Регион

Како руските фондови промовираат негирање на геноцидот во Босна и Херцеговина

Москва се обидува да ги искористи поделбите во Босна и Херцеговина и да го зголеми своето влијание меѓу Србите во оваа земја

Обраќајќи им се на претставниците на руските институти и фондации, на настан во Москва одржан во средината на септември, претседателот на комисијата за Сребреница, формирана од Владата на босанскиот ентитет, Република Српска (РС), повтори дека во јули 1995 година, не бил извршен геноцид врз Бошњаците.

Говорејќи преку видеоврска, израелскиот историчар, Гидеон Грајф – чија комисија за властите на РС оваа година изготви извештај, во кој се наведува дека силите на босанските Срби не извршиле геноцид – ги отфрли пресудите донесени од меѓународните судови.

„Заклучоците на (Хашкиот) Трибунал за геноцидот, нема да го издржат тестот на времето, бидејќи Комисијата е убедена дека злосторствата во Сребреница не може да се сметаат за геноцид“, рече Гриф во своето обраќање на конференцијата, која беше емитувана во живо на интернет, додавајќи оти овој поим би го „изгубил значењето“, ако се користи за Сребреница.

Неколку недели по овој јавен собир, на почетокот на октомври, во Москва се одржа уште една конференција за работата на две комисии – едната, онаа со која претседаваше Граиф, и другата, исто така формирана од Владата на РС, со цел да ги испита воените злосторства врз Србите во Сараево.

Двата настани беа организирани од Меѓународниот институт за развој на научната соработка (МИРНаС), чии основачи се руските универзитети, вклучувајќи го и Московскиот државен универзитет, кој го сочинуваат бројни истражувачи и професори од руските универзитети.

Во своето воведно обраќање на септемвриската дискусија, Леонид Драчевски, извршен директор на Фондот Горчаков, кој го поддржа настанот, рече дека одржувањето на дискусија е „многу важно“, за да се разбере историјата во изминатите три децении.

Тој додаде дека е тешко да се води дијалог за настаните од модерната историја, имајќи предвид дека сите учесници се сѐ уште живи и секој има своја страна на приказната. Но, одредени ставови не беа застапени – семејствата на воените жртви во БиХ, не беа поканети на овие конференции, ниту пак од нив беше побарано да учествуваат во работата на комисиите на РС, чии извештаи беа дискутирани во Москва.

„Тие отидоа дотаму да не ни се знае ниту трага, ниту глас, а сега зборуваат дали тоа било геноцид“, вели, Нура Беговиќ, заменичка на претседателката на здружението „Жени на Сребреница“, и додава: „Тоа се луѓе, кои немаат душа. Срамота е за секој кој поддржува вакви комисии, состаноци и лобирање“.

Руските власти финансиски ги поддржуваат состаноците како овие одржани  неодамна во Москва, преку организации како што е Фондот Горчаков.

Претседател на управниот одбор на Фондот Горчаков, е рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, а аналитичарите велат дека настаните што овој Фонд ги поддржува, се пример на руските напори за „мека моќ“, бидејќи Москва се обидува да ги унапреди своите стратешки интереси на Балканот.

Според веб-страницата на Фондот, тој е формиран во 2010 година, со указ на претседателот на Руската Федерација и работи со мисија „да го поддржи создавањето на јавна, политичка и деловна клима во странство, поволна за Русија“.

На страницата се наведува дека Фондот обезбедува финансиска и организациска поддршка на „заинтересираните национални организации кои поднесуваат иницијативи и предлози, кои се во согласност со статутарните цели на Фондот“. Тој, исто така, „пружа помош за создавање на поволно јавно мислење за Русија во странство“.

Напори да се прекрои историјата

Дискусијата за Сребреница, поддржана од Фондот Горчаков, која се одржа во Москва во септември. Скриншот: БИРН

Сеад Турчало, професор на Факултетот за политички науки во Сараево, вели дека, заради зрачење на таканаречената ‘мека моќ’, Русија во изминатите десет години формирала голем број владини институции.

„Бидејќи (Фондот Горчаков) е официјален дел од Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, тоа се и официјални ставови на државата“, вели Турчало.

Фондот Горчаков, кој учествуваше во организацијата на конференцијата за Сребреница, е формиран како инструмент за спроведување на целите на Рускиот совет за меѓународни работи, со претседателски декрет, во 2010 година.

„Во претседателскиот указ е наведено дека основач е руското Министерство за надворешни работи и дека буџетот на организацијата ќе доаѓа од државниот буџет, од доброволни прилози, донации и од други извори, а во согласност со руското законодавство“, се наведува во истражувањето на Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс, организација на Европската народна партија.

Од Рускиот совет за меѓународни работи и од Институтот за развој на научната соработка, кои учествуваа на конференцијата, не одговорија на прашањата што им ги постави БИРН.

Во соопштението на Фондот Горчаков, по септемвриската конференција, се вели дека злосторствата извршени во Сребреница за време на војната, биле погрешно толкувани, со цел вината да падне исклучиво на босанските Срби.

„Настаните од тие години, беа искривени од медиумите и невладините организации, кои се фокусираа исклучиво на загубите на муслиманското население, игнорирајќи го ставот на српската страна“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека комисијата на Гидеон Гриф „заклучила дека сторителите на страшните злосторства во војната, не треба да се бараат на страната на Србија“.

Еден од говорниците на конференцијата во Москва, беше и Владислав Јовановиќ, поранешен министер за надворешни работи на Југославија, кој на настанот учествуваше во името на Руска куќа – Руски центар за наука и култура во Белград.

Јовановиќ се осврна и на извештајот на РС, велејќи дека е направен од комисија „составена од најпаметните луѓе од десетина земји“, која „дошла  до заклучок дека во Сребреница е извршено страшно воено злосторство, но не и дека било извршено злосторството геноцид“.

Меѓутоа, адвокати и експерти за транзициска правда, ги критикуваа комисиите на РС за Сребреница и Сараево, како обиди да се прекрои  историјата и да се минимизираат злосторствата.

Сребреница како политичка алатка

Средба на Сергеј Лавров и Милорад Додик во Бања Лука 2018. Извор: Министерство за надворешни работи на Русија

„Претставувањето на извештаите за Сребреница и Сараево, бидејќи тоа се ревизионистички извештаи, може да се гледа како дел од пошироката ревизионистичка политика на Русија и нејзините сојузници во регионот и во Босна и Херцеговина“, нагласува професорот Турчало.

Руската поддршка на извештаите на РС, кои придонесоа за продолжување на повоените етнички поделби во Босна и Херцеговина, доаѓа во време кога Москва се обидува да го зголеми своето влијание кај босанските Срби.

Русија се обидува да ги искористи споровите поврзани со војните од 90-тите, заради продолжување на поделбите и подривање на ЕУ и НАТО на Западен Балкан, вели аналитичарот, Димитар Бечев, во извештајот објавен од Стратешкиот комуникациски центар за извонредност на НАТО, во 2019 година.

„Сеопфатната цел на Русија на Западен Балкан, не е да се ревидира статус квото, туку да се замрзне. Таа би сакала да го спречи проширувањето на НАТО и да го забави зголемувањето на ЕУ“, напиша Бечев.

Тензиите ескалираа во јули, кога тогашниот висок претставник, Валентин Инцко, наметна законски измени, со кои се криминализира негирањето на геноцидот и воените злосторства.

Како одговор на одлуката на Инцко, политичкиот водач на босанските Срби, Милорад Додик, се заканува со повлекување на РС од системот на државното правосудство, вооружените сили и даночниот систем – потези кои се гледаат како вовед во отцепување на РС од БиХ.

Аналитичарите, Пол Стронски и Ени Хајмс, во 2019 година, во извештајот за Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, напишаа дека операциите на руското влијание имаат за цел создавање на „локални интересни групи, пријателски настроени кон Русија, и инструменти на влијание, што ќе ѝ овозможат на Москва да ја спречи понатамошната интеграција во западните економски, политички и безбедносни структури“.

„Со цел да ги поддржи таквите напори, Русија, исто така, се обидува да ги влоши политичките и општествените поделби, во неколку балкански земји“, велат тие.

Натали Фогел, истражувач во Европскиот центар на вредности за безбедносна политика, чешка организација која ги следи активностите на Русија во Европа, преку платформата Кремлин Воч, за БИРН вели дека смета оти Фондот Горчаков моментално ја користи кризата на Балканот.

„Гледам дека на Балканот го копираат токму она што го правеа во Германија пред неколку години. Во Германија, тие се здружија со Руско-германскиот форум и организираа големи собири на кои се собираа медиуми, поранешни дипломати, политичари и луѓе од различни области, за да разговараат, на пример, за нормализирање на односите меѓу Германија и Руската Федерација, по настаните во Украина“, вели Фогел.

Во 2014 година, Русија го анектира украинскиот полуостров Крим и го поддржа сепаратистичкото востание во источниот регион Донбас, што доведе до воведување на санкции на ЕУ кон Москва и предизвика сериозна штета на нејзините односи со Берлин.

Турчало верува дека Фондот Горчаков е дел од „целата мрежа на невладини организации“, кои се идентификуваат како групи на граѓанското општество, но се поврзани со руската влада и ги промовираат истите идеи низ Европа.

„Всушност, она што се дискутира на форумите организирани од Фондот Горчаков, станува официјален наратив на цела мрежа на невладини организации, а со тоа влијанието се мултиплицира“, нагласува тој.

Москва инвестира во дестабилизација на регионот, напишаа Турчало и Едина Бечиревиќ, во извештајот за руското влијание во БиХ, објавен во 2020 година.

Тие забележуваат дека приоритетите за финансирање на Фондот Горчаков, ги одредува Министерството за надворешни работи на Русија и руските бизнис магнати, а една од неговите цели е ширење на неговите идеи меѓу младите.

„На овој начин, додека Русија продолжува да ги поддржува целите на сецесионистите во РС, таа, исто така, се стреми да се вклучи меѓу поширока публика на поединци, кои би можеле да сочувствуваат со нејзините напори да го поткопа државниот суверенитет на Босна и Херцеговина“, предупредуваат тие.