Регион

Фестивалот на Дуа Липа се враќа во Косово

Фото: Официајлна страна на фестивалот , https://sunnyhillfestival.com/

Косовскиот престижен музички фестивал „Сончев рид“ ќе се одржи во „својот роден град“ Приштина, во август годинава. Претходните најави беа дека тој ќе биде преместен во Албанија поради спор за локацијата на која треба да се одржи.

На 15 јуни, организаторите објавија дека ја менуваат локацијата и дека фестивалот ќе се одржи во Тирана, во Албанија, бидејќи косовската влада не ја одобрила одлуката на Општина Приштина донесена на 10 мај за давање под закуп на 17 хектари во селото Доња Брница.

„Сите изразуваат подготвеност, прашањето за долгорочно користење на земјиштето да се дискутира некое време додека не се најде трајно решение“, се наведува во соопштението.

„Во духот на одличната културна соработка меѓу Косово и Албанија, специјално издание со посебен репертоар ќе се одржи во Тирана на 26, 27 и на 28 август“.

Организацијата на фестивалот, кој е основан од британската поп-ѕвезда Дуа Липа, за промената на локацијата во Тирана ја обвини косовската влада.

Во писмото до претседателката Вјоса Османи, премиерот Албин Курти, министрите во Владата и градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, Дукаѓин Липа, татко на светски познатата пејачка со потекло од Косово, наведе дека причина се „многубројните одложувања предизвикани од тоа што немало владин одговор“.

„Наместо поддршка, барањето на фестивалот е политизирано, законските рокови се надминати… и денес немаме конечна одлука што ќе ни овозможи фестивалот да го одржиме во Приштина“, наведе Липа.

Најголемиот музички фестивал во Косово го основаа Дуа Липа и нејзиниот татко во 2018 година.

Во 2018 и во 2019 година, концертот се одржуваше во паркот Гермија во главниот град на Косово, но поради ограничениот капацитет на тој простор, требаше да се смени локацијата.

Советниците во градот Приштина, на 10 мај гласаа да се даде по закуп просторот, но пратениците од партијата Самоопределување, на премиерот Курти се спротивставија на одлуката на советниците да се даде толку голем простор на еден фестивал на толку долго време – 99 години.

Според договорот, општината не може да го користи земјиштето за друг настан 40 дена пред и 20 дена по одржувањето на фестивалот. Може да ја користи локацијата само 60 дена во текот на една година, за настани како што се концерти на класична и џез-музика, вклучително и фестивали на Филхармонијата на Косово. На овие настани не треба да имаат повеќе од 3.000 учесници.