Истражувањa

Ширењето на унгарските медиуми на Балканот загрижува, но тие имаат слабо влијание

Унгарските медиумски инвестиции на Балканот имаат раст на приходите, но помало влијание од другите медиуми, открива истражувањето на БИРН

  • 7
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ленарт Кучиќ, Наташа Стојановска, Зоран Јованоски и Анита Ворак, Љубљана, Скопје, Будимпешта

Купувањето на словенечката телевизија Планет ТВ од унгарски инвеститори за речиси пет милиони евра во октомври беше последното од серија преземања на медиуми во Словенија и во Северна Македонија од унгарски бизнисмени.

Купувач на Планет ТВ, која претходно беше во државна сопственост, е фирмата ТВ2 Медиа Чосопорт Зрт, чиј сосопственик е наводно Јозеф Вида, еден од најбогатите Унгарци, опишан како член на бизнис-кругот околу унгарската владејачка партија Фидес.

Унгарската експанзија почна во 2017 година, кога три компании од Будимпешта – Ридикул, Рипост и Модерн Медиа Груп, ја купија словенечката Нова24 ТВ. Во 2018 година, Рипост и Модерн Медиа Груп излегоа од Нова24 ТВ кога две други компании, Хеспереја и Океанис станаа нови сопственици на нивните акции. Двете компании се основани во ист ден во ноември 2018 година од истиот адвокат.

Меѓу сопствениците на овие унгарски компании беа Питер Шац и Агнеш Адамик, која подоцна го измени името во Агнеш Ковач. Двајцата претходно работеле за унгарската државна телевизија. Во експанзијата бил вклучен и Арпад Хабони, како сосопственик на фирмата Модерн Медиа Груп.

Нова24 ТВ е во сосопственост и на Словенечката демократска партија (СДС), предводена од актуелниот премиер на земјата Јанез Јанша, еден од главните сојузници на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Европската унија. Инвестицијата наводно била поддржана и од Кароли Варга во 2016 година, бизнисмен чии градежни компании се меѓу најголемите добитници на тендерите што ги распишуваше унгарската влада во изминатите години.

По овој договор, фирмата Р-пост-Р на Питер Шац купила мнозински пакет акции во Нова Обзорја, издавачот на Демокрација, политички неделник во сосопственост на СДС.

Македонска кривична пријава против Унгарците

Македонската финансиска полиција поднела кривична пријава против Питер Шац за затајување данок, според информациите што ги доби БИРН.

Финансиската полиција за БИРН вели дека Шац остварил добивка на незаконски начин за себе и за компанијата ЦХС Инвест Груп, која е мнозински сопственик во Алфа ТВ.

„Шац не ги пријавил приходите во вкупната сума од 11.959.475 денари (околу 190.000 евра)“, рече полицијата.

Според полициските информации, Шац го оштетил буџетот на Северна Македонија за околу 19.000 евра.

Истрагата за перење пари против Шац е се уште отворена. Во август минатата година Финансиската полиција побарала од Јавното обвинителство да ги замрзне парите на друга компанија на Шац, Таргет Медиа Скопје, поради сомневање дека таа се користи за трансфери на потенцијално валкани пари од Словенија и од Унгарија.

И покрај овие сомнежи, како и покрај официјално поднесеното барање, парите не биле замрзнати.

„Правното лице Таргет Медиа се користи само за да трансферира пари директно од странски правни лица до Алфа ТВ“, изјавија од  Финансиската полиција.

Според нив, компаниите што се користеле за овие трансфери биле Рипост Заложништво од Љубљана и Рипост Медиа од Унгарија.

„Тие немаат вработени, нивното финансирање доаѓа од извори со сомнително потекло, односно има сомнежи за криминал и за злоупотреба на службената должност и овластувања. Парите што се префрлаат во Република Северна Македонија од овие странски правни лица се уплатуваат тука за да се прикрие дали потекнуваат од можен криминал, преку фактури за сомнителни маркетиншки услуги“, додаде Финансиската полиција.

Питер Шац не одговори на барањата за коментар од БИРН.

Како што Шац и Адамик преземаа медиуми во Словенија што се блиски до Јанша, така во Северна Македонија беа насочени кон медиумите блиски до уште еден политички сојузник на Орбан, поранешниот премиер Никола Груевски.

Од 2017 година унгарски сопственици ги презедоа сајтовите курир.мк, денешен.мк и вистина.мк, фирмата Прва република дооел Скопје која го издава порталот република.мк и ЛД Прес Медиа од Скопје, издавач на порталот нетпрес.ком.мк. Во унгарски раце е  и телевизијата со национална концесија Алфа ТВ.

Потезите на овие унгарски инвеститори, блиски до партијата Фидес во Унгарија, која е непријателски расположена кон независните медиуми дома и го организираше преземањето или затворањето на критичките медиуми, неизбежно предизвикаа загриженост кај некои набљудувачи.

Четворица членови на Европскиот парламент – Кати Пири, Тања Фајон, Тонино Пицула и Андреас Шнајдер испратија листа на прашања до Европската комисија годинава во врска со овие унгарски медиумски инвестиции, за тоа дали претставуваат унгарските мешање во демократските процеси на Балканот.

На 25 ноември Европскиот парламент одржа пленарна дебата „Унгарското мешање во Словенија и во Северна Македонија“, каде што Вера Јурова, потпретседателката на Европската комисија, се осврна на овие прашања.

„Во врска со Северна Македонија“, рече Јурова, „Комисијата и делегацијата на ЕУ одблиску го следат развојот на настаните во медиумскиот сектор во земјата. Комисијата известува за овие прашања во своите редовни извештаи за проширувањето, вклучувајќи го и последниот извештај за 2020 година за Северна Македонија. Во овој извештај е посочено дека е потребна поголема транспарентност на медиумското сопствеништво и на можните нелегални медиумски концентрации“.

Кати Пири, холандска политичарка родена во Унгарија и европска пратеничка, оди подалеку и тврди дека не е изненадување што унгарските лидери со помош на Словенија составиле меѓународна операција за мешање преку истурање милиони евра во медиумски организации што се про-Јанша и про-Груевски. „Сите добро знаеме дека Орбановите жестоки пропагандни напори во Северна Македонија и во Словенија се само врвот на сантата мраз. Дали во Брисел, Љубљана или во Скопје, Орбан има само една цел: поткопување на Европската унија поради неговите лични цели“, рече таа.

Но Балаш Хидвеги, европратеник од унгарската владејачка партија Фидес го отфрли тоа, посочувајќи дека овие компании го инвестирале својот капитал во медиуми и во други земји-членки чисто поради профит, во согласност со еден од најосновните принципи на ЕУ – слободното движење на капиталот. „Таков е случајот и со Северна Македонија. Инвестициите се приватен бизнис на медиумските компании и немаат ништо со политиката“, смета Хидвеги.

Уредникот на словенечкиот весник во унгарска сопственост Демокрација Јоже Бишчак го поткрепува ова тврдење во одговор на прашањата на БИРН, каде што вели дека унгарските инвеститори се тука „само поради парите“.

Груевски и Орбан важеа за блиски соработници | Фото: Роберт Атанасовски

За волја на вистината, истражувањето на БИРН покажа дека додека конкуренцијата се мачи на пазарот, на медиумите во унгарска сопственост им цвета бизнисот. Вкупно нивните приходи во Словенија и во Северна Македонија во 2018 година изнесувале повеќе од 10 милиони евра, покажуваат податоцие што ги доби БИРН.

Но, истражувањето на пазарот нарачано од БИРН покажа дека унгарските инвестиции немаат толку големо влијание.

БИРН ја ангажираше консултантската куќа за социјални медиуми Бакамо да анализира колку внимание привлекуваат објавите на медиумите поврзани со Унгарија во Словенија и во Северна Македонија и да ги спореди нивните резултати со тие од други медиуми.

Според нивните наоди, медиумите со унгарска сопственост привлекуваат помалку внимание од нивната локална конкуренција во врска со теми како ЕУ, Русија, Кина, или во врска со самиот Орбан. Единствените две теми за кои публиката во Северна Македонија повеќе се вртела кон медиумите со унгарски капитал биле ЛГБТ заедницата и миграцијата.

Три месеци истражувачите на Бакамо ги следеа содржините на сајтови поврзани со медиумите во унгарска сопственост идентификувајќи ги како „Орбанови медиуми“, (наспроти „Неорбанови медиуми“).„Орбановите медиуми“ вклучуваа шест медиуми со унгарска сопственост во Северна Македонија и три во Словенија. За да се добие целосна слика, Бакамо вклучија и 18 други медиуми од Словенија финансирани или водени од членови на СДС коишто често споделуваат содржини од медиумите со унгарска сопственост.

„Читателите на Неорбановите медиуми се поактивни на социјалните мрежи и имаат поголем ангажман околу содржините, отколку читателите на Орбановите медиуми“, беше заклучокот од анализата

Истражувањето покажува дека луѓето во Словенија и во Северна Македонија, како и во Унгарија, помалку ги интересира што им кажуват медиумите поврзани со Орбан. „Повисокиот ангажман значи дека содржините во Неорбановите медиуми добиваат повеќе допаѓања и споделувања на социјалните мрежи“, се вели во анализата.

Не дека Орбановите медиуми не се обидуваат да го сменат тоа. „Медиумите поврзани со Орбан продуцираат многу повеќе содржини од другите. Речиси спамираат во обидите да постигнат поголем досег“, покажало истражувањето.

Истражувачите се фокусирале на шест клучни теми: миграција, ЕУ, Русија, ЛГБТ заедницата, Кина и Орбан. На речиси сите теми медиумите поврзани со Орбан имале помал успех во обидите да наметнат дискурс, во споредба со неорбановите медиуми.

Двете теми за кои Орбановите медиуми ги надминале своите конкуренти по посетеноство Северна Македонија се миграцијата и ЛГБТ.

Во Словенија, од друга страна, иако медиумите во унгарска сопственост привлекувале помал ангажман, нивните објави предизвикувале многу повжештени дискусии. „Читателите на Орбановите медиуми многу повеќе се водат од емоциите“, стои во заклучоците од истражувањето.

Со позитивен биланс

Унгарската козметичка компанија Скин Дилајт е меѓу спонзорите на македонските „Орбанови медиуми“

 И покрај тоа што имаат помало влијание, медиумите во унгарска сопственост сепак остваруваат значителни приходи.

Во 2018 година, според расположливите податоци, медиумите на унгарските газди во Северна Македонија пријавиле приходи од над три милиони евра, а во Словенија околу 7,3 милиони евра.

Според податоците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, профитот на телевизијата Алфа во 2017 година, кога Унгарците ја презедоа, беше околу 27.400 евра. Во 2018 година порасна на 485.000 евра, а во 2019 е речиси 640.000 евра. Профитот на ТВ Сител, најгледаната телевизија во Северна Македонија, падна од 770.000 евра во 2017 на 462.600 во 2019.

 Состојбата е слична и со македонските онлајн портали што се во сопственост на унгарски инвеститори – курир.мк, денешен.мк и вистина.мк. Приходите на нивната компанија-издавач ЕМ Медиа речиси тројно се зголемиле во 2018 во однос на 2017.

Унгарците ги подобриле и финансиските резултати на словенечките медиумски компании. Приходите на НТВ24 се зголемиле повеќе од двојно, од 778.000 евра во 2017 на 1,76 милиони во 2019 година. За споредба, Планет ТВ, која во овој период се уште беше во словенечка сопственост, но со повеќе гледачи од Нова24 ТВ, имала милионски загуби во 2018.

Слично, приходите на Нова обзорја, издавачот на Демокрација, во 2018 година го достигнаа највисокото ниво во 20-годишната историја, откако претходно во 2017 година Питер Шац го купи мнозинскиот удел.

Јоже Бишчак, уредникот на Демокрација, за БИРН рече дека тие профити се единственото нешто што ги интересира унгарските инвеститори. „Ако билансот на состојбата е во плус, тие се среќни. Ако отиде во минус, не се“, рече Бишчак за БИРН.

Тој ја оправдува антимигрантската, антиисламска и антилевичарска уредувачка политика на весникот, која предизвикува вжештени дискусии, како што утврди Бакамо, како „средство за продавање списанија и кликови“.

Како да се заработи од рекламирањето

Седиштето на унгарската фирма Оливери, која што исто така се рекламира во македонски медиуми | Фото: Анита Ворак

Сепак, изворите на приходи со кои билансите на состојбата се одржуваат во плус, барем во Северна Македонија, се дискутабилни.

Според неодамнешно истражување на БИРН, меѓу најголемите огласувачи во медиумите со унгарско сопствеништво во Северна Македонија се мали унгарски компании како Оливери, која продава маслиново масло, потоа Бониарт, што продава домашни украси, и Скин Дилајт, козметичка компанија. Ниту една од нив всушност не продава ништо во продавници во Северна Македонија.

Овие договори за рекламирање што им донеле на компаниите невообичаени финансиски добивки за кратко време го привлекоа вниманието на финансиските полиции и во Северна Македонија и во Словенија.

Словенечката полиција потврди дека отворила истрага за финансирањето на „одредени медиумски компании“ во 2018 година.

Дополнително, словенечките власти назначија посебна парламентарна комисија за да ги истражи наводите за сомнително нелегално финансирање од Унгарија на СДС и за нелегално странско финансирање на предизборната кампања на СДС за парламентарните избори во 2018 година. Овие истраги требаше да обезбедат дел од одговорите за тоа како унгарските пари се префрлаат на словенечките и на македонските медиуми и како се користат за финансирање партиска пропагандна машинерија.

Сепак, словенечката политичка опција што ја презеде власта во март – коалиција од СДС на Јанша со Партијата на модерниот центар, партијата Нова Словенија и Демократската партија на пензионерите на Словенија, го замени претседателот на парламентарната комисија, која како резултат на тоа не беше активна годинава.

Словенечката полиција на 23 ноември потврди за БИРН дека истрагата е во тек, но дека не можат дополително да коментираат.

Lenart KucicNatasa StojanovskaZoran Jovanoski and Anita Vorák BudapestLjubljanaSkopje BIRN