Иако поминаа речиси 20 години од седуммесечниот вооружен судир меѓу македонските безбедносни сили и албанските бунтовници на Ослободителната народна армија (ОНА), Северна Македонија, до денес, никого не гонеше за воените злосторства што беа извршени.
Иако, првично, власта во Северна Македонија, во 2002 година, покрена истраги за пет потенцијални случаи на воени злосторства, нив подоцна ги презеде Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).
Но, кога Трибуналот реши да се фокусира само на високопрофилираните предмети, со цел да заврши што повеќе случаи пред да се затвори во 2017 година, тој, на судството во Северна Македонија, му врати четири од петте случаи.
Но, овие случаи, против припадници на ОНА, не завршија ниту со осудителни, ниту со ослободителни пресуди, бидејќи власта во Северна Македонија, со поддршка на водечките политичари во земјата, заради меѓуетничка политичка соработка и помирување, ги амнестираше.
Статусот на случаите-непознат
Од пет случаи на воени злосторства, МКТЈ донесе пресуда само за таканаречениот случај Љуботен.
Во 2010 година, Жалбениот совет на МКТЈ го осуди полицаецот, Јохан Тарчуловски, на 12 години затвор, за давање на наредба, планирање и поттикнување на убиство на тројца албански цивили, како и за суров третман на други лица и безобѕирно уништување во селото Љуботен, во август 2001. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, беше ослободен од обвиненијата.
Единствениот случај кој во Северна Македонија заврши на суд беше случајот „Мавровски работници“, во кој Јавното обвинителство обвини вкупно 22 поранешни припадници на ОНА, за киднапирање и измачување на седум македонски градежни работници во 2001 година.
Сепак, по контроверзниот Закон за амнестија од 2002 година, судот ја запре постапката.
Сегашниот статус на другите три случаи, познати како „Водство на ОНА“, „Непроштено“ и „Липковска брана“, според одговорите што на прашањата на БИРН ги добивме од Јавното обвинителство, не е јасен. Случаите се или отфрлени врз основа на Законот за амнестија или сѐ уште се „замрзнати“ во предистражна постапка.
Со години се сметаше, здраво за готово, дека во овие три случаи е применет законот за амнестија, а медиумите често известуваа дека врз основа на законот, случаите се повлечени. Сепак, од Јавното обвинителство соопштија дека „не е донесена никаква одлука“ и оти „информациите за случаите се доверливи, бидејќи се покренати кривични постапки“.
Оваа нејаснотија неминовно покренува нови прашања во врска со случаите.
Хашките архиви го откриваат лицемерието на Северна Македонија
Иако нема доволно информации за статусот на случаите пред тие да бидат преземени од Северна Македонија, во архивите на МКТЈ постои документ кој датира од 2002 година, кој ги открива тврдењата на тогашниот јавен обвинител, Ставре Џиков, за некои од случаите.
Од документот се гледа дека Џиков навел оти се водат кривични постапки пред домашните судови во случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“ и „Липковска брана“ и дека сторителите на злосторствата се идентификувани.
Џиков изјавил дека „56 лица се обвинети како сторители на сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право и оти и покрај усвојувањето на законот за амнестија во 2002 година, тие не можат да бидат ослободени од кривично гонење“.
Џиков дури нагласил оти има „доволно докази“ во три случаи за кои се води истрага – случаите „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“ и „Липковска брана“ – и оти верува дека како резулат на тие докази може „да се очекува осуда“ . Но, за случајот „Непроштено“, тој не спомнал никаква процедурална активност.
Причината зошто овие случаи не беа преземени од страна на МКТЈ, беше одлуката на Хашкиот трибунал да се фокусира на најтешките злосторства и на воените водачи. Промената на фокусот имплицираше дека некои од случаите ќе бидат упатени до обвинителите и судови во Северна Македонија, како дел од стратегијата за комплетирање на работата на МКТЈ.
Во случајот со Северна Македонија, ова подразбира дека случаите поврзани со ОНА, не се на толку високо ниво како што беа обвинувањата за дејствијата на безбедносните сили на Северна Македонија против цивилите од албанска националност.
Може да се интерпретира дека овој пристап е во согласност со традиционалната практика на меѓународното право за човекови права, каде што обврските лежат на државата, а не на поединците. Така, наводите за активностите на ОНА против македонските цивили, не се сметаа за случаи од високо ниво.
Сепак, оваа класификација на четирите МКТЈ случаи, поврзани со албанските бунтовници, покренува важно прашање: дали постои можност за меѓународна кривична одговорност на осомничените, кои го прекршиле хуманитарното право, за време на вооружен конфликт, кој не е од меѓународен карактер?
Исто така, се поставува прашањето дали злосторствата извршени од државните органи се единствените високопрофилирани случаи, а со тоа и единствените што ги гони МКТЈ.
Пристапот што ја отфрла можноста, меѓународните воени злосторства да бидат извршени од недржавни страни во немеѓународен вооружен конфликт, е проблематичен од две причини.
Прво, иако е повообичаено во меѓународните конфликти, како релевантни фактори да се сметаат само државните страни, во внатрешен конфликт каков што е беше тој во Северна Македонија во 2001 година, недржавните фактори и недржавните вооружени групи играат клучна улога. Оттука, ОНА, иако недржавна страна, беше главен актер во конфликтот и злосторствата на нејзините припадници не може да се третираат како инцидентни или незначајни дела.
Второ, иако можеби меѓународниот закон за човековите права е повеќе обликуван околу меѓународните конфликти отколку околу граѓанските војни и внатрешните конфликти, во Протоколот II од Женевските конвенции се опфатени и недржавните војски, а кои имаат контрола „над дел од територијата (на една земја), која им овозможува да извршуваат одржливи и координирани воени операции“.
Како такви, недржавните војски се исти како и државните, дури и ако ги немаат „сите атрибути на суверена држава“ и „не уживаат признавање од други држави или членство во меѓународни организации“.
Политичкиот договор го спречи гонењето
Бидејќи МКТЈ ѝ ги пренесе на Северна Македонија четирите случаи пред парламентарните избори во јуни 2008 година, се зголеми можноста целиот процес да биде злоупотребен во политички цели.
Во мај 2008 година, Никола Груевски, лидер на тогаш владејачката националистичка ВМРО-ДПМНЕ и Али Ахмети, лидер на Демократска унија за интеграција (ДУИ), го постигнаа она што беше познато како „политички договор“. Се верува оти тие се договориле Собранието да усвои „толкување“ на законот за амнестија од 2002 година, што ќе овозможи поништување на четирите случаи.
Овој договор никогаш не беше обелоденет во јавноста, ниту пак беше формално потпишан. Сепак, речиси е сигурно дека амнестијата во четирите случаи беше дел од овој политички договор по преговорите на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ за формирање на нова владина коалиција.
Владините претставници на Македонците и Албанците во Северна Македонија, стратешки ја искористија реториката на транзициската правда и помирувањето, за да го претстават овој потег како затворање на етничкиот конфликт од 2001 и како шанса за подобрување на односите меѓу двете заедници.
Меѓународните организации постојано ги потсетуваа земјите ширум светот дека стремежот за помирување и воспоставување мир меѓу завојуваните страни е една од главните одговорности на една држава.
Сепак, треба да биде неприфатливо, амнестијата да се користи како мерка на транзициската правда за сторителите на воени злосторства, како, на пример, во случајот „Мавровски работници“.
Во овој случај, имајќи ги предвид извршените злосторства, кои вклучуваат тортура и нехуман третман, погрешно е применет законот за амнестија, со цел сторителите да останат неказнети.
Таквата амнестија не е во согласност со принципите за универзална надлежност според меѓународното право, кои овозможуваат сторителите на воени злосторства, дури и ако биле амнестирани од една држава, да бидат гонети од друга.
Не значи дека законите и договорите за амнестија за сторителите на воени злосторства, донесени на едно национално ниво, де јуре или де факто, ќе бидат признаени и сметани за легитимни од страна на судовите на друга држава или од меѓународните судови.
Се покажа дека избегнувањето да се гонат воените злосторства извршени за време на конфликтот во 2001 година, ја наруши довербата на пошироката јавноста, во принципот на владеење на правото и ја разниша вербата дека институциите на Северна Македонија, се држат до основниот принцип на правна сигурност.
Улогата на МКТЈ, исто така, останува проблематична, особено затоа што кога ги презеде случаите од Северна Македонија, домашните судски институции беа спречени за нив да водат независна истрага, сè додека Хашкиот суд не ги врати предметите назад во Северна Македонија.
МКТЈ, исто така, откако предметите му беа префрлени на судството во Северна Македонија, не спроведе соодветно следење на случаите, туку беше фокусиран на брзото примопредавање и административно завршување на работата, за да се обезбеди дека Хашкиот суд ќе го испочитува рокот за комплетирање на работите и за негово затворање.
Билјана Волчевска и Ирена Здравкова се истражувачи од Северна Македонија. Оваа статија е резиме на нивното истражување изработено во соработка со БИРН. Целосното истражување може да го прочитате ТУКА
Овој текст и истражувањето се изработени во рамките на програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, со поддршка на Матра регионалната програма за владеење на правото