Анализи

Како национализмот го узурпира местото на антифашизмот во спортот на Балканот

Балканските спортисти во 30-тите и 40-тите години од минатиот век, беа подготвени да го дадат својот живот во борбата против нацизмот и фашизмот, а денес, пак, некои спортисти станаа поборници на ултранационализмот.

Филип Рудиќ, Свен Милекиќ, Младен Лакиќ | Белград, Загреб, Сараево

Кога во деведесеттите години дојде до војна и до распад на поранешна Југославија, многу истакнати спортисти отворено се свртија кон национализмот.

Ова беше зачудувачки пресврт, со оглед на антифашистичкиот став на спортистите пред и за време на Втората светска војна, кој Југословените го ценеа.

Еден од спортистите што го поддржувале антифашизмот, бил Божидар Бошко Петровиќ. Во средината на триесеттите години, Бошко бил играч на репрезентацијата на Југославија, но кога дознал дека Белградскиот спортски клуб (БСК) ќе игра фудбалски натпревар во Франција, тој го раскинал договорот што го имал и му се приклучил на БСК.

Но, оваа фудбалска ѕвезда чија кариера одела во нагорна линија, не го имала спортот на ум, кога во декември 1936 година, решила да замине во Франција.

Имено, таа година избувнала граѓанска војна во Шпанија, а Петровиќ не бил само спортист, туку бил и жесток антифашист и обучен пилот. Штом пристигнал во Париз, тој се збогувал со своите соиграчи и со фалсификуван пасош на име Фернандо Гарсија, заминал во Шпанија.

Петровиќ загинал во борба веќе следната година, а неговата фотографија се нашла на постерите за регрутирање на меѓународните бригади, велат податоците на Здружението на пензионирани воени пилоти и падобранци на Србија.

Петровиќ бил еден од многуте југословенски спортисти, кои давале поддрша на борбата против растечкото десничарско движење во Европа. Но, нивните наследници во државите што се формираа по распадот на Југославија, ја претпочитаат десничарската идеологија.

Така, во 2013 година, хрватскиот фудбалер Јосип Џо Шимуниќ, роден во Австралија, заедно со околу 20.000 навивачи, на фудбалски натпревар, го скандираше усташкиот поздрав „За дом спремни”.

Ниту неговиот селектор, ниту Хрватската фудбалска асоцијација, не го укорија поради тоа. Критики му упатија само некои локални медиуми, а кога станува збор за поддршката што Шимуниќ ја доби во јавноста, тука постоеше длабока поделба.

ФИФА му забрани на Симуниќ да игра на 10 натпревари, па тој, поради ова, не учествуваше ниту на Светското првенство во фудбал во Бразил во 2014 година. Хрватскиот суд го казни со парична казна од 660 евра, но само поради кршење на јавниот ред и мир, а не и поради говор на омраза.

Сегашната атмосфера во хрватскиот спорт, сосема е спротивна на историските активности на атлетичарот, Борис Ханжековиќ, кој го ризикувал својот живот поради поддршката на тогаш нелегалното антифашистичко партизанско движење во Загреб, кога во 1941 година, на власт дошло профашистичкото усташко движење.

Ханжековиќ, поранешен член на репрезентацијата на Југославија и носител на многу рекорди, одбил да ѝ се приклучи на репрезентацијата на профашистичката Независна Држава Хрватска (НДХ).

Поради тоа, но и поради неговите врски со партизаните, Ханжековиќ во 1944 година бил уапсен и затворен во концентрациониот логор Јасеновац, каде што бил убиен при обид на пробој од логорот.

Влијанието на менаџерите на клубовите

Милорад Вучелиќ, претседател на фудбалскиот клуб Партизан. Фото: Бета.

Божидар Јакшиќ, социолог и поранешен директор на Институтот за филозофија и општествена теорија од Белград, вели дека на порастот на национализмот кај спортистите, не влијае само поширокото општество, туку и првите луѓе на спортските клубови и здруженија.

„Можете да очекувате сешто, каде што се одговорни личности како што е Милорад Вучелиќ (претседател на фудбалскиот клуб Партизан)”, вели Јакшиќ за БИРН.

За време на војната во деведесеттите години, Вучелиќ беше член на Социјалистичката партија на Слободан Милошевиќ и генерален директор на српскиот јавен радиодифузен сервис РТС, кој беше познат по својата воено потбуцнувачка пропаганда против другите народи.

На власт во Србија во 2012 година дојде Српската напредна партија, која произлезе од Српската радикална партија, ултранационалистичкиот сојузник на Милошевиќ. Тие влегоа во коалиција со социјалистите и до денес се на чело на Србија. Со оваа партија на власт, Вучелиќ полека се врати во јавниот живот и во 2016 година стана претседател на фудбалскиот клуб Партизан, кој е во сопственост на државата.

Врската помеѓу спортот и политиката во земјите од поранешна Југославија е силна, а навивачките групи редовно предизвикуваат национални инциденти.

Национализмот во доцните осумдесетти и раните деведесетти години, стана доминантна идеологија на навивачките групи, вклучувајќи ги и групите на најголемите српски и хрватски клубови – Црвена Звезда и Партизан од Белград и Динамо од Загреб и Хајдук од Сплит.

Но, национализмот се прошири и меѓу спортистите, што стана очигледно за време на војната во Босна и Херцеговина, која што се водеше од 1992 до 1995 година.

Осудениот воен злосторник, Веселин Влаховиќ, пред војната беше професионален боксер. Судот на БиХ го осуди на 42 години затвор за бројни воени злосторства, вклучувајќи убиства, повеќекратни силувања и тортура.

Влаховиќ, познат како Чудовиштето од Грбавица, го уби Горан Ченгиќ, поранешен ракометар од Сараево и член на ракометната репрезентација на Југославија, кој во 1992 година, се обиде да го спаси својот сосед, Бошњак, од Влаховиќ, но безуспешно. Влаховиќ го убил и него.

Хашкиот трибунал и судовите во Босна и Херцеговина, за воени злосторства изрекоа повеќе од 10 осудителни пресуди против поранешни професионални спортисти, а пред локалните судови се водат и други постапки против неколку фудбалери и каратисти, кои, според интернет порталот, Босна прес, се обвинети за тепање и мачење на цивили и на воени затвореници.

Војната, исто така, влијаеше и на фудбалските клубови од БиХ. Во Мостар во 1993 година, босанските Хрвати го иселија локалниот фудбалски клуб Вележ, а на негово место дојде хрватскиот клуб Зрињски.

Играчите на Вележ, за време на Втората светска војна, беа познати како антифашисти. Седумдесет и седум играчи и претставници на овој клуб загинаа за време на војната, а девет од нив добија орден, Народен херој на Југославија.

Во тоа време, Зрињски играше во првата фудбалска лига на НДХ.

И денес, навивачката група на Зрињски, ја поддржува десничарската политика. Многу од нив, неодамна му оддадоа почит на осудениот воен злосторник, Слободан Праљак, кој, пиејќи отров, изврши самоубиство, откако неговата пресуда во жалбената постапка пред Хашкиот трибунал, во ноември 2017 година, беше потврдена.

„Притисокот на врсниците”

Српски фудбалски навивачи, му даваат поддршка на Ратко Младиќ. Фото: Бета.

Се чини дека спортистите со десничарски погледи се чувствуваат пријатно во повоената атмосфера на Балканот.

Кошаркарскиот тренер и поранешен капитен на кошаркарскиот тим на Србија, Милан Гуровиќ, има тетоважа со ликот на четничкиот водач, Дража Михајловиќ, поради што во 2004 година му беше забранет влез во Хрватска.

Четничкото движење е српско националистичко движење кое соработувало со нацистите за време на Втората светска војна. Михајловиќ е погубен во 1946 година, откако комунистите го прогласија за виновен за колаборација со фашистите и за воени злосторства. Оваа пресуда беше поништена од Вишиот суд во Белград во 2015 година.

Српскиот кошаркар, Дарко Миличиќ, самопрогласен националист, кој тврди дека не мрази никого, има тетоважи со ликовите на четничките водачи, Никола Калабиќ и Момчило Ѓујиќ.

Тој, во 2013 година, присуствуваше на настан во организација на Српската радикална партија, при што му изрази поддршка за партискиот лидер, Воислав Шешељ, кој во тоа време беше во притвор во Хашкиот трибунал, каде што му се судеше по обвиненијата за воени злосторства, од кои подоцна беше ослободен.

Сепак, не сите активни или поранешни спортисти, по деведесеттите години, промовираа националистички идеи.

Хрватскиот боксер во полутешка категорија и носител на златен олимписки медали, Мате Парлов, кој се смета за еден од најголемите југословенски спортисти, во интервју во 2004 година, го кажа својот познат став за национализмот: „Како можам да бидам националист, ако сум светски шампион?“.

Сепак, многумина во светот на спортот велат дека луѓето кои отворено ги изразуваат своите ставови како Парлов, се малцинство и дека поради атмосферата во спортот, многумина ќе бидат одвратени од ставовите против екстремниот десничарски национализам.

Поранешниот српски фудбалер, Иван Ергиќ, чија кариера траеше од 1999 до 2011 година, вели дека „фолклорниот национализам” е присутен и кај играчите, и кај навивачите.

„Ова е механизам на поврзување на луѓето преку колективна еуфорија”, изјави за БИРН Ергиќ, кој играше за репрезентацијата на Србија на Светското првенство во 2006 година.

Тој верува дека национализмот меѓу играчите главно произлегува од недостигот на политичка свест, бидејќи играчите многу рано почнуваат да тренираат и ‘заглавуваат’ во атмосферата на „конформизам”.

„Кога сте во тој колектив, постои одреден притисок од врсниците и многу е тешко, во секоја смисла, да се издвоите”, потенцира Ергиќ.

На прашањето, што би било денес со спортистите кои имаат антифашистички ставови, Ергиќ вели дека тие би се соочиле со „големи проблеми”, бидејќи „секоја форма на несогласување е тешка”.

Социологот Јакшиќ нагласува дека ваквите спортисти би биле третирани како кошаркарот, Ален Омиќ, по националност Бошњак, кого навивачите на тимот во кој што тој игра, Црвена Ѕвезда – дел од спортското друштво Црвена Ѕвезда – на натпреварот против грчкиот клуб, Олимпијакос, го „поздравија” со транспарент со национално навредлив натпис против Бошњаците.

„Може да се очекува дека денес, секој антифашист во оваа земја, ќе наиде на осуда”, заклучува Јакшиќ.

Овој текст е објавен и во двонеделниот весник на БИРН, Белград Инсајт. Текстот, на англиски јазик, можете да го прочитате и тука.