Како Онишченко ги прескокна македонските разузнавачи

Коментар на Фросина Димеска

Просто е неверојатно како е можно „големото“ име на Олександр Онишченко да се протнало на мала врата во македонските институции.

За неколку минути од кога ќе го напишете името на украинско-рускиот бизнисмен во гугл-пребарувачот, иако не сте обучен разузнавач, ќе ја прочитате големината на контроверзиите што го следат, и во неговата матична земја Украина, и во Соединетите Американски Држави.

Откако ќе направите основно пребарување на интернет, биографијата може да му ја напишете за неколку часа. Токму затоа нема многу можности да се објасни како сите тие лесно достапни информации биле невидливи за македонските разузнавачи.

Едното објаснување е дека безбедносната проверка напросто не функционира затоа што за неа се задолжени кадри што не знаат како да ги извршуваат основните работни задачи. Впрочем, не е првпат да потфрлиме како држава на елементарна проверка.

Сетете се само на случајот со Калид Ел Масри или на телефонскиот разговор со Грета Тунберг, скандали поради несоодветна реакција на тие што беа задолжени да проверат идентитет.

Другото објаснување, кое некако всушност прво паѓа на памет, е дека системот е длабоко и неповратно корумпиран. Тој што требало, знаел кој е Онишченко, но решил да сврти глава на друга страна.  

И на крај, можно е на корупцијата да ѝ помогнале елементарното незнаење и мрзливост, сидромот „не сум надлежен“ и слични локални досетки.

Како и да е, дилемите треба да ги расчисти, пред сѐ, Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Од четири институции, од кои, како што повторуваат и премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, е добиено позитивно мислење, најодговорна е АНБ.

Имено, иницијативата Онишченко да стане македонски државјанин ја потегнува Коњичката федерација, на која донекаде ѝ е дозволено и да не ја знае темната страна на новиот репрезентативец и едноставно да ја гледа само светлата. Онишченко, во 2012 година учествувал на Олимпијада, богат е и има своја ергела на исклучително скапи коњи, кои сега се натпреваруваат под македонското знаме.

Логично е Коњичката федерација да сака да остави белег во спортот што сега е во зародиш. Скап спорт резервиран главно за светската елита.

По коњичката федерација, втора институција која во февруари 2021 година дала позитивно мислење е Олимпискиот комитет, кој, пак, го интересирало само дали тој исполнува олимписки стандарди. Како трета институција мислење дава Агенцијата за млади и спорт.

Од таму, во јуни 2021 година му одговараат на МВР дека „федерацијата не доставила биографија“, но дека откако им ја доставила, виделе дека „лицето има постигнато  врвни спортски резултати во досегашните меѓународни натпревари“.

Последното мислење од институцијата што е најодговорна за проверка стигнува дури по една година, во мај 2022. АНБ повеќе од една година „проверува“ и дури тогаш праќа позитивно мислење по што владата на крајот на истиот месец го одобрува државјанството. Закажаната седница на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ може да биде и можност првиот разузнавач Виктор Димовски да даде отчет за случајот Онишченко, но само ако таа не се претвори во однапред режирани меѓупартиски препукувања.

Вака склопените документи, сите до еден со позитивни оценки и молчеливоста на владините функционери, кои, како што ни беше кажано, речиси без исклучок одлуките за доделување државјанства ги носат без дискусија, го отвора прашањето кој сѐ има македонско државјанство согласно деновиве често споменуваниот член 11 од Законот за државјанства?

Друго прашање е „што ваквиот скандал кажува за нас?“, држава која од солидарност протерува руски дипломати (како на пример во случајот со Скрипал), а сега на руски играч вмешан во американски избори и ставен на црна листа му дава закрила како на „македонски репрезентативец“, со сите граѓански права.

Ова е скандал поголем од фалсификуваните пасоши во случајот „Двојник“. Пасошите беа издавани со лажен идентитет и ќе истечат, а државјанството е вистинско, дадено од македонската влада и останува трајно. 

Оттука следи  и прашањето: „што сега?“

Уставот предвидува дека „на државјанин на Македонија не може да му биде одземено државјанството, но во законот стои дека „решението за прием во државјанство може да се поништи по врачувањето, ако се утврди дека странецот дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“.

Но, дали Онишченко дал лажни исправи? Тој аплицирал со руски пасош, затоа што украинскиот му е истечен, а враќањето за него би значело апсење и судење, но голема е веројатноста рускиот пасош да е легитимен.

Од тука нејасно е што точно мисли премиерот кога вели дека како влада ќе побараат „и други испитувања за да видат дали постојат и некакви други информации што требало да бидат замени предвид“.

Државјанството речиси е невозможно да му се одземе, но случајот Онишченко пред сите го соголи системот што очигледно не функционира, а таа информација владата веќе би требало и без испитувања да ја има предвид. И да постапи по неа.