Анализи

Кина ќе биде голем фактор на Балканот по завршувањето на пандемијата

И покрај западните сомнежи кон Кина, постои голема веројатност дека таа ќе има уште поцентрална улога на Балканот во пост-Ковид ерата

Како издигнувањето на Кина, и нејзиното доаѓање на Балканот го промени светогледот на балканските елити? Вообичаено анализите на балканско-кинеските односи се фокусираат на агендата на Кина во регионот и пораките кои таа ги испраќа. Она што често е занемарено, е што тие пораки некогаш водат и до неочекувани последици.

Притоа, освен самата интеракција меѓу Кина и Балканот, начинот на кој што балканските елити гледаат на светот во кој што Кина има се’ поголема улога е исто така условен од фактори кои се егзогени на балканско-кинеските односи.

Во мојата студија за Прашкиот институт за безбедносни студии „Идеациониот импакт на Кина на Западниот Балкан 2009-2019,“ тргам од премисата дека надоаѓањето на Кина како гобален актер го менува начинот на кој политичките, бизнис и интелектуалните елити ширум светот (и на Балканот) гледаат на глобалната политика и економија, и на сопствената улога на светската сцена.

Издигнувањето на Кина само по себе има огромен импакт на концептуално ниво, и е често асоцирано со наративот на поместување на глобалното тежиште на моќта од Запад кон Исток, и создавање на алтернативен модел на развој.

Подеднакво важно, сепак, е и тоа што Кина започна да води про-активна надворешна политика во периодот по глобалната финансиска криза, станувајќи важен дел од „равенката“ за регионален развој насекаде низ светот. На Балканот, за помалку од една деценија, Кина стана една од главните теми поврзани со дискусијата за траекторијата не регионот во глобалната политичка економија.

Преку про-активна, економски ориентирана дипломатија под знамето на иницијативата „Појас и пат“ и рамката за регионална соработка „17+1,“ Кина се обиде да создаде благонаклонетост за кинеско-балканска соработка помеѓу балканските земји.

Во ова, Кина начелно успеа, затоа што голем број актери од регионот ги интерпретираат односите со Кина низ економски либерална, прагматична призма. Таквото разбирање на Кина беше поттикнато и од самата состојба на регионот во периодот по глобалната финанска криза. Се’ поголемата потреба за економски партнерства не можеше да биде задоволена од страна на стратешките партнери, ЕУ и САД. Но, и духот на времето беше поинаков: се’ до 2016-17, соработката со Кина не се сметаше за политички сензитивна тема.

Средба на српскиот председател Вучиќ со кинеската амбасадорка во Белград. Фото: predsednik.rs

Притоа, има една значителна забелешка за тоа како овој процес се одвиваше: иако Кина и нејзината глобална визија беа топло примени во регионот, тие имаа јасно дефинирана смисла како „План Б“ за Балканот. Сите позначајни инфраструктурни проекти на кои балканските земји соработуваа со Кина, беа проекти за кои претходно беше неуспешно барана поддршка од западните партнери. Денес, кинеските вакцини се алтернатива за балканските влади затоа што беше тешко да се дојде до западните.

Сепак, и покрај прагматичното разбирање на балканско-кинеската соработка, Кина не успеа да остане надвор од политички контроверзи. Некои од балканско-кинеските проекти имаа проблеми со финансиската и еколошката одржливост, и проблеми со принципите на добро владеење, што пак ја направи соработката со Кина жешко домашно политичко прашање.

Соработката со Кина исто така беше политизирана поради блиските врски со владејачките елити во демократии во назадување. Во Македонија, соработката со Кина беше асоцирана со владите на Никола Груевски, па оттаму често пати опозицијата кон Груевски значеше и опозиција кон поблиски односи со Кина. Слична е состојбата во Србија денес, каде односите со Кина имаат силна лична компонента и асоцијација со Претседателот Александар Вучиќ.

Она што сепак е највпечатливо за балканско-кинеските односи, и што имаше големи неоечкувани последици, е што тие беа претставени како аполитични и изолирани од глобалните текови. Иако Кина е епитом на една моќна приказна за глобална промена, која зрачи од нејзината развојна реторика, сепак кинеските дипломати во нивниот пристап и дискусија со балканските партнери ги заобиколуваат големите глобални прашања.

Балканските елити пак, и покрај тоа што се загреани за кинеските визии за регионален просперитет (како што се на пример отелотворени во иницијативата „Појас и пат“), исто така се држат понастрана од големите „табу“ теми. Тие ниту ја прифаќаат реториката за пошироки глобални трансформации ниту пак се премислуваат во врска со својата стратешка про-Западна ориентација.

Обидот да се деполитизираат односите меѓу двете страни на кус рок ја засили балканско-кинеската соработка. Но, во последниве години таквиот пристап беше најголема слабост на нивната врска. Како што односите помеѓу САД и Кина забрзано се влошуваа по 2016, и како што ЕУ почна да станува се’ посомничава кон Кина, соработката со Пекинг стана политички сензитивно прашање.

Српскиот председател Александар Вучиќ ја пречекува пратката со милион вакцини од Кина. Фото: predsednik.rs

Како резултат на новата глобална динамика, освен Србија, сите други балкански земји го стишаа ентузијазмот кон Кина. Дури и во Србија, владејачката елита се трудеше да балансира помеѓу продлабочување на соработката со Кина и реафирмација на односите со Западот, преку потези како што беше потпишувањето на договорот со Косово под покровителство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон во 2020.

Денес е невозможно да се зборува за Кина на Балканот без да се земе предвид новиот глобален пејзаж и затегнатите односи помеѓу „Исток“ и „Запад.“ Тоа не беше дел од планот на Кина. Сфаќањето на надворешните работи низ регионот преку призмата на „нулта сума“ и взаемно исклучување води кон голема претпазливост кон Кина, а понекогаш е и инструментализирано од локалните елити кои ја користат Кина за да го привлечат вниманието на Западните актери.

Затоа, гледајќи кон иднината, јасно е дека освен балканско-кинеските интеракции, глобалната политичка динамика ќе биде одлучувачки фактор кој ќе влијае на тоа како Кина ќе биде разбрана во регионот, и како балканските елити ќе се постават во свет во кој Кина ќе игра се’ поголема улога.

Сепак, освен зголемената претпазливост и перформативните изјави на запазување на нивните стратешки ориентации, не треба да се очекува дека балканските земји целосно ќе ја жртвуваат соработката со Кина. Впрочем, за нив соработката со Кина не е резултат на преференци, туку на објективни потреби, и тоа мора да биде земено предвид секогаш кога се зборува на оваа тема.

Ваквата ситуација претставува предизвик за европските и американските чинители, кои освен што се спремаат за беспоштеден натпревар со Кина на Балканот, би требало и да размислат за можноста за форми на соработка, во интерес на развојот на регионот. Во моментов, ако се земе предвид глобалниот контекст, таква промена во пристапот се чини тешко изводлива – но токму затоа е и потребна повеќе од било кога.

Д-р. Анастас Вангели е визитинг професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана. Тој е и научен соработник на Институтот за ЕУ и Азија на Високата школа за комерцијални науки од Анже, и постар надворешен соработник на проектот „Кина и Медитеранот“ на Торинскиот институт за светска политика.
Оваа статија е напишана како дел од проектот ‘Western Balkans at the Crossroads: Ways Forward in Analyzing External Actors’ Influence,’ на Прашкиот институт за безбедносни студии. Првично е објавена на Балкан Инсајд. За повеќе информации посетете ја страницата: www.balkancrossroads.com.