува на процесот со кој одредени групи на жртви се прикажуваат како групи „надвор од политичка заедница”, како „речиси натчовечки моќен непријател чие континуираното постоење е закана за самото постоење на политичката заедница”, или парадоксално, како под или нечовечки, според политикологот Морин С. Хиберт.
Караџиќ имаше богатство од слики и наследство што можеше да ги искористи во преконцептуализацијата на босанските муслимани; од почетокот на 19 век, формирањето на Кралството Југославија, па сѐ до Втората светска војна, „муслиманите на Балканот понекогаш се сметаа како еден вид на етничка ‘петта колона’, остаток од претходната ера, која никогаш не би можела успешно да се интегрира во планираната иднина на националните држави”, пишува историчарката Кејти Кармајкл, во својата статија „Етничкото чистење на словенските муслимани и неговата улога во дискурсот на Србија и на Црна Гора од 1800-тата година”.
Исламот беше елемент на идентитетот на босанските муслимани, кој првенствено беше подложен на преконцептуализацијата. Затоа, српските елити го користеа да ги конструираат босанските муслимани како смртна закана која мора да биде физички отстранета од проектираната српската држава, што ќе биде изграден врз урнатините на Југославија.
И на почетокот, и за време на насилството, мотивот „Турчин” стана доминантен. Во мојот роден град Братунац, графитите напишани на јавниот и приватен имот, гласеа: „муслимани, балии (навредлив термин за Бошњаците), Турци – иселете се или ќе бидете заклани”. Според пресудата на Караџиќ, стражарите во логорот Лука во Брчко, ги нарекувале затворениците „турска банда, фиктивни лица, непостоечки народ”.
И кога во Зворник повеќе немаше муслимани, Дринскиот корпус на Војската на Република Српска (ВРС), кој, три години подоцна, ќе одигра клучна улога во геноцидот во Сребреница, извести дека „со доаѓањето на паравоените организации во општина Зворник, особено со доаѓањето на Аркан и на неговите луѓе, оваа територија е ослободена од Турците”.
Во извештајот на Дринскиот корпус, цитиран во пресудата на Караџиќ, се додава: “Турците чинеа 60 проценти од населението на општината и тоа сега е исчистено и заменето со етнички чисто српско население”.
Оваа намера почнала да излегува на видело кон крајот на 1991 година, преку, како што во својата книга за Караџиќ нагласува Роберт Дониа, „дискурсот на исчезнувањето”. Во телефонските разговори со своите пријатели и сојузници, кои ги пресретнала службата за безбедност на Босна и Херцеговина, Караџиќ ‘уживал’ во претстојното „исчезнување” на муслиманите.
„Тие мора да знаат дека околу Сараево има 20.000 вооружени Срби, но тоа не е нормално, тие ќе исчезнат. Сараево ќе биде казан во кој ќе изгинат 300.000 муслимани. Па, ти не се нормални”, вели тој, во еден телефонски разговор.
„Тие не се нормални. Не знам, јас сега ќе мора отворено да им кажам, луѓе не се зезајте, во Босна и Херцеговина има три, четири стотини илјади вооружени Срби. Што мислите … не сфаќаат дека ќе дојде во крвопролевање и дека муслиманскиот народ ќе биде истребен“.
Неколку дена по овој разговор, Караџиќ, на седница на Собранието на Република Босна и Херцеговина, идентично се закани: „Немој да мислите дека нема да ја однесете Босна и Херцеговина во пеколот, а муслиманскиот народ можеби во исчезнување, бидејќи муслиманскиот народ не може да се одбрани во случај тука да има војна”.
Караџиќ, исто така, имаше централно место во геноцидниот потфат во организациски поглед. Иако геноцидната визија на неговиот режим, беше јасна од шестте „Стратешки цели на српскиот народ”, кои беа усвоени од Собранието на Република Српска на 12 мај 1992 година, нацртот на геноцидот беше изложен во помалку познатото „Упатство за организирање и делување на органите на српскиот народ во Босна и Херцеговина во вонредни околности“, колоквијално познат како документ „Варијанта А“ и „Варијанта Б”, кој го изработи врвниот ешалон на Српската демократска партија на Караџиќ.
Документот беше од клучно значење за почеток на геноцидот: прво, со него беа дадени инструкции за серија локални и регионални „државни удари“, за преземање на „критичниот сегмент на државниот апарат, кој потоа би бил искористен за да се преземе контролата на владата над останатите“; второ, со него се укажува на средствата и начините за отстранување на несрпското население од областите што Србите ги сакаа за себе.
Со други зборови, Караџиќ беше централна фигура на сите аспекти на геноцидот: од концептуализација на намерата, преку преконцептуализација на група жртви, до негова организација.
Од Сребреница до Крајстчерч
Во денешната интелектуална атмосфера во која муслиманите се сметаат за „други“, со раст на крајната десница во Европа и во САД, муслиманите се претставуваат како цивилизациски непријатели, се охрабрува убиствената исламофобија, како што е примерот со масакрот во Крајстчерч, во Нов Зеланд. Придонесот на Караџиќ кон ова е немерлив.
Караџиќ беше авангарда на убиствените и распламтувачки мешавини на екстремистичките идеи, кои се нормализираа и ги зајакнаа своите текови во почетокот на 21 век. Во друг разговор со Ќосиќ, Караџиќ прорекол: „Европскиот национализам допрва ќе се распламти. Тие мислат дека поминало времето на национализмот“.
Хариз Халиловиќ, го преживеа логорот во Приедор, во 1992 година. Тој денес е професор на Универзитетот РМИТ во Австралија. Неодамна напиша дека визуелните и говорни референци за Караџиќ и за босанскиот геноцид, од екстремистичките западни десничари, не само што „откриваат постоење на разгранет меѓународен наратив за културниот и верски конфликт“, туку „исто така, вклучуваaт и заедничка методологија, во јасен напор да се создаде посакуваниот контекст за убиства“.
Со ослободувањето на „темните, непредвидливи и моќни сили“ против босанските муслимани, со „подземниот свет“ на поезијата што тој ја твореше, Караџиќ беше инструмент во трансформирањето на пејзажот на идеи на Запад, вели Халиловиќ. Масовните убијци ширум светот учат едни од други; општествените структури се трансформираат во взаемно конститутивен процес.
Караџиќ ни остави свет во кој сеќавањето е омраза, вистината е насилство, а лагата е слобода.
Иако не се разликуваат многу по својот физички изглед од европските скандинавци, Германци или Холанѓани, босанските муслимани никогаш нема да бидат доволно бели и европски, поради нивното исламско наследство. Но, ова не е бошњачки или „турски“ проблем; и другите групи се подеднакво ранливи кога се работи за дехуманизацијата и реконструкцијата на идентитетот.
Јас ја платив цената што сум „Турчин“. По повеќегодишна борба, сфатив дека геноцидната намера е во окото на гледачот и го прифатив мојот „турски“ идентитет.
Но, треба да се има предвид дека геноцидните идеологии се секогаш во потрага по нови „Турци“.
Единственото прашање е: „Кој меѓу вас е следниот ‘Турчин’?“.