По пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, властите ветија „ресетирање на системот“. Девет и пол месеци подоцна, системот е ист: без политичка одговорност и со закони кои евидентираат трагедии, наместо да ги спречуваат.
Да не се случеше катастрофалниот пожар во Кочани, дискотеката и денес ќе работеше исто онака како што работела 13 години наназад, затоа што Законот за угостителска дејност и денес е истиот каков што бил и кога се случи несреќата.
Најавите за „ресетирање“ се сведоа на по некој променет закон и административни проверки. Инспектори и опрема низ институциите и натаму нема доволно.
Се формираше анкетна комисија во парламентот дури девет месеци по трагедијата, но не само за Кочани, туку и за трите претходни трагедии во Ласкарци, Бугарија и Тетово, и во момент кога јавниот притисок веќе беше ослабен, а политичката улога минимизирана.
Ниту оставки, ниту комеморација

Никој не понесе политичка одговорност за трагедијата | Фото: БИРН
16 март, Кочани. Улица „Крижевска“ број 2. Дискотека „Пулс“.
Навидум обична забава со 600 млади луѓе како и многупати дотогаш, меѓу нив и малолетници. Ништо не е невообичаено, сѐ до 2 часот и 32 минути кога бендот од ДНК ја свири песната „Што сака нека биде“. За последен пат.
Сега покојниот Мартин Атанасовски, кој бил ангажиран во дискотеката, ја активира пиротехниката со далечински управувач. Пламнуваат искри од пиротехниката, искрите го палат сунѓерот на плафонот. Со голема брзина огнот се проширува насекаде, паѓа дел од кровот.
Настанува стампедо. Некои се спасуваат, шеесетмина се задушуваат. Јавноста е во национален шок. Истиот ден станува јасно дека во моментот на пожарот, дискотеката нема важечка лиценца, дека немало доволно излези, противпожарна опрема…
БИРН детектираше дека на крајот на 2024, во Скопје само три угостителски објекти можеле легално да работат по полноќ.
„Потребна е демонстрација на морална одговорност“, говореше вознемирено премиерот Христијан Мицкоски на вонредната прес-конференција пред Владата.
Но, „демонстрацијата“ на одговорност не се случи.
Владата објави дека сите опфатени со истрагата ќе бидат разрешени, но и тоа остана голо ветување. Тогаш осомничениот министер без ресор во Владата на Мицкоски, Шабан Салиу, кој стана обвинет и натаму е на функција, а медиумите го уловија како се појавува во судот со службеното возило.
Оставка беше побарана од Мицкоски. Тој директно не одговори. Само кажа дека трагедијата се злоупотребува политички и дека против него се води кампања, алудирајќи на веб-страница каде тој со фотомонтажа со други функционери беше прикажан како испрскан со крв.
Единствениот јасен одговор на прашањето за политичка одговорност е изјавата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој кажа дека сакал да даде оставка, ама го разубедил татко на загинат полицаец во дискотеката: „Ми порача дека ме прати од кога сум започнал со оваа функција, и дека ме гледа дека се кршам морално, но најголема грешка која би ѝ ја направил на Македонија би било да се повлечам, дека тоа би било најлесно да го сторам, но и најпогубно за Македонија во тој момент“.
Во Собранието немаше никаква комеморација.
Две непријатни средби во Владата
Родителите на загинатите реагираа дека државата ги заборавила. Тие доставија конкретни барања до Владата, а на двапати одржаа и средби. Изјавија дека на една од средбите во Владата, премиерот им кажал да си ја напишат цената за нивните деца. Власта, пак, се правдаше дека на собирите биле изложувани политички барања.
Девет месеци по трагедијата се формира анкетна комисија, која треба да утврди политичка одговорност, но, не само за Кочани, туку и за трите големи други трагедии, пожарот во модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа на „Беса Транс“ и тешката сообраќајка кај Ласкарци.
Покрај оваа посебна комисија, за пожарот во Кочани се расправаше на постојаната анкетна комисија во парламентот за заштита на слободите и правата на граѓанинот. Таа препорача Собранието да усвои итни законски измени за подобрување на инспекцискиот надзор и регулацијата на угостителите и да се донесе посебен закон за обесштетување на блиските на жртвите.
Родителите 35 пати досега протестираа барајќи одговорност, но нивните протести не наидоа на помасовна граѓанска поддршка.
Во меѓувреме се случија локалните избори, на кои, беше избран нов градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Мицкоски најавуваше заедничка акција помеѓу Европската Комисија и Владата „Кочани 2030“, за реконструкција на кочанската болница, училишта, спортски сали, паркови и инфраструктура.
Ресетирање на системот – на хартија

Протест на родителите и граѓаните во Скопје | Фото: БИРН
Ако некој сака да добие лиценца за угостител денес тоа ќе може да го направи преку истиот Закон за угостителска дејност кој беше во правна сила и кога се случи трагедијата во Кочани. Во државата има сѐ помалку клубови, но не поради условите, туку поради поголема внимателност.
Тој закон откако е донесен е променет триесетина пати. Последен пат бил изменет само два месеца пред да се случи трагедијата во Кочани. Но, не за да ги заостри условите, туку главно со одредби за преименување на новото име на Министерство за економија и труд.
И ревизорите во извештајот за 2024 за Министерството за економија и труд констатираа дека издавањето лиценци за угостителски објекти е врз основа на доставена потврда „без да има законска обврска за задолжителна проверка на исполнување на минималните технички услови“.
Единствена промена откако се случи трагедијата, е тоа што пратениците изменија неколку закони, како на пример во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, со кои, од април прекршочно се забранува употреба на пиротехника во затворени простории. Со промената на Законот за урбанистичко планирање, државните органи по службена должност треба да прават редовни контроли, најмалку двапати годишно на сите издадени лиценци.
Освен ваквите законски промени, не се случија посериозни реформи, иако веднаш по трагедијата премиерот говореше дека пожарот е „кулимнација на еден лош забревтан систем кој ги јаде нашите надежи и нашите соништа“.
Мицкоски најавуваше решителни чекори и одлуки, а заедно со него и други министри ветуваа ригорозни проверки за менување закони и строги инспекциски контроли.
Па така, министерот Александар Николовски кажа дека ги исконтролирале сите лиценци издадени според законите за градба и за урбанистичко планирање и дека 15% од фирмите за изградба, проектирање и надзор на градби не ги исполнуваат условите за работа и лиценцата им е одземена.
Но, експертите реагираа дека проверките не се во делот на квалитетот на градбите, туку во делот на административните критериуми, како број на вработени, набавени машини и слично. Со други зборови, контроли имаше, но поголемиот дел од нив беа канцелариски, сведени на административна проверка. Имаше и такви институции, кои своите рутински задачи ги претставуваа како дополнителен напор за проверка.
Во повеќе од половина од општините во Македонија уште нема инспектори за заштита и спасување, а во Дирекцијата за заштита и спасување годинава немаше предвидено ниедно вработување. Само едно пензионирање.
За разлика од нас, во други слични случаи на трагедии во светот, имаше подлабоки промени. Едните беа политички. Па така, кога се случи пожарот во клубот „Колектив“ во Букурешт во 2015, во кој загинаа 64 луѓе, следуваа масовни протести. По нив, премиерот Виктор Понта, поднесе оставка од функцијата.
Романската влада донесе нови построги регулативи за локалните клубови за подобрување на безбедноста. Беше укината регулативата што дозволуваше мали објекти да работат без противпожарни дозволи.
Промени имаше и по пожарот во ноќниот клуб „Стејшн“ во Западен Ворвик, Роуд Ајленд во 2003. Измените по пожарот, беа мошне прецизни и налагаат секој ноќен клуб во кој има повеќе од 100 посетители да има противпожарен систем со прскалки што автоматски се вклучуваат.
Проблематизирано обвинение

Спроведување обвинет на судење за „Пулс“ | Фото: БИРН
За разлика од политичката, за кривичната одговорност, веднаш беше отворена истрага.
МВР апсеше од првиот ден. Бројот на осомничени од ден во ден растеше, за во еден момент да биде над педесет. Функционерите од власта го искористија моментот за да изјават дека за првпат има толкав број обвинети за една несреќа, споредено со претходните.
Тоа повремено создаваше впечаток како полицијата да ја води истрагата, наместо обвинителството.
Во јуни кочанското обвинителство поднесе обвинение, а во исто време ја запре истрагата за единаесетмина поради недостаток на докази.
Опфатот на обвинението, пак, создаде впечаток на решителност, но отвори сомнежи за правната издржаност на обвинителската теорија. Причината е што обвинителството поднесе обвинение со иста правна квалификација за сите обвинети и ја застапува т.н. теорија за долгорочен каузалитет, што значи дека пожарот настапил директно поради вината на сите обвинети, која се провлекувала 13 години.
Оваа обвинителска теорија наиде на критика кај правната фела како правно неодржлива. Освен тоа, некои од функционерите, како министри и директори не беа опфатени со обвинението, а меѓу кои има и такви кога беа на функција кога се случи пожарот.
Oбвинителството ги товари сите дека дејствувале со умисла како соизвршители, иако обвинетите извршувале функции во различни институции и во различни периоди.
Судењето за 35 обвинети и 3 фирми започна на 19 ноември.
Девет месеци по трагедијата во тек е обемниот судски процес, во кој, досега се одржаа осум рочишта. Досега се сослушани четворица од вкупно педесетина сведоци на Обвинителството.
Обвинителството отвори нова истрага за даночните инспектори, со која, повторно опфатени се неколкумина од оние на кои веќе им се суди. Штипска апелација вчера ги пушти од куќен притвор и наместо тоа им ги одзеде пасошите.
Покрај ова, Обвинителството за гонење организиран криминал ја заврши истрагата за полицајците.

