Регион

И покрај критиките, во Вишеград одбележан Денот на руските доброволци

За време на одбележувањето на Денот на руските доброволци, во Вишеград беше одржан парастос. Фото: БИРН.

Игнорирајќи ги критиките заради овој настан, министер во Влада на РС, присуствуваше денеска во Вишеград на комеморацијата на руските борци, кои учествуваа во војната во Босна и Херцеговина, при што беа положени цвеќиња пред Споменикот на паднатите руски доброволци, на воените гробишта Мегдан.

Душко Милуновиќ, министер за труд и боречко-инвалидска заштита на РС, изјави дека овој ден ќе се одбележува секоја година, без оглед на спротивставувањето.

Денот на руските доброволци се одбележува на 12 април, денот кога тројца руски доброволци беа убиени во близина на Вишеград во 1993 година – Константин Богословски, Владимир Сафонов и Дмитриј Попов.

Милуновиќ посочи дека не се одбележуваат воени злосторства. „Секој што извршил воени злосторства треба да одговара и да се најде пред лицето на правдата“, нагласи тој.

„Никој не треба да има ништо против што денеска го славиме Денот на руските доброволци и го чуваме споменот на 38-те убиени руски борци кои не сториле никакво злосторство, туку војнички дојдоа да им помогнат на браќата Срби, како што го правеа тоа нивните татковци и дедовци, во другите војни“, додаде Милуновиќ.

Бројни Бошњаци во БиХ го осудија овој настан, нарелувајќи го славење на ужасите на војната и на воените злосторства.

На 9 април, Обвинителството на БиХ формираше предмет за овој настан, а по пријава на здружението „Жена – жртва на војната“.

Во пријавата доставен од страна на здружението до обвинителството , се вели дека овој настан е „величење на воените злосторници, кои ги навредуваат преживеаните жртви, членовите на семејствата на убиените, раселените лица и повратниците“ и дека тој треба да биде спречен.

Според здружението, оваа комеморација претставува навреда за жртвите кои ги преживеале страшните злосторства извршени врз Бошњаците во Вишеград, а во кои учествувале и руски доброволци.

Претседателката на здружението, Бакира Хасечиќ, за медиумите денеска потенцираше дека никој не го поставува прашањето дали „се работело за ‘доброволци’, ‘борци на странско боиште’ или за ‘терористи’“?

„Денес ми е многу тешко, затоа што овие Руси кои вејат руско знаме, беа во мојот Вишеград од самиот почеток до крајот на војната, под команда на Лука Драгичевиќ, кому денес му се суди пред  Судот на Босна и Херцеговина“, рече Хасечиќ, алудирајќи на поранешниот командант на бригада на Војската на РС во Вишеград.

Милорад Додик, српски член на Претседателството на БиХ, во саботата истакна оти не гледа причина зошто обвинителството би отворило предмет.

Тој посочи дека српските чувства биле повредени и поради „разните муџахедини кои прават свои разни прослави“, изјави тој за медиумите во БиХ.

Споменикот на паднатите руски доброволци во Вишеград. Фото: БИРН.

Во април 2017 година, босанските Срби од Вишеград, во кој пред војната претежно живееја Бошњаци, подигнаа спомен-крст, во чест на руските доброволци кои се бореа на српска страна, што предизвика незадоволство кај бошњачките жртви на војната и нивните здруженија.

Организатори на откривањето на спомен-крстот беа Одборот за негување на традицијата на ослободителните војни на Владата на РС, боречките организации на РС и општина Вишеград.

Точниот број на руски доброволци кои се бореле во редовите на Војската на РС не е познат, но медиумите шпекулираат дека се работи за 500 до 600 руски војници. Повеќето Руси, за време на војната во БиХ, имаа просрпски ставови.

Во една од одлуките на Хашкиот трибунал се вели дека Вишеград, од страна на силите на босанските Срби, бил подложен на „една од најсеопфатните и безмилосни кампањи на етничко чистење за време на војната во БиХ“.