Принстон
Се чини дека конзумацијата на историјата никогаш не била толку раширена како денес: од историски списанијае од општ интерес, преку историски драмски и документарни филмови, до историска фикција – популарната историја е, се чини, неверојатно популарна.
Еволуцијата на телевизискиот историчар го одразува овој тренд: некогаш вистинските работни историчари кои пишуваа сериозни книги гостуваа на телевизиските емисии, а денес тоа се, како што изгледа, фотогенични медиумски презентери со минимални, ако не и никакви, вистински историски квалификации.
Интересот за историјата и да се биде историчар е нешто што оди рака под рака. Според јавното мислење, историчарите се интелигентни, објективни луѓе, можеби и малку ексцентрични, кои ни кажуваат фасцинантни факти за минатото, но и важни нешта за сегашноста.
Стоејќи на раскрсницата на општествените науки, хуманистичките науки и уметноста, историчарите не ги реконструираат само приказните за обичните луѓе, туку даваат свое мислење и за современите прашања, пред се на национално ниво. И што има тука спорно?
Два настани во изминатите неколку недели во однос на сеќавањето и холокаустот во Хрватска ме наведоа повторно да размислувам за тоа – што значи да се биде историчар и како перцепцијата на историјата е променет во последниве години, особено во поранешните социјалистички земји од Централна и Источна Европа.
Прво, контроверзии предизвика пофалниот осврт на ревизионистичката студија на Игор Вукиќ за концентрациониот логор Јасеновац, „Работниот логор Јасеновац”, на колумнистот Милан Ивкошиќ, објавен во хрватскиот весник „Вечерњи лист”.
Во својата книга, Вукиќ негира дека концентрациониот логор Јасеновац, кој го воделе усташите, бил место за истребување. Тој, спротивно на ова, тврди дека Јасеновац бил место за преедукација и работен логор, во кој биле затворани само политичките непријатели на усташкиот режим и дека овој логор на затворениците им пружал не само можност да научат нови вештини, туку и бавење со културни и спортски активности.
Од друга страна, и членовите на ревизионистичкото Друштво за истражување на трикратниот логор Јасеновац на Вукиќ, повеќе пати и лажно тврдеа дека Јасеновац продолжил да функционира и по војната, кога партизаните дошле на власт, а тоа е како вистински логор за истребување, овој пат на Хрватите.
Она што е највпечатливо во освртот на Ивкошиќ, е јазикот што тој го користи за да го опише наводниот квалитет на книгата. Тој, Вукиќ го опишува како „ладен истражувач, целосно посветен на фактите”, а самата книга како „голем придонес” кон истражувањето на „вистината” за Јасеновац, без идеолошка пристрасност и „големосрпски и комунистички фалсификати”.
До ова дојде непосредно откако со Влатка Вукелиќ, историчар за средновековната историја на Хрватска и класичната цивилизација, која ги поддржува ревизионистичките тврдења за постоењето на концентрационен логор по Втората светска војна, како и другите усташки носталгични бесмислици за Хрватска за време на војната, беше договорено да им предава историја на Независната Држава Хрватска (НДХ), на студентите на Универзитетот во Загреб.
Ова не е прв пат Универзитетот во Загреб да ангажира академски професори со проблематичен однос кон усташкиот режим и холокаустот. Ниту е ова, како што е тоа илустрирано со примерот на Володимир Виатрович, директор на Украинскиот национален меморијален институт, исклучиво хрватски проблем.
Како и книгата на Вукиќ за Јасеновац, така и остро критикуваните студии на Виатрович за Организацијата на украинските националисти (ОУН) и за украинската бунтовничка војска, се во рамките на јазикот на научната „објективност” и на сличен начин се потпираат на селективни архивски извори, со цел да бидат поддржани ревизионистичките аргументи во нив.
Денес, историјата на холокаустот во Источна Европа, ја карактеризираат, до ниво без преседан, националистички агенди, во основна рамка во која историите на Украина и на Хрватска станаа особено отровни.
Иако искуствата на Украина и на Хрватска не се идентични, влијанието на окупацијата и на улогата на локалните соработници врз Евреите, Ромите и другите „непожелни елементи” (во случајот на Украина – Полјаците и Русите, а во случајот на Хрватска – Србите) е исто катастрофално.
Иако академската заднина на Вукиќ и на Виатровиќ е малку поинаква – Вукиќ е поранешен новинар и самопрогласен историчар, додека Виатровиќ има еквивалент на докторат по историја – нивниот учинок е сѐ повлијателен кај нивната публика, поради бројни причини.
Прво, на поединците и на организациите кои сакаат да веруваат дека усташите или ОУН биле „добри момци” во приказната за Втората светска војна, поприфатлива ќе им биде, што е природно, искривената верзија на историјата што тие ја преферираат. Но, што е уште поважно, архивскиот пристап на Вукиќ и на Виатрович, ако се гледа површно, изгледа легитимен.
Фактот оти тоа не е така, со оглед дека ова секогаш вклучува отстранување на архивските извори од контекстот во кој се наведени, отстранување на деловите кои не се вклопуваат во приказната што тие сакаат да ја раскажат и игнорирање на изворите кои ја поткопуваат нивната приказна, читателите на овие книги нема да го забележат, бидејќи тие ќе го поврзат користењето на архивските извори, со вистинското знаење и експертиза.
Иако популаризацијата на историјата во многу аспекти има потенцијално позитивен развој, таа не донесе подобро сфаќање на функционирањето на историската методологија. Историчарите на Источна Европа и оние за холокаустот, со нивната фетишизација на архивите, не помогнаа во овој поглед, туку помогнаа да се зајакне впечатокот, дека архивското истражување е инхерентно веродостојно истражување.
Ова е особено истакнато во Југоисточна Европа, каде што студентите по историја и политички науки, од моментот кога ги почнуваат нивните студии, а често и претходно, учат како да ги користат архивите.
Но, историјата секогаш била и секогаш ќе биде многу повеќе од користење на архивите. Архивските извори се толку контрадикторни, погрешни и полни со ‘трикови’, како и секој друг извор. Исто така, не постои мистерија околу нив – нивната употреба не бара посебна експертиза.
Но, не постои ниту гаранција дека она што ќе произлезе на крајот на процесот ќе биде „историја” во каква било значајна смисла. Ако ги избирате податоците, како што тоа го прават ревизионистите на холокаустот, тогаш крајниот производ, во основа, ќе биде безвреден во емпириска смисла.
Ниту ревизионистот на холокаустот, кој користи архивски извори и кој едноставно поради употребата на архивите одеднаш се трансформирал во историчар, не може, повеќе од еден човек кој сака да чита книги, да се смета за новелист.
Тие и натаму се негатори на холокаустот, кои едноставно ги користат архивските извори. Експертизата лежи во способноста да го интерпретирате она што изворите го мислеле, при тоа избегнувајќи да бидете пристрасни и да размислувате како оние кои тоа го напишале. За тоа постојат факултети.
Ако квази-историчарите со сигурност профитираат од популаризацијата на историјата и од сè поприфатливото размислување дека секој може да биде историчар, тие, исто така, имаат среќа што работат во исклучително поволна клима.
Иако некои хрватски историчари отворено се борат против културата на лаги што ја промовираат ревизионистите, изложувајќи ги на виделина нивните лоши, аматерски методи, многу од најистакнатите критичари, всушност, не се историчари за усташкиот режим или холокаустот.
Од друга страна, голем број историчари специјализирани за НДХ, во другите делови на Европа или во САД, а тука постои впечатлив контраст со историјата на холокаустот во Украина, не вложија значителен напор со цел да му се спротивстават на растечкиот ревизионизам: во некои случаи во кои се чини дека тие ги поддржуваат ревизионистичките ставови, дури и им помогнаа на ревизионистите.
Се разбира, доколку хрватската Влада сака, прекројувањето на историјата може да се запре уште утре, но толерирањето на усташката носталгија е безмилосно прагматично и цинично.
Сите позначајни хрватски политички партии, повеќе или помалку, веруваат дека им е потребна изборната поддршка за екстремната десница, поради што го толерираат, па дури и му се повинуваат на негирањето на холокаустот. Во исто време, тие се свесни колку ова му нанесува штета на имиџот на Хрватска, што ја објаснува едвај ведостојното тврдење на актуелната власт, дека проблемот со ревизионизмот на холокаустот, не постои.
Ако усвојувањето на некој вид на закон против негирањето на Холокаустот и геноцидот, какви што постојат во Германија и во некои други европски земји, е нереално, контрапродуктивно и ако постои веројатност тоа да покрене длабоки прашања за границите на слободата на говорот, историчарите можат својата улога да ја одиграат преку комуникација со јавноста, за комплексни идеи во имагинативен, достапен и пред сè емотивен облик.
Преголемиот број на денешни историски написи во врска со усташкиот режим во весниците – на пример, на годишнината од основањето на државата – е интелектуално опскурантистичко, надвор од искуствата на вистинските индивидуалци, кои ја преживеале окупацијата и теророт и не се релевантни за обичните Хрвати.
Тие, исто така, треба на јавноста да ѝ помогнат да стане посвесна што е, а што не е историјата. Она што таа сигурно не е, е одлучувањето на идеолошка основа, а потоа и избор на оние докази што ќе ја поддржат таа основа.
Историјата е повеќеслојна, сложена и полна со противречности, од едноставна причина – историјата е приказна за поединците, за околностите во кои тие живееле и починале, за донесувањето на одлуките и за начинот на кој тие комуницирале меѓу себе и со општеството.
Историчарите не влегуваат и не смеат да влегуваат во идеолошки рамки: тие се обврзани да работат само со трагите од живите индивидуи кои останале – архивите, весниците и списанијате, личните артефакти, дневници, писма – и колку што можат поцелосно да ги раскажат своите приказни.
Пишувањето на историјата бара имагинација, емпатија, интелектуална флексибилност и преовладувачка посветеност да се оди во насоката во која ве водат податоците, дури и кога тоа не се вклопува со вашите предубедувања, предрасуди или претпоставки за истражувањето.
Ревизионистите на холокаустот во Хрватска, како што се оние во Украина и на други места, можат да бидат многу нешта, вклучувајќи и луѓе кои знаат како да нарачаат документи од архивите, што, секако, не ги прави историчари.
Време е медиумите, колумнистите и, во најмала рака, академиците, да престанат да ги опишуваат како такви.
Рори Јеоманс е историчар и член на Школата за историски студии на Институтот за напредни студии на Универзитетот Принстон, и автор на книгата „Визии на уништување: Усташкиот режим и политичката култура на фашизмот 1941 -1945” (Visions of Annihilation: the Ustasha Regime and the Cultural Politics of Fascism, 1941–1945).
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.