Регион

Како Собранието на РС ги редефинираше Бошњаците како непријателски „Турци“

Создавање на слика за Бошњаците, како историски непријатели од пониска раса, помогна во оправдувањето на воените злосторства

Кога на 11 јули 1995 година, Сребреница падна во рацете на Војската на Република Српска (ВРС), нејзиниот командант, Ратко Младиќ, и неговата придружба, влегоа во градот.

„Еве нѐ, на 11 јули 1995 година, во српска Сребреница. Во пресрет на уште еден голем празник српски, му го подаруваме на српскиот народ овој град. И конечно, дојде моментот, по бунтот против дахиите (бунтот на Србите во 19 век против Отоманската империја), да им се одмаздиме на Турците на овие простори“, изјави Младиќ, позирајќи пред камерите среде Сребреница.

Уште во декември 1991 година, Рајко Дукиќ, тогаш претседател на извршниот одбор на Српската демократска партија, СДС, се обрати пред Собранието на српскиот народ во Босна и Херцеговина.

Српските членови на Собранието на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина, го основаа ова Собрание на босанските Срби, како паралелен и посебен законодавен дом, во октомври 1991 година. Во следните четири години, Собранието на босанските Срби, дејствуваше како врховно законодавно тело и најголем носител на одлуки во РС, делот од територијата на Босна и Херцеговина што го држеше ВРС.

Коментирајќи ја, како што сметаше, ароганцијата на бошњачките и на хрватските политички лидери во БиХ, Дукиќ рече: „Ако продолжат со ваквото однесување, убеден сум дека 21 декември 1991 година ќе биде почеток на бунтот против дахиите“.

Анализата на документите на Собранието, вклучително и законите што тоа ги усвои, неговите одлуки, резолуции, декларации и записници од седниците и расправите, дава увид во реториката што ја користеа неговите членови.

Таа покажува како политичката елита во РС, создаде слика за Бошњаците, како аутсајдери на босанската политичка заедница – моќни подлуѓе кои претставуваат смртна закана за опстанокот на Србите.

Градењето на сликата за Бошњаците како подчовечки – па дури и нечовечки – непријател, помогна во оправдувањето на воените операции, во отфрлањето на мировните договори и во извршувањето на злосторствата над Бошњаците.

Членовите на Собранието на босанските Срби, беа хетерогена група интелектуалци и експерти: доктори на науки, универзитетски професори, лекари, писатели, адвокати, економисти, инженери и свештеници.

Членовите и раководството на Собранието, ги искористија својата појава и наследство, за реконцептуализација на Бошњаците.

Кога српските елити во 90-тите тргнаа во уништување на Босна и Херцеговина, „Турчинот“ продолжи да зазема важно место во имагинацијата на српската политичка класа. Исламот, според тоа, беше елементот на идентитетот на Бошњаците, кој најмногу подлегна на реконцептуализацијата.

Членовите на Собранието на босанските Срби, го користеа исламот како постојан мотив, во процесот на градење на нов бошњачки идентитет. Во процесот на конструирање на оваа нова реалност, тие на своите постапки гледаа како на продолжување на напорите за деотоманизација или ослободување на Босна од „Турците“.

На 24-тата седница на Собранието што, за време на војната, во јануари 1993 година, се одржа во Бјелина, коментирајќи една од многуте рунди мировни преговори во кои посредуваше меѓународната заедница, Драган Мичиќ, рече дека тој момент има „историска важност“, затоа што „се приближуваме кон крајот на 200 години долгата … ослободителна борба на српскиот народ“.

Караџиќ ги претставуваше Србите како бедем на христијанска Европа

Караџиќ во Хаг

Се чини дека и српските елити го делеа мислењето на нивните колеги, босански Срби, дека војната е борба против „Турците“.

Веселин Ѓуретиќ, член на Српската академија на науките и уметностите, беше поканет да зборува на свечената седница на Собранието на РС на 9 јануари 1994 година, на третата годишнина од основањето на РС. Ѓуретиќ излезе на говорницата и изјави дека „она што се случуваше во изминатите неколку години е продолжение на она што започна во 1804 година (првото српско востание против Османлиите)“.

Во заднината на реконцептуализацијата на Бошњаците како аутсајдери на политичката заедница, беше митот Антемурале (митот за бедемот) според кој Србите се дел од поголем и наводно, супериорен културен ентитет.

Митот Антемурале, исто така, нагласува дека избраната група – во овој случај Србите – не е само дел од поголема цивилизација (христијанската), туку претставува и нејзин бедем на одбраната, „жртвувајќи се“ со цел да ја спаси таа цивилизација.

Во февруари 1995 година, во услови на зголемен меѓународен притисок за мировно решение и ставање крај на војната во БиХ, претседателот на РС, Радован Караџиќ, ја образложи пред Собранието, главната причина за неуспехот на претходните мировни иницијативи и мировни планови.

„Никој никогаш не ни понуди друга опција освен да исчезнеме, да ја укинеме нашата држава, да прифатиме заедничка држава со (босанскиот претседател Алија) Изетбеговиќ, односно со муслиманите и Хрватите, и тоа ни го кажуваа јасно по коктели и ручеци: ‘Господа, тоа е затоа што не сакаме да прифатиме постоење на исламска држава во Европа!“, рече Караџиќ.

Објаснувајќи како европските сили инсистирале Србите да останат со Бошњаците во иста земја, Караџиќ уште еднаш го засили Антимурале митот, дека Европа е „заедница на среќни христијански нации“, додека Србите „ги чуваат нејзините sидови, како еден вид речно корито исполнето со валкана вода, без никаква цел на постоење, освен да го неутрализира исламот“.

И исклучувањето на Бошњаците од новата Република Српска, во која доминираат Србите, беше дефинирано по цивилизациска линија, при што Бошњаците беа претставени како туѓинци, странци и Азијци.

На 19 јануари 1993 година, Воислав Максимовиќ, партиски камшик на СДС, ја обвини „растечката азиска зараза“ за избувнувањето на насилството во БиХ, додавајќи дека Србите, за разлика од Бошњаците, не се „азиска секта засеана од непостојани ветрови низ Балканот“

Максимовиќ, ги нарече Бошњаците „предавници и отпадници на нашата вера“, изјавувајќи дека тие се наследници на азиски освојувач и поранешни Срби, кои го прифатиле исламот.

Како и со процесот на исклучување на Бошњаците од политичката заедница, процесот на нивна реконструкција како егзистенцијални непријатели и закана, често, во своето средиште, го имаше исламот. Караџиќ ‘прорече’ дека Србите ќе завршат како „граѓани од втор и трет ред“, доколку завршат во заедничка држава со Бошњаците.

Во ноември 1994 година, Недељко Рашула, тогашен градоначалник на Сански Мост, побара од Собранието да го поддржи военото уништување на енклавата околу Бихаќ, дефинирајќи го, не само населението на енклавата, туку и Бошњаците воопшто, како „змии“.

Рашула тврдеше дека нападот на Бихаќ е неопходен, бидејќи „со змија исечена на два дела, еден дел ќе бара човек за да го гризне – оној што не ја погодил во главата. Исто е и со Турците“.

Кога, кон крајот на 1994 година, воената среќа се сврте против босанските Срби, Караџиќ сметаше дека е потребно да се нагласи превентивната природа на конфликтот, за да го заштити создавањето на Република Српска, од нападите на Бошњаците.

„И сфатив зошто муслиманите сакаа да го менуваат уставот во овие две години и чекаа да созрее нивната халаша, за две години тие можат да добијат над 50 проценти од гласовите во Собранието … Ние ќе исчезнеме“, рече тој.

Халаша, збор земен од турскиот јазик, може да се преведе како „толпа“ или „џган“. Караџиќ не беше сам во портретирање на Бошњаците како понижени и подлуѓе, дивјаци на кои не може да им се дозволи ниту самовладеење. Во јануари 1994 година, Максимовиќ истакна дека „алчноста на муслиманите е карактеристика на нивното физичко битие“.

„Некои нации ќе исчезнат целосно“

Меморијалниот центар во Поточари. Фото: БИРН

За време на војната, сè до потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор кон крајот на 1995 година, Собранието на босанските Срби беше безбедно место за неговите членови, како и за другите говорници, каде тие слободно можеа да разговараат за насилството – минато и идно – вклучително и за специфичните активности и политики, насочени кон уништување на Бошњаците.

Говорник на седницата на Собранието на 21 декември 1991 година, идентификуван во записникот од седницата само како Вукиќ – најверојатно Радислав Вукиќ, висок член на СДС од Бања Лука – упати повеќе од индиректна закана.

Во очигледна и премногу честа алузија од српскиот националистички репертоар, тој изјави дека „ќе има уште едно српско востание и ќе има масовно крвопролевање, во кое некои народи, кои подоцна беа создадени, целосно ќе исчезнат“.

Кристализацијата на геноцидната намера во случајот со геноцидот во БиХ, беше неразделно поврзана со истовремената реконцептуализација на целната жртва.

Само со создавање на реалност, во која моменталната кампања на Србите беше продолжение на нивната претходна борба за ослободување од Отоманската империја, беше можно да се донесе политичка одлука за убиство на илјадници луѓе и искоренување на стотици илјади други.

Така, низ своја реконструкција за жртвата и со неговата улога во управувањето и насочувањето на насилството, Собранието на босанските Срби одигра централна улога во геноцидниот процес во БиХ, од неговиот почеток до самиот крај.

Емир Суљагиќ е босански новинар и директор на Меморијалниот центар Сребреница-Поточари. . Оваа статија е резиме на истражувачки труд, подготвен од авторот, во соработка со БИРН. Целиот труд може да го прочитате во долниот дел од овој текст.
Овој текст и истражувачки труд се создадени во рамките на програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, со поддршка на Матра регионалната програма за владеење на правото.