Регион

Србија може да учи од примерот на повоеното каење на Германија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во Србија немаше пролет, по интервенцијата на НАТО во 1999 година, без жестока дебата за легалноста и политичките последици од бомбардирањето на Западната алијанса, кое беше одговор на прекумерното насилство на југословенските сили, врз Албанците во тогашната српска покраина, Косово.

Секоја година, од 24 март, датумот на кој во 1999 започна бомбардирањето на НАТО, до 9 јуни, кога воената операција заврши со потпишување на таканаречениот Кумановски договор, кој им овозможи на Обединетите нации да ја преземат контролата врз Косово по трајното повлекување на југословенските сили, се одржуваат неколку комеморативни настани, зад кои стои државата, а кои се неминовно придружувани со изјави за промовирање на единствениот наратив на Србија, за тоа што се случило.

Овој наратив се фокусира на НАТО како на агресор, на српските жртви на бомбардирањето и на колективното казнување на српскиот народ. Што се однесува до борбите во Косово, наративот се фокусира на српските операции против албанските терористи.

Оние кои го оспоруваат овој доминантен дискурс, истакнувајќи ги перспективите на албанската заедница во Косово и потсетувајќи на воените злосторства извршени од српските сили, скоро секогаш се етикетирани како предавници, лажговци и странски платеници.

Ниту оваа година ситуацијата не беше поинаква. Во пресрет на одбележувањето на годишнината од бомбардирањето на НАТО, РТС емитуваше интервју со двајца поранешни функционери, кои Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) ги осуди за злосторства против човештвото и воени злосторства на Косово, Никола Шаиновиќ и Владимир Лазаревиќ, давајќи им простор да ги негираат злосторствата.

Спротивен став за војната во Косово, изрази актуелниот германски амбасадор во Белград, Томас Шиб, кој, минатата недела, изјави дека е свесен оти бомбардирањето на Југославија е контроверзно прашање, бидејќи за тоа немаше одлука на Советот за безбедност на ООН, но дека „одлуката мораше да биде донесена, за да се спречи хуманитарна катастрофа“ и да се избегне геноцид.

Иако ваквите мислења не се нови, зборовите на Шиб беа остро критикувани во Србија, особено од политичарите, и оние од власта, и од опозицијата. Некои бараа протерување на германскиот амбасадор, други го обвинија дека го употребува јазикот на окупаторските сили од Втората светска војна, а трети правеа паралела помеѓу нацистичкото бомбардирање на Србија во 1941 година и бомбардирањето на НАТО во 1999 година. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави оти она што го рекол Шиб, не е точно.

Но, наместо да ги игнорираат злосторствата извршени од српските сили на Косово, пред и за време на бомбардирањето на НАТО, има неколку работи што српските политичари би можеле да ги научат од нивните германски колеги.

Да се ​​прави паралела помеѓу Втората светска војна и распадот на Југославија, особено војната во Косово, е невозможно, бидејќи историскиот контекст, вклучените идеологии и обемот на злосторствата се неспоредливи. Но, заедничко за овие конфликти е дека извршените злосторства се многу добро документирани.

Донесени се низа пресуди на домашни и меѓународни судови, со кои се утврдува одговорноста на германското државно и воено раководство, за злосторствата извршени во Втората светска војна, односно во другиот случај, за одговорноста на југословенското и српското државно и воено раководство, за тоа што се случи за време на косовскиот конфликт.

Но, одговорите на Германија и на Србија, во однос на одговорноста, признавањето и чувањето на сеќавањата, се значително различни.

Нирнбершки процес (или Нирнбершки судења) е називот за последователните судења на истакнати членови на политичкото, военото и економското водство на Третиот рајх. Извор:Википедија

За одговорноста:

Веднаш по војните, беше извршен меѓународен притисок врз двете земји, за процесирање на воените злосторства и за таа цел беа формирани специјални судови – во првиот случај во Нирнберг, во вториот, во Хаг. Ова беше неволно прифатено во Берлин во 50-тите години и во Белград во раните 2000-ти. Паралелно, со поддршка на меѓународните актери, беа формирани и домашни судови, за кривично гонење на другите лица, осомничени за воени злосторства.

Почетокот на судењето во Германија беше тежок, при што првите судења беа спроведени од сојузничките сили, пред судовите основани ширум Германија,  од страна на Британците, Французите, Русите и Американците. Бројни нацисти беа и амнестирани.

Таканареченото судење Аушвиц во Франкфурт, во кое на 22 нацистички офицери им се судеше за злосторства во озлогласениот логор Аушвиц, е првото што се одржа пред домашните германски судови. Германија тогаш ја реформираше својата стратегија за кривично гонење, овозможувајќи стотици стражари во логори и офицери да бидат гонети.

До денес, нивното гонење продолжува. Дури и оваа година, германските обвинители покренаа два нови случаи против 94-годишна жена и 100-годишен маж, кои се обвинети за учество во злосторства во воени логори.

Во Србија, пак, во изминатите шест години, нема нови поголеми случаи покренати за злосторствата извршени во војната во Косово (1998-1999). Најголемото судење, за масакри извршени во четири косовски села, започна во 2011 година и тоа сè уште трае. За време на судењето, двајца обвинети починаа, еден избега, а еден се смета за неспособен да му се суди, заради болест.

Од друга страна, последниот војник осуден во Србија за воени злосторства на Косово, минатата година не се појави на издржување на затворската казна. Не се знае каде тој се наоѓа денес.

Србија, исто така, одбива да ги гони командантите за командна одговорност за воените злосторства, со образложение дека ова дело не постоело во југословенскиот закон, туку дека било воведено во 2000 година. Српските власти не соработуваат со Косово во гонењето на воените злосторства, бидејќи Белград не ги признава косовските институции како легитимни, што всушност ја блокира можноста за нови судења во блиска иднина.

Спомен-обележје на убиените Евреи во Берлин Фото:Википедија

За признавањето:

Србија одбива да ја признае не само својата насилна кампања против косовските Албанци во 1998-1999 година, туку и пресудите на меѓународните и домашните судови во врска со војната во Косово.

Србите кои беа осудени пред Хашкиот трибунал, по издржувањето на казната, кога се вратија дома, беа пречекани како херои.

Тие често се гости во ТВ-емисии, медиумите ги цитираат како аналитичари, а не како воени злосторници и тие слободно можат да ја шират своја пропаганда за воените настани. Србија, исто така, објави три нивни книги и ги поканува да држат говори на настани на високо ниво.

Во Србија сè уште не се сфаќа дека признавањето на убиствата на 11.000 Албанци, во војната во Косово, не го минимизира бројот или страдањето на српските цивилни жртви во бомбардирањето на НАТО, ниту убиствата или протерувањето на Србите од Косово, по завршувањето на војната во јуни 1999 година.

Негирањето на злосторствата и отфрлањето на фактите утврдени од судовите, преовладуваат во јавниот дискурс на Србија и немало обиди тие да се санкционираат. Во однос на косовскиот конфликт, државните функционери се често и најголемите ревизионисти.

Во Германија, негирањето на нацистичките злосторства е кривично дело, поттикнувањето на омраза, се казнува, а нацистичките симболи се забранети. Но, што е најважно, на државно ниво, нема простор за негирање. Жртвите се признаваат преку јавни говори, комеморации и репарации.

Ова го демонстрираше и германскиот амбасадор Шиб. Така, минатата недела, за време на одбележувањето на годишнината од нацистичкото бомбардирање на Белград, на 6 април 1941 година, тој напиша дека чувствува потреба да им оддаде почит на жртвите на ужасните злосторства извршени во името на Германија.

„Неопходно е да се зачува сеќавањето за огромното уништување, фаталната омраза и изопачената идеологија, за уништување на сè што е човечко“, напиша Шиб во весникот „Политика“.

„Нека ни биде тоа опомена и нека ни служи како поука, за никогаш повеќе да не се повтори. А без заедничко сеќавање и осврт на сè што се случило, вистинското помирување е незамисливо“, додаде тој.

Полицискиот центар во Батајница, каде во масовна гробница беа закопани тела на 744 косовски Албанци. Фото: БИРН/Марко Рисовиќ.

За чувањето на сеќавањата:

Германија, на одбележувањето на годишнините, не се сеќава само на своите жртви, иако ниту еден датум од Втората светска војна или еврејски празник, не поминува без изјави од највисоките политички фигури, кои бараат прошка и порачуваат дека тоа никогаш не смее да се повтори.

Германија разви широка култура на сеќавањето на злосторствата од Втората светска војна, создавајќи музеи и спомен-обележја и обележувајќи го скоро секое место на убиство или тортура, ширум земјата. Спомениците и изложбите внимателно се испланирани, за да ги чествуваат жртвите, не оставајќи простор за величање на воените злосторници или нацистичката идеологија.

Одејќи по улиците на Берлин – град со најмалку 20 големи споменици на холокаустот – можете да видите мали месингани камења вградени во калдрмата низ главниот град. Околу 70.000 такви спомен-камења, познати како „камен на сопнување“, се поставени во повеќе од 1.200 места ширум светот, но најголем број има во Берлин. Секој е поставен во спомен на една жртва, пред нејзиното последно познато место на живеење или местото каде што жртвата починала.

Во неделата, германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер, присуствуваше на комеморацијата во градот Вајмар, во чест на илјадниците луѓе убиени од нацистите, во концентрационите логори, Бухенвалд и Мителбау-Дора. Штајнмаер изјави дека „секој што повеќе не се сеќава што се случило, заборавил и што може да се случи“.

Незамисливо е српскиот претседател, Александар Вучиќ, да присуствува на комеморација во полицискиот центар во белградското предградие Батајница, каде што, во обид на државните и воените претставници да ги прикријат нивните убиства, во масовна гробница беа закопани тела на 744 косовски Албанци.

Дури и да го ставиме Вучиќ по страна, повторно е тешко да се замисли дека преживеаните, семејствата на жртвите или активистите на граѓанското општество, би можеле да одржат комеморација на ова место, бидејќи српската полиција ретко дозволува влез на ова место.

Во Србија, само „ослободителните војни“ можат да бидат официјално одбележувани, како што е тоа дефинирано со законот за воени спомен-обележја. Ниту еден споменик не смее да вклучува одбележување на  „губењето на суверенитетот“.

Државните комеморации се фокусираат исклучиво на оддавање почит на српските жртви, додека само мал број активисти на граѓанското општество се сеќаваат на страдањата на другите. Убиствата престанаа, но војната со сеќавањата продолжува.

Германското искуство за справување со минатото, дефинитивно не е совршен модел, иако е веројатно еден од најуспешните. Сепак, земјата продолжува да се соочува со многу предизвици, вкоренети во антисемитизмот.

По војната, на многу членови на нацистичката партија им беше дозволено и натаму да бидат дел од државниот апарат и да поседуваат големи компании, а многумина никогаш не ги отфрлија своите дела од минатото. Денес, неонацистичките и крајно десничарските идеи повторно се во пораст, особено кај припадниците на полицијата и безбедносните служби, а минатата година беше забележано најголемо насилство врз Евреите, во однос на другите години во последните три децении. Сепак, земјата расчисти сама со себе.

Вучиќ сака на Германија да гледа како на пример. Тој често се фали со новите германски зборови што ги научил, со германските компании што ги донел да инвестираат во Србија, со српските еквиваленти на германските автопати што ги изградил и со неговиот напредок во читањето на делата на познатиот германски социолог, Макс Вебер.

Но, Вучиќ, кој беше министер за информации за време на косовскиот конфликт и бомбардирањето на НАТО, сѐ уште не фрлил поглед на тоа како Германија настојуваше да се искупи за своето воено минато.

По војната, германските претседатели се извинуваа за злосторствата извршени од нацистичкиот режим. Време е српскиот претседател да научи нешто од нивниот пример.

Марија Ристиќ е регионален директор на БИРН.

Ставовите изразени во овој текст се ставови на авторот и не ги одразуваат нушно ставовите на БИРН.