Регион

Кампањата за укинување на Специјалниот суд нема поддршка од политичките партии во Косово

Ветераните бараат, но најголемите косовски политички партии, одбиваат отворено да ја поддржат оваа иницијатива

„Политиката не смее да се меша во правдата, а правдата не смее да се меша во политиката“, рече Тачи.

Неговата изјава можеби изгледа чудно, бидејќи и тој самиот може да се најде на обвинителната клупа пред СВК, чија задача е да ги суди случаите на воени и повоени злосторства извршени од припадниците на ОВК, од 1998 до 2000 година.

Обвинителите во јуни објавија дека поднеле обвинителен акт до СВК против Тачи и девет други поранешни припадници на ОВК, меѓу кои е и поранешниот претседател на парламентот, Кадри Весели, со барање да се потврдат обвиненијата во него.

По ова, Организацијата на воени ветерани побара укинување на СВК и го повтори широко распространето мислење во Косово, дека таканаречениот Специјален суд (чие полно име е Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово) е пристрасен, бидејќи се фокусира на судење на Албанците, а не на Србите кои извршија воени злосторства во Косово.

„Бараме мандатот на овој суд да биде изменет, бидејќи тој е неправеден механизам против ОВК“, вели за БИРН, Насим Харадинај, заменик претседател на Организацијата на воени ветерани.

Специјалниот суд е „хибридна“ институција – тој е дел од косовскиот судски систем, но е со седиште во Холандија и вработува меѓународен персонал. Лоциран е во странство поради неуспехот поранешните припадници на ОВК да бидат процесирани во Косово, но и за да спречат проблемите со заплашување на сведоците.

Косовските пратеници гласаа за формирање на Специјалниот суд во 2015 година, под силен притисок на САД и на ЕУ. Најголемите политички партии во Косово, според наодите на БИРН, не го поддржуваат барањето на ветераните на ОВК за укинување на судот, дури и ако се согласни дека судот е пристрасен.

Реџеп Селими е на чело на парламентарната група на Ветевендосје (Самоопределување), најголемата опозициска партија во законодавниот дом.

Пратениците на Ветевендосје гласаа против формирањето на Специјалниот суд, но Селими за БИРН изјави дека иницијативата на ветераните не е на место, бидејќи судот може да биде укинат само со уставни измени.

„Воените ветерани треба да имаат предвид дека судот е основан со уставни измени со две третини од гласовите (на пратениците), а по меѓународниот договор“, објаснува тој.

Бедри Хамза е шеф на парламентарната група на Демократската партија на Косово, ДПК, партија основана од Тачи, чиј сегашен лидер е Кадри Весели, кој е наведен во обвинителниот акт на обвинителството.

ДПК гласаше за формирање на Специјалниот суд, иако членовите на партијата рекоа дека ја поддржуваат иницијативата на воените ветерани за негово укинување.

Хамза одби да каже дали ДПК отворено ќе ја поддржи иницијативата, нарекувајќи ја „хипотетичка ситуација“.

„Во овој момент, не гледаме никаква иницијатива во Собранието. Ако има … ќе седнеме и ќе разговараме за тоа. Засега не можеме да кажеме дали навистина ја поддржуваме или не“, истакна Хамза за БИРН.

Беса Гаџери, член на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), главна партија во сегашната власт, посочува дека ДСК нема да поддржи никаква иницијатива за укинување на Специјалниот суд.

„Овој суд беше основан и продолжува да работи, затоа мислам дека таквата иницијатива е неразумна и не му носи корист на Косово. Знаеме дека може да има одредени групи кои би можеле да бидат заинтересирани да се оди напред со оваа идеја, но не сметаме дека сега е време да се поддржи каква било идеја за укинување на овој суд“, вели Гаџери за БИРН.

„Ние веруваме дека овој суд и неговиот мандат не се против ОВК и нејзината војна, затоа што нејзиниот отпор (кон српските сили) беше поддржан од НАТО“, додаде таа.

ЕУ предупредува на закана за владеењето на правото

 

Амблем на ОВК. Фото: Википедија комонс/Aдам Џонс

Европската унија предупреди на последиците со кои може да се соочи Косово, ако се промени мандатот на СВК, велејќи дека ваквиот потег би го поткопало владеењето на правото во Косово.

„Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство се важна демонстрација на посветеноста на Косово кон владеењето на правото, што, пак, е клучен елемент за напредокот на Косово на европскиот пат и за ангажманот на ЕУ во Западен Балкан како целина“, изјави за БИРН портпаролот на ЕУ.

„Секој обид за укинување или промена на мандатот на Специјализираните совети сериозно ќе ја поткопа оваа заложба и ќе ја загрози заедничката работа (на ЕУ и на Косово) во доменот на владеењето на правото, во текот на изминатите години“, додаде портпаролот на ЕУ.

Формирањето на Специјалниот суд дојде како одговор на сериозните обвинувања што се најдоа во извештајот на Советот на Европа од 2010 година, кој го подготви швајцарскиот сенатор, Дик Марти, за злосторства, наводно, извршени од припадниците на ОВК.

Помеѓу 2012 и 2014 година, работна група на Европската унија спроведе истрага во врска со наводите на Марти и заклучи дека има доволно докази за гонење на кривичните дела како што се убиства, киднапирање, нелегално затворање и сексуално насилство.

Кога пратениците гласаа за формирањето на новиот суд во 2015 година, косовските политички водачи објаснија дека тоа е начин сликата за Косово да остане чиста.

Сепак, Тачи, кој првично го поддржуваше новиот суд, во декември 2017 година ја поддржа иницијативата на повеќе од 40 пратеници за негово укинување, која на крајот падна во вода, под притисок на косовските западни сојузници.

Судот и натаму е многу непопуларен меѓу Албанците во Косово, кои неговото формирање го гледаат како напад врз праведната борба на ОВК, а самиот суд како пристрасна институција која ќе им суди само на Албанците, додека бројните воени злосторства извршени од страна на Србите ќе останат непроцесирани.

Организацијата на воените ветерани смета дека нема да има правда без процесирање на осомничените Срби.

„Моноетнички суд не може да донесе вистинска правда“, вели Харадинај.

Но, Реџеп Селими од Ветевендосје верува дека сега е доцна да се направи што било во врска со укинувањето на судот.

„Организациите на воените ветерани сега се преправаат дека се загрижени, но тие требаше да бидат загрижени во времето кога беше формиран Специјалниот суд“, нагласи Селими.