Регион

Како турските екстремистички „Сиви волци“ создадоа ќелија во Босна

Во Босна е формиран огранок на турска екстремистичка организација, открива БИРН

Хусејин Чакали живее стотици километри далеку од Босна и Херцеговина, но членовите на организацијата што тој ја формирал во оваа балканска земја сè уште го сметаат за авторитет.

Чакали е основач на неформалниот босански огранок на турската ултрадесничарска група позната како Сиви волци (Бозкуртлар), чии членови ги поддржуваат неофашистичките идеи. Сивите волци официјално се нарекуваат Идеалистички огништа (Улку Оџаклари) и нивната организација е поврзана со екстремно десничарската Партија за националистичко движење, МХП, која е сојузник на турската владејачка партија.

Чакали се согласи да се сретне со новинар на БИРН во градот Шанлиурфа, повеќе познат како Урфа, на крајниот југоисточен дел на Турција, во близина на сириската граница. Порано студирал архитектура во Босна, а по враќањето во родната земја, основал компанија во Урфа, град со два милиони жители. Фотографиите објавени на неговите профили на социјалните мрежи нагласуваат три главни теми – неговиот брак со Бошњачка, активностите на Сивите волци во Босна и неговата блискост со градоначалникот на Урфа.

Пребарувајќи низ стотици фотографии на социјалните мрежи пред интервјуто, БИРН успеа да идентификува неколку членови на организацијата и нивните активности.

Истражувањето на БИРН покажа дека Чакали ја почнал својата мисија на формирање огранок на Сивите волци во Босна, со воспоставување контакти со членовите на Партијата за демократска акција, СДА, главната бошњачка националистичка партија. Филијалата сега ја водат помлади луѓе, чија работа  ја контролира тој.

Меѓутоа, тој ги одржува своите политички врски; тој беше меѓу оние што се сретнаа со градоначалникот на Сараево, членката на Социјалдемократската партија (СДП), Бенјамина Кариќ, за време на нејзината неодамнешна посета на Урфа.

Чакали го покани новинарот на БИРН да разговара во локалната канцеларија на МХП, екстремно десничарската партија, која има 47 пратеници во турскиот парламент и ја поддржува владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Малата соба на третиот кат од канцеларијата каде што се одржа интервјуто беше украсена со знамињата на МХП и Сивите волци.

 

Чакали ја осуди забраната за активностите на Сивите волци во Франција и забраната за употреба на поздравот во Австрија и предлозите во САД и ЕУ да ја прогласат за терористичка организација.

Тој тврди дека овие потези се неправедни кога се споредуваат со тоа како Западот го третира турскиот свештеник Фетула Ѓулен, кој е обвинет од Анкара дека водел терористичка организација одговорна за неуспешниот обид за пуч во 2016 година. „Секогаш се соочуваме со обвинувања од земјите на ЕУ, но Ѓулен не“, рече тој.

 

Турските власти беа критикувани за користење на неуспешниот пуч во 2016 година, како изговор за широка репресија врз опозицијата и медиумите, во кои беа уапсени и затворени илјадници наводни „ѓуленисти“, членови на движењето на свештеникот.

Но, во интервјуто за БИРН, Чакали гордо изјави дека лично учествувал во потрагата по ѓуленистите во Босна. „Пријавив ѓуленисти во Босна и Херцеговина. Ја повикав локалната полиција. Дојдоа и прашаа кои се“, објасни тој.

Тој рече дека тоа го смета за природна работа бидејќи смета дека активностите на Сивите волци се продолжена рака на турската официјална политика.

„Поттикнување дискриминација и омраза“

Photo: Instagram, screenshot

Властите во Анкара се надеваа дека нивните добри односи со Босна и Херцеговина ќе помогнат да се убеди Сараево во 2018 и во 2019 година да ги екстрадира осомничените ѓуленисти за да може да им се суди.

Но, екстрадициите што претседателот Ердоган ги очекуваше, беа стопирани од босанскиот државен суд, кој ги одби барањата велејќи дека Обединетите нации официјално не го прогласиле движењето на Ѓулен за терористичка организација, што беше предуслов Босна и Херцеговина да се согласи на екстрадиција.

Турските граѓани што беа етикетирани од властите во Анкара како ѓуленисти, избегаа од Босна во страв, не знаејќи дали ставот на Сараево може во иднина да се смени.

Чакали рече дека е разочаран од одлуката на судот, тврдејќи дека следбениците на Ѓулен требало да бидат притворени бидејќи „ако тој ја предал мојата земја, утре ќе им го направи истото на [Босанците]“.

Сивите волци беа критикувани  во последните години, во различни земји на ЕУ, во кои се активни. Франција воведе забрана во 2020 година бидејќи членовите на организацијата користеа говор на омраза и политичко насилство во нивниот тековен спор со етничките Ерменци во земјата. Турските националисти бесно го отфрлаат инсистирањето на Ерменците дека масакрите на нивните етнички роднини од Втората светска војна од страна на Турците Османлии претставуваат геноцид.

Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманин изјави дека турската организација „поттикнува дискриминација и омраза и е вмешана во насилни акции“. Турското Министерство за надворешни работи ја нарече забраната „срамна“.

Во Холандија и во Германија, исто така, има иницијативи за целосна забрана на Сивите волци, а Европскиот парламент ги повика земјите-членки на ЕУ да ја прогласат за терористичка група.

Резолуцијата на Европскиот парламент во 2021 година ги опиша Сивите волци како десничарски расисти. Резолуцијата предупредува дека организацијата расте во Европа и дека треба внимателно да се следи.

„Таа е особено опасна за луѓето со курдско, ерменско или со грчко потекло и за секој што го сметаат за противник“, се вели во извештајот.

„За нив ние сме варвари“, рече Чакали. Но, тој инсистираше на тоа дека организацијата е беспрекорна: „Немаат аргументи да ни кажат дека сме лоши. Имаме поддршка од нашата држава, [така] тие можат да прават и да кажат што сакаат“.

Во 2018 година, Австрија го додаде поздравот со рака на Сивите волци на својата листа на забранети симболи. Организацијата останува активна во земјата, како што беше истакнато во 2020 година, кога членовите на Сивите волци предизвикаа судири на мирниот собир на курдската женска организација во Виена, чија цел беше да се нагласи зголемениот број фемициди во Турција и во Австрија.

Како уште еден показател за нивната блискост со турската влада, нивниот таканаречен „волк поздрав“ повремено се користи во јавноста од високи турски политичари, вклучително и од претседателот Ердоган и од министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

Извршниот директор на Проектот за борба против екстремизмот, Дејвид Ибзен ги опиша Сивите волци како „меѓународна фашистичка, турска националистичка и пан-турска организација и движење“.

Ибзен објасни дека турските националисти го гледаат поразот на Отоманската империја во балканските војни како голема трагедија која сè уште не можат да ја прифатат, поради што се обидуваат да го зацврстат своето влијание во регионот.

„Турската држава, исто така, инвестира во обновување џамии и историски градби од отоманскиот период на Балканот, што може да се смета како дел од експанзијата на меката моќ на неоотоманизмот“, рече тој. Тој додаде дека активностите на Сивите волци веројатно се дел и од оваа политичка агенда.

Детска облека и заклани овци

Откако се преселил во Босна, Чакали се јавил во централната канцеларија на Сивите волци во Турција за да основа филијала во Босна. Тој рече дека бил прашан дали тоа би создало „проблем на државно ниво“.

„Тие рекоа ако нема проблем на државно ниво+ можете да го продолжите. Зборував со [турската] амбасада [во Сараево] и тие рекоа: „Продолжете со тоа“, рече Чакали.

Некаде во тоа време, според написите и фотографиите објавени на интернет, тогашниот босански конзул во Турција, Хрвоје Канта, се сретнал со претставници на Сивите волци во Истанбул. БИРН не можеше да добие коментар од конзулот за средбата.

Турската амбасада во Сараево и босанското Министерство за надворешни работи, исто така, не одговорија на прашањата на БИРН за основањето на огранокот на Сивите волци во Босна и средбата на конзулот во Истанбул.

Чакали рече дека канцеларијата на Сивите волци во Анкара го назначила за претседател на нерегистрираната босанска филијала во 2014 година.

Оттогаш, организацијата е вклучена во, како што ги опиша, хуманитарни активности, како што се собирање облека за да им се даде на децата и делење месо за Бајрам.

Нејзините членови не ги кријат своите активности во земјата, а организацијата има фејсбук-страница, која има повеќе од 5.000 следбеници, иако најновата објава датира од 2018 година.

На инстаграм-профилот со име Босна – Херсек Улку Очаклари (Идеалистички огништа Босна и Херцеговина), објавите почнаа во 2020 година. Една фотографија објавена во јули минатата година го прикажува Чакали како држи транспарент на кој се рекламира ритуалното колење животни за гозба на муслиманскиот празник Бајрам, кој го означува крајот на Рамазан. Тој рече дека организацијата го води овој проект речиси една деценија.

„Бев таму девет бајрами, заклав вкупно 160 овци и седум бикови и ги поделив низ Босна, не само таму каде што се муслиманите“, рече тој.

Иако повеќе не живее во Босна, Чакали рече дека сака да го искористи своето враќање дома во Турција за да воспостави контакти што ќе ѝ помогнат на организацијата, која сè уште работи во негово отсуство.

Политички врски во Турција и во Босна

Членови на босанскиот огранок на Сивите волци во Сарајево. Фото: Фејсбук

Организацијата „Идеалистички огништа“ никогаш не била официјално регистрирана во Босна и Херцеговина. Чакали вели дека тоа е затоа што било тешко да се исполнат бирократските барања.

Сепак, тој инсистираше на тоа дека сите активности на организацијата се во согласност со босанската регулатива и побара од турскиот преведувач на БИРН да пренесе дека ништо незаконски не е направено и дека организацијата била вклучена само во хуманитарна работа.

Сепак, според босанскиот закон, за да се вклучи во хуманитарни напори и да се соберат пари, мора да се формира регистрирано здружение и сите финансиски работи да бидат соодветно документирани.

Ибзен објасни дека Сивите волци се интегрираат во посиромашните заедници, со тоа што вршат активности во заедницата и во хуманитарна работа.

„Ова им овозможува да регрутираат или, во најмала рака, да се задоволат со локалното население, кое потоа ќе го поддржи нивното постоење и мисија“, рече тој.

Дури и без официјална регистрација, Чакали се надева дека новите членови во Босна ќе ги продолжат хуманитарните напори на организацијата.

На почетокот на годината, неколку членови беа фотографирани во градот Травник како го прават „волчешкиот поздрав“, велејќи дека ги извршуваат задачите на Чакали. Еден од луѓето на фотографијата е Самил Думан, турскиот државен шампион во кик-бокс, кој е во Босна најмалку шест месеци.

Објавите на страницата на Волците имплицираат дека Думан е заменик на Чакали. Тој првично се согласи да биде интервјуиран од БИРН, но подоцна престана да одговара на неговиот телефон.

Сивите волци се добро поврзани во Турција преку МХП и владејачката партија на Ердоган. Еден од Турците што присуствуваа на состаноците на организацијата во Босна беше Бекир Сенгоз, кој, исто така, студираше во земјата. Сенгоз е син на долгогодишниот член на МХП, Метин Сенгоз.

Хусеин Чакали Фото: БИРН

Прашан за политичките врски во Босна и Херцеговина, Чакали рече дека организацијата работи независно, но соработката со политичарите е неопходна за да се постигнат какви било поголеми цели.

„Ако отвориме училиште, кој ќе помогне? Политичар. Не можам сам да разговарам со министерот, прво треба да направам проект, аргумент. Одам кај мојот политичар, велам дека сакаме да го направиме тоа. Ако одам сам, министерот ќе каже: „Кој си ти?““, вели тој.

Еден ден по посетата на БИРН на Санилурфа, на покана на градоначалникот Зејнел Абидин Бејазгул пристигна делегација од градот Сараево.

Набргу потоа, Чакали објави на Твитер дека, на покана на Бејазгул, се сретнал со градоначалничката на Сараево, Бенјамина Кариќ, од Социјалдемократската партија.

„Добрите денови се многу блиску за Санилурфа“, напиша Чакали.

Прашан за фотографирањето на градоначалникот во Санилурфа со член на екстремистичка организација, Градот Сараево инсистираше на тоа дека немало официјална средба.

„Делегацијата на градот Сараево имаше состаноци и посети исклучиво со градоначалникот [на Санилурфа] и претставници на администрацијата“, се вели во писмениот одговор за БИРН.

Разговорот со властите е она што Чакали очекува да биде клучно за развојот на Сивите волци во Босна, овозможувајќи им да спроведуваат проекти, да отвораат училишта и да организираат други активности.

Додека беше лидер на босанскиот огранок, тој соработуваше со Ризван Халиловиќ, кој беше претседател на Здружението за босанско-турско пријателство Босфор и член на Партијата за демократска акција.

Кога почина Халиловиќ, Чакали изрази сочувство, велејќи дека политичарот понудил поддршка на босанскиот огранок на Сивите волци.

„Тој ни помогна многу, разговаравме со него за акциите за помош. Тој ни помогна да дистрибуираме добротворни донации на еден  човек од Турција“, рече Чакали, додавајќи дека Халиловиќ е пријател со „нашиот претседател“.

„Многу му се допадна [нашата] програма, така се запознавме“, рече тој.

Партијата за демократска акција не одговори на барањето на БИРН за интервју.

Безбедносните институции во Босна и Херцеговина, исто така, не одговорија на прашањето на БИРН дали се запознаени со активностите на Сивите волци.