Според проценките на надлежните за шумите, македонските шуми годишно се зголемуваат за 1.830.000 кубни метро дрвна маса. Околу две третини од оваа количество или околу милион и двесте кубици е предвидено за сечење. Најголемиот дел од овие дрвја или околу милион кубици е дрво за огрев.
Цената на државното шумско дрво е околу 40 евра за кубик. Доколку во моментот отидете на стовариште кубик ќе ве чини околу 60 евра или 50 проценти поскапо од одредената цена. Покрај тоа стовариштата се празни. На пазарот има побарувачка за огревно дрво, но понудата е многу помала со што економијата си го прави своето и цената расте.
Најголемиот дел од огревното дрво го набавува Македонски шуми, сега претпријатието наместо да исече над 700 илјади кубици – сече не повеќе од 400 илјади кубни метри дрво на годишно ниво. Остатокот до потребите на пазарот се пополнува со околу 150 илјади кубни метри од националните паркови, продаваат за да заработат за одржување на овие со закон заштитени подрачја. Приближно исто толку дрво (150 илјади кубици) сечат и сопствениците на приватните гори. Збирот на овие легално исечени дрва е значи околу 700 илјади кубици.
Разликата за да се пополни празнината од побарувачката доаѓа од дивата сеча. Кога ќе се помножи 200 илјади кубици по 50-тина евра просечна цена излегува дека криминалниот бизнис со пустошењето на шумите вреди минимум околу 10 милиони евра годишно. Тоа е на пример повеќе отколку што во државата се троши за трговија со дрога на мало за зависниците и уживателите на сите видови наркотици, ако се користат податоците на Државниот завод за статистика. Или во проценти е 0,015 % од БДП.