Драган Васиљковиќ, поранешен водач на бунтовничките српски борци во Хрватска и водител на телевизиско шоу во Србија, кој ја изгуби долгата битка против екстрадицијата од неговата втора татковина, Австралија, беше осуден за воени злосторства.
Пишува: Свен Милекиќ, Сплит
По правната сага, која датира од 2004 година, кога Хрватска за прв пат издаде налог за апсење на Драган Васиљковиќ, воениот водач на српските паравоени сили, во вторникот, пред Окружниот суд во Сплит, беше прогласен за виновен за воени злосторства и беше осуден на 15 години затвор.
На пресудата ѝ претходеше долга правна битка, што ја водеше Васиљковиќ, со цел да ја избегне екстрадицијата во Хрватска.
Пред апсењето, Васиљковиќ, на Балканот познат како Капетан Драган, кој во 90-тите имаше дури и своја телевизиска емисија во Србија, во својата втора татковина, Австралија, работел како инструктор по голф, под името Даниел Снеден.
Васиљковиќ, 62, беше прогласен за одговорен за тепањето и малтретирањето на притворените хрватски војници и полицајци, во јуни и јули 1991 година, на тврдината во Книн.
Осуден е и за учество во планирањето на нападот на Глина и на околните села, во јули 1991 година, кога двајца цивили биле убиени и имотот бил ограбен и уништен. Сепак, тој беше ослободен од обвиненијата за злосторства во Брушка, во близина на Бенковац, извршен во февруари 1993 година, кога биле убиени двајца хрватски војници.
Судот соопшти дека злосторствата ги извршил како командант на српската единица за специјални операции, кога бил испратен да им помогне на српските паравоени сили во Хрватска, за време на вооружениот бунт 1991-1995. Според обвинението, тој бил командант на центарот за обука на специјалната паравоена единица наречена „Алфи“.
На почетокот на судењето, во јули 2016 година, тој се изјасни за невин, а подоцна пред судот изјави оти само се обидувал да ја брани Југославија.
„Јас не сум агресор, ниту воен злосторник. Ја бранев мојата татковина Југославија, која многу ја сакав. Сите бевме Југословени“, рече Васиљковиќ, објавија хрватските медиуми.
Од сиропиталиште до фронтот
Првите два објавени стрипа „Книнџи“ |
Драган Васиљковиќ е роден во Белград во 1954 година, и, наводно, како дете поминал извесно време во сиропиталиште. Кога станал тинејџер, бил усвоен од семејство емигранти во Австралија.
Според медиумите од Австралија, тој неколку години работел во австралиската војска, а бил осуден заради поседување на бордел во 80-тите години.
Во Југославија се вратил во доцните осумдесетти години, а кога во 1991 година започнала војната во Хрватска, учествувал во борбите.
Бил ангажиран од Министерството за внатрешни работи на Србија, а потоа испратен во Хрватска како воен инструктор во местото Голубиќи, во близина на Книн, кој бил центар на бунтот на хрватските Срби.
Борците што тој ги обучувал, го помогнале формирањето на самопрогласената Република Српска Краина (РСК), која хрватските сили ја вратиле во 1995 година.
Меѓу оние кои Васиљковиќ ги обучувал биле и злогласниот Жељко Ражнатовиќ Аркан и припадниците на неговата паравоена единица „Тигри“.
Во обвиненијата презентирани пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, „Тигрите“ директно се поврзуваат со владата на Слободан Милошевиќ, при што се наведува оти тие биле финансирани од државниот буџет на Србија.
Но, Васиљковиќ, како сведок на обвинителството, во 2003 година, на судењето на Милошевиќ во Хаг, негираше дека имал врска со властите во Белград.
Меѓутоа, во пресудата со која поранешниот лидер на РСК, Милан Мартиќ, беше осуден за воени злосторства, се вели дека Васиљковиќ „учествувал во развојот на заедничката криминална цел на заедничкиот потфат“, заедно со Милошевиќ, Радован Караџиќ, Ратко Младиќ и други високи политички, воени и разузнавачки претставници од Хрватска, Србија и од Босна и Херцеговина.
На судењата за поранешните лидери на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и неговиот заменик, Франко Симатовиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, Васиљковиќ беше спомнат како лице кое ги обучувало српските специјални единици во кампот во Голубиќи, во близина на Книн.
Поради неговата улога во војната, Васиљковиќ стана многу популарен во Србија; тој имаше дури и своја ТВ емисија, а за него и за неговата единица „Книнџи“, кованица од зборовите Книн и нинџи, беше печатен и стрип.
Сепак, во 2004 година, откако сведочеше против Милошевиќ во Хаг, се врати во Австралија.
Кога новинар на весникот „The Australian“ го пронашол во продавница за опрема за голф во Перт, каде што живеел во 2005 година, на новинарското прашање, дали извршил воени злосторства за време на конфликтот во Хрватска, тој одговорил одречно.
„Нема да кажам дека сум совршен, не, никој не е совршен во убивање на луѓе, но, знаете, јас сум сигурен дека никогаш не сум убил цивилно лице, сигурен сум дека никогаш не сум убил затвореник. Сигурен сум дека никогаш не сум убил некого, кој не морал да биде убиен“, рекол тој.
Според овој весник, српската дијаспора во Австралија, Васиљковиќ, човек кој крстарел со јахти и играл голф, го смета за херој, а бил и човек кој патувал и собирал пари за својата добротворна организација за помош на жртвите од војната.
Тој дури и се пошегувал со новинарот: „Играм голф со Капетан Драган. Тој е навистина добар човек“.
Весникот потоа објави оти тој учествувал во воени злосторства; Васиљковиќ го тужеше весникот, но изгуби.
Деветгодишна битка
Потерницата на Интерпол по Васиљковиќ |
Васиљковиќ беше уапсен во 2006 година во Австралија и следните девет години ги помина борејќи се против екстрадицијата во Хрватска. Во 2016 година, тој поднесе жалба заради долготраен притвор до Комитетот за човекови права на ООН.
Додека се обидуваше да ја избегне екстрадицијата, Васиљковиќ, кој го задржа и српското и австралиското државјанство, постојано повторуваше дека во Хрватска нема да има фер судење.
Некое време беше предмет на спор меѓу хрватските и српските политичари.
Кога во јануари 2015 година, австралискиот суд ја отфрли неговата жалба против екстрадицијата во Хрватска, поранешниот српски министер за правда, Никола Селаковиќ, побара од неговиот австралиски колега Мајкл Кинан, да му дозволи на Белград, да го процесира поранешниот паравојник.
Селаковиќ истакна дека Србија е „целосно подготвена за спроведување на кривичната постапка“, затоа што против Васиљковиќ во Хрватска би се водел пристрасен судски процес.
Сепак, новинарите кои го следеа судењето во Сплит, сметаат дека загриженоста била непотребна.
„Мојот впечаток е дека имаше правично судење; и секој, кој мораше да сведочи, имаше таков третман“, изјави за БИРН, Ивица Профаца, долгогодишен новинар од Сплит, кој го следеше судскиот процес за австралиската јавност.
Профаца вели дека повеќето сведоци на одбраната зборувале преку видео врска од Белград, можеби затоа што биле „обвинети или осудени во Хрватска“, сугерираше тој.
„Судијата Дамир Ромац, сосема правилно го водеше процесот, прекинувајќи ги двете страни, кога тие ќе заскитаа во води кои не беа од правна природа или … во случаи кога обвинителството поставуваше прашања што не беа предмет на судскиот процес“, вели тој.
Профаца истакнува дека за време на судењето, Васиљковиќ честопати изјавувал дека не ја признава јурисдикцијата на судот или постоењето на Република Хрватска.
Хрватска често ја нарекуваше НДХ (Независна држава Хрватска), а хрватските војници и полицајци, вели Профаца, усташи.
Тој истакнува дека „условите во затворот во Сплит биле одлични“ и дека затворските чувари веднаш реагирале кога во август 2016 година имал здравствени проблеми и му го спасиле животот.
На крајот од судењето, Васиљковиќ рече дека процесот е „опресивен фашистички процес” и дека неговото гонење е политички мотивирано.
Меѓутоа, дописникот на „The Australian“ од Европа, Жаклин Магнеј, која, исто така, известуваше од судењето, за БИРН вели дека судијата му дозволил на Васиљковиќ, целосно да го претстави својот случај, давајќи му збор „да презентира повеќе информации за случајот … многу повеќе отколку што некогаш сум видела на некое судење“.
На последната расправа во четвртокот, вели Магнеј, судијата му дозволи на Васиљковиќ, да направи краток преглед на целото судење, по што обвинетиот зборувал „четири часа“.
На самиот почеток на судењето, адвокатот на Васиљковиќ, Горан Цветиќ, за БИРН изјави дека според него, обвинението е „на лабави нозе“.
Но, по неколкугодишна судска постапка, судот покажа поинакво мислење и го осуди Капетан Драган за воени злосторства.