Balkan Insight

Како криминалните мрежи од Албанија го освоија европскиот пазар на кокаин

Подемот на албанските групи до самиот врв на европската хиерархија за трговија со кокаин

Попладнето на 5 ноември 2020 година, двајца Албанци што живееле во Белгија размениле пораки преку Sky ECC, апликација за енкриптирана комуникација.

„Ја најдовме стоката“, напишал едниот.

Другиот одговорил: „Да… ти реков дека е таму. Најголема во историјата што влегла во Европа одеднаш – 12 тони… рекордот беше 8,7“.

Според обвинението, под „стока“ се мислело на кокаин прошверцуван од Јужна Америка.

Пораките од Sky ECC – до кои европските органи за прогон дојдоа откако апликацијата беше пробиена – денес се користат како доказ во предмет што го води Специјалната структура за борба против организиран криминал и корупција (СПАК) во Албанија.

Кокаинот важи за најпрофитабилната нелегална дрога во Европа, но неговото носење од „изворот“ до улиците на европските градови е долг и сложен процес, составен од многу делови што мора да функционираат синхронизирано.

Токму поради таа сложеност, организираниот криминал сè почесто се сфаќа како услуга што ја нудат повеќе различни актери, а не како дејствување на една единствена организација.

Денес, Албанците се меѓу водечките „даватели на услуги“ во овој бизнис и го прошириле своето влијание низ целиот синџир на снабдување со кокаин. До овој заклучок дојде БИРН по повеќемесечна анализа на судски документи од девет предмети на СПАК, како и разговори со албански и меѓународни експерти за организиран криминал, академици и обвинители.

Само во периодот од декември 2019 до март 2021 година, албански криминални групи се осомничени дека прошверцувале десетици тони кокаин од Јужна Америка во Европа, со пазарна вредност од милијарди евра.

„Албанците се една од доминантните групи во бизнисот со кокаин, ако не и најдоминантната“, вели Даниел Бромбахер, директор на Европската опсерваторија при Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал (ГИ-ТОК).

„Каменот од Розета“ за полицијата

Пристапот до апликацијата Sky ECC за истражителите се покажа како ризница на докази | Фото: Pexels

До моментот кога беше хакирана од европските полициски служби, Sky ECC беше апликацијата што криминалните групи низ Европа најмногу ја користеле. Нејзиното „отворање“ за истражителите претставуваше вистинска ризница од докази и насоки.

„Тоа е нешто слично на откривањето на Каменот од Розета за европските органи на прогонот“, изјави Бромбахер за БИРН, алудирајќи на артефактот пронајден во Египет во 1799 година, кој овозможи дешифрирање на хиероглифите.

Според белгиските власти, албанскиот јазик бил втор најчесто користен на апликацијата, наоѓајќи се веднаш по англискиот.

Доказите собрани од француските власти биле споделени со полициските и судските институции во повеќе европски земји, меѓу кои и со албанскиот СПАК.

„Користењето на податоците од Sky ECC му помогна на СПАК да развие нов, проактивен истражен модел, заснован на напредна анализа на податоци“, соопштија од СПАК во писмен одговор до БИРН.

Врз основа на овие податоци, досега се отворени околу 60 кривични постапки, а против 340 лица – сметани за дел од високоризични криминални мрежи – се изречени мерки, вклучително и притвор.

Истрагите се фокусирани на девет криминални групи, кои главно се занимаваат со шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа.

Фабијан Жила, шеф на кабинетот на главниот обвинител на СПАК, вели дека комуникациите дешифрирани од Sky ECC и од друга апликација, EncroChat, „покажуваат дека албанските криминални групи достигнале значително ниво на софистицираност.“

„Овие комуникации откриваат полухиерархиски структури, со јасна поделба на улоги, среднорочно и долгорочно планирање, како и систематска употреба на технологија за избегнување кривичен прогон“, вели Жила.

Од „извор“ до дестинација

Шверцот на кокаин нужно не подразбира физичко присуство во главните транспортни јазли. Пресретнатите комуникации од Sky ECC покажуваат дека голем број албански актери ја воделе и ја координирале криминалната активност од далечина, и на „изворот“, и на дестинацијата.

Повеќето клучни фигури, во шверцот живееле и работеле во странство, често во центри, како Дубаи, и функционирале заедно како транснационална мрежа, налик на мултинационална компанија што ангажира специјализирани професионалци.

Податоците покажуваат дека албанските шверцери не работат со само еден партнер, туку како дел од повеќе мрежи на соработка. Јазичните вештини се значајна предност.

„Просечниот албански шверцер зборува четири до пет јазици, што претставува голема предност во глобален синџир на снабдување“, вели Руџеро Скатуро, експерт за албански организиран криминал во ГИ-ТОК.

„Иако соработката меѓу Албанците и понатаму е важна, тие сè повеќе се поврзуваат и со други меѓународни актери.“

Според Скатуро, пораките од Sky ECC „покажуваат дека албанските групи контролираат конкретни сегменти од синџирот на снабдување, располагаат со финансиска моќ за корупција и инфилтрација во легалните трговски текови и имаат способност да се позиционираат уште на ‘изворот’, дејствувајќи како професионални посредници.“

„Тие јасно ја покажуваат и својата способност да комуницираат и да оперираат самостојно, иако не нужно на секоја алка од пазарот.“

Во моментов, според количествата прошверцувана дрога, предничи кланот Цела-Цопја. Според обвинението, Ервис Цела (41) од Пеќин во централна Албанија, е главниот брокер за кокаин на групата во Јужна Америка, додека Франц Цопја (36) од Елбасан ги води финансиите и логистиката во Европа.

Овој „клан“ оперира по целиот синџир на снабдување – од купување кокаин во оддалечени делови на Парагвај, до негов транспорт до европски пристаништа, како Антверпен во Белгија или Хамбург во Германија.

Во февруари 2021 година, германските власти заплениле 16 тони кокаин, за кои се тврди дека му припаѓале на кланот Цела-Цопја. Сепак, пресретнатите пораки од Sky ECC сугерираат дека групата успеала да прошверцува уште 36,4 тони кокаин во Европа, во период од само шест месеци, во 2020-2021 година, додека дополнителни 22 тони чекале во Парагвај да бидат испратени.

Жила го припишува успехот на албанските наркомрежи на повеќе фактори, меѓу кои нивното присуство во Јужна Америка, партнерствата со локалните наркокартели и контролата врз клучни сегменти од увозот и дистрибуцијата на кокаин во рамките на Европската Унија.

Друг важен фактор е нивната способност да ги поткупуваат вработените во европските влезни пристаништа и да корумпираат органи на прогонот во Јужна Америка, ЕУ и Албанија. Тие оперираат низ целиот континент – од Холандија до Шпанија, од Британија до Црна Гора.

„Овој пристап и значајните количества кокаин им овозможиле да влијаат врз стабилноста на снабдувањето, квалитетот на производот на пазарот и, следствено, врз конечната цена на локалните или регионалните пазари во земјите каде што се најактивни“, изјави Жила за БИРН.

Италијанската врска

Односот меѓу италијанската и албанската мафија еволуираше од менторство во партнерство | Фото: Pexels

Експертите велат дека Албанците се искачиле на врвот „возејќи се на брановите“ на италијанската мафија. Токму калабриската мафија, ’Ндрангета, го трасирала патот кон Јужна Америка, а многу албански шверцери – вклучувајќи ги и Цела и Цопија – ги почнале своите кариери во Италија.

Надвор од Јужна Америка, ’Ндрангета помогнала да се прошири влијанието на албанските групи и во Западна Африка, давајќи им пристап до инфраструктурата и контактите што таму ги воспоставила. Истовремено, Албанците ја користеле и калабриската дијаспора во Германија, Холандија и во Белгија за да ги прошират своите операции.

„Типичниот профил на уапсен албански шверцер е маж во четириесеттите години, со најмалку пет до петнаесет години престој во Италија и силни врски со земјата“, вели Скатуро.

Според д-р Ана Серџи, професорка по социологија на правото и девијантноста на Универзитетот во Болоња и авторка на повеќе книги за мафијата и организираниот криминал, албанските и италијанските криминални групи во последните две децении значително ја продлабочиле соработката.

„Односот еволуираше од менторство во интегрирано партнерство, при што албанските групи денес самостојно преговараат со јужноамериканските извори, додека се координираат со италијанските дистрибутери“, вели Серџи.

„Нема операција поврзана со дрога во Италија, а да се однесува на ’Ндрангета, која нема албанска или западнобалканска врска како партнер.“

Сепак, разликите остануваат.

„Албанските организирани криминални групи функционираат како децентрализирани, проектно ориентирани мрежи со брза приспособливост, додека италијанските организации задржуваат хиерархиски, територијално засновани структури со длабока политичка инфилтрација“, изјави Серџи за БИРН.

„Двете користат енкриптирани комуникации (Sky ECC), но албанските мрежи покажуваат поголема оперативна брзина и географска флексибилност, додека италијанските, односно калабриските, се повеќе врзани за одредени традиционални норми.“

„Географски предности“

Пристаништето во Драч, Албанија | Фото: Ненси Богдани/БИРН

Проширувањето на пазарот на кокаин во Европа е поттикнато од значителното зголемување на производството и понудата од Јужна Америка, особено по 2016 година.

По мировните договори со герилците во Колумбија, одгледувањето кока се зголемува континуирано, особено во Колумбија, додека останува релативно стабилно во земји, како Перу и Боливија. Тоа доведе до прекумерно производство на кокаин, што се одрази со пад на цените во земјите на потекло.

Албанските криминални групи не го контролираат нужно целиот синџир од почеток до крај, туку обезбедуваат специјализирани услуги и играат различни улоги по должината на синџирот.

„Повеќето европски криминални групи оперираат само во одредени сегменти – транспорт, дистрибуција или перење пари“, вели Жила.

„Кај албанските групи забележуваме вертикална интеграција, која вклучува обезбедување на дрогата во Јужна Америка, интерконтинентален транспорт, мешање и дистрибуција во Европа, како и перење на приходите во Албанија или во други земји.“

Бромбахер додава: „Затоа ќе најдете албански актери на клучни точки долж целиот синџир на снабдување.“

Д-р Серџи вели дека Албанците првенствено се вклучени во трансконтиненталната логистика и пристанишните операции, додека италијанските криминални групи ги управуваат финансиите во Европа, дистрибуцијата и дел од малопродажните мрежи. Проширувањето на понудата во последната деценија ги надминало традиционалните дистрибутивни капацитети на италијанските криминални организации, создавајќи простор за други групи, меѓу кои и албанските.

„Албанските групи имаа географски предности – балкански пристаништа, дијаспорски мрежи – помала видливост за органите на прогонот и организациска флексибилност“, вели таа.

„Наместо да ги заменат италијанските криминални групи, тие пополнија специфични сегменти од бизнисот, создавајќи одржливо партнерство, а не конкуренција.“

Посебна карактеристика на албанските групи е тешкотијата за нивна инфилтрација од страна на правосудните органи, бидејќи оперираат во мали кланови од 10 до 20 членови, често засновани на семејни врски.

Перење пари во Албанија

Капиталот генериран од криминални активности се интегрира во формалната економија | Фото: Pexels

А каква е улогата на самата Албанија?

Според експертите, таа главно служи како канал за перење „валкани“ пари, со сериозни последици врз локалната економија и доброто владеење.

„Една од главните последици е заробувањето на државните институции преку системска корупција, што го ослабнува нормалното функционирање на управувањето и правдата“, вели Жила.

„Понатаму, капиталот генериран од криминални активности, кога ќе се акумулира и интегрира во формалната економија, го изобличува пазарот и економијата на земјата, создавајќи предност за криминалните групи и поткопувајќи ја легитимната конкуренција.“

Друга последица е нормализацијата на криминалот, особено во малите заедници, каде што криминалните структури имаат силно присуство.

„Сликата за владеењето на правото во очите на јавноста е нарушена, трпи ерозија на својата морална легитимност“, вели Жила.

Експертот Скатуро оценува дека влијанието на операцијата Sky ECC, иако значајно, нема да трае засекогаш.

„По 25 години албанско присуство во синџирот на снабдување со кокаин, мислам дека тие немаат причина да се грижат дека некој ќе ги замени. Нивото на софистицираност што го достигнаа одредени албански групи е ненадминато.“

„Сè додека постои потреба да се задоволи растечката побарувачка за кокаин, секогаш ќе има луѓе активни во снабдувањето.“