Истражувањa

Српски полицајци кои работат на црно осомничени за насилство и корупција

Полициски службеници кои работат како обезбедување во ноќните клубови се обвинети за тепање клиенти и учество во изнудување рекет за давање заштита

Драгана Пецо – Нови Сад, Бања Лука и Лувен

На 26 март оваа година, Бошко Шеќеровиќ, 23-годишен морнар на брод за крстосување, зел неколку пријатели од главниот град на Србија, Белград и ги одвел до северниот град Нови Сад.

Шеќеровиќ и неговите пријатели се упатиле на улицата „Лазе Телечког“, во срцето на областа позната по ноќни клубови и барови, полна со млади луѓе кои пијат и танцуваат. Српска традиционална и странска поп музика одекнувала од секоја врата.

Додека Шеќеровиќ зборувал со еден пријател пред еден бар во околу два часот по полноќ, еден крупен човек грубо го турнал со неговото рамо, и момчето паднало на земја. „Горили“ од различни ноќни клубови пристигнале и почнале да го тепаат Шеќеровиќ и неговите пријатели.

Улицата „Лазе Телечког“ во Нови Сад, северна Србија

Улицата „Лазе Телечког“ во Нови Сад, северна Србија

„Тие петнаесет, не тепаа нас тројца. Ја изгубив свеста неколку пати”, вели Шеќеровиќ, кој завршил со скршен нос, скршен заб и модро око од тепачката.

Неговиот пријател и колега Јован Јовичиќ бил, исто така, повреден. Нозете му биле толку лошо помодрени што потоа со денови не можел да оди.

„Тоа беше чисто дивјаштво. Еден ве држи додека петмина други ве тепаат”, се сеќава Јовичиќ неколку месеци подоцна, а сликата му е сѐ уште жива. „Еден од напаѓачите отиде во клубот и се врати веднаш со телескопски пендрек, како оној што го користи полицијата”.

Шеќеровиќ и неговите пријатели избегале откако една девојка вработена во еден од баровите им дала клуч од тоалет. Тие се заклучиле и чекале да дојде полицијата.

Но, полицијата не била само нивен спасител. Според полициската пријава базирана на видео докази, барем еден полицаец работејќи на црно како обезбедување бил меѓу напаѓачите.

Застрашувачкото искуство на младите го нагласува широко распространетиот проблем во Србија и другите балкански земји. Млади полицајци кога не се на должност често работат како чувари во ноќни клубови и барови, понекогаш извршувајќи акти на насилство и учествувајќи во изнудување рекет за обезбедување заштита без да бидат казнети.

Проблемите на полицијата во Нови Сад

Според Законот за полиција на Србија од 2005 година, на полицајците не им е дозволено да се вклучуваат во било каква активност „некомпатибилна“ со нивните службени должности. Но, во законот конкретно не се наведува дека ова вклучува приватно обезбедување.

Побарувачката меѓу сопствениците на барови за приватно обезбедување е голема од 1990-тите, кога криминалот се зголеми додека Југославија пропаѓаше поради хаосот и војната. Полицајците биле подготвени да ја надополнат работната сила, бидејќи државата, осиромашена од војните, западните санкции и економските малверзации, не можела да си дозволи да ги плаќа добро.

Денес, Србија и понатаму е сиромашна во споредба со земјите членки на Европската унија, и таквата дополнителна работа може значително да ја зголеми месечната плата која е околу 400-500 евра за обичните полицајци.

Проблемот со дополнителната работа на црно е особено акутен во Нови Сад, вториот по големина град во Србија, каде што локалните жители велат дека новите клубови на пешачката улица „Лазе Телечког“ привлекуваат погруба толпа.

Според еден службеник од среден ранг во кривичната полиција, до пред само две години на улиците имало само по една или две сериозни тепачки годишно.

„Денес, има една месечно, а вмешани се и локалните млади полицајци“, рече тој, истакнувајќи дека несомнено има уште повеќе инциденти кои не биле пријавени во полиција.

Како и другите полициски извори во оваа приказна, службеникот разговараше со Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) под услов неговото име да не се користи.

На вратите на ноќните клубови на улицата „Лазе Телечког“, полицајците кои работат дополнително на црно не се разликуваат од другите чувари. Никој не носи униформи или други симболи за идентификација.

„Половина од чуварите на улицата „Лазе Телечког“се полицајци, припадници на специјалната полиција, жандармерија и други единици”, изјави висок офицер од одделот за кривична полиција во Нови Сад.

Според полицијата што го испитува случајот, снимката од безбедносната камера покажува дека еден од тие полицајци, мускулесто 28-годишно момче, било вклучен во нападот на Бошко Шеќеровиќ и неговите пријатели.

„Снимката покажува како 15 луѓе ги тепаат”, вели службеникот од среден ранг. „Полицаецот не учествува во тепачката од самиот почеток. Тој им се приклучил кога таа се разжештила“.

Потоа, „наместо да го пријави случајот во полиција, тој молчел”, додава службеникот. „И тогаш, ние ја откривме снимката“.

Според државните обвинители, полицаецот и четири други лица се обвинети од страна на полицијата за учество во тепачка и предизвикување на тешки телесни повреди на Шеќеровиќ и неговите пријатели.

Во интерес на правичноста, БИРН не го именува полицаецот, четирите други лица или другите осомничени обвинети од страна на полицијата во оваа приказна, бидејќи обвинителите сѐ уште не подигнале обвиненија. Во српскиот правен систем, обвинителите одлучуваат дали има доволно докази за да се подигнат обвиненијата посочени од страна на полицијата и да се изведе случајот пред суд.

Гвозден Гргур, адвокат на полицаецот и четворицата други лица, изјави дека тие се невини. Тој вели дека полицаецот не бил на местото на тепачката и не работел како приватно обезбедување. Гргур, исто така, вели дека не видел никакви видео докази.

Несреќна нова година

Иако проблемот со двојниот живот на полицајците е особено очигледен во Нови Сад, тој, исто така, постои и многу подалеку од границите на градот.

Во јужниот српски град Ниш, член на жандармериската паравоена полициска сила, кој работел како чувар во кафуле, нападнал и повредил три лица, без никакво оправдување рано наутро на 10 јануари оваа година, вели локалната полиција.

Службеникот бил суспендиран од работа, и обвинет од страна на полицијата за насилно однесување и се соочува со внатрешна дисциплинска постапка, се вели во соопштението на полицијата.

Не можевме да го контактираме обвинетиот полицаец за негов коментар. Обвинителите треба допрва да одлучат дали тој ќе биде изведен пред суд.

Во Босна, 27-годишниот Горан Мишиќ ја поминал минатогодишната новогодишна ноќ во болница откако бил претепан во еден ноќен клуб наречен „Тамарис“ во Бања Лука, главниот град на Република Српска.

Тренерот по фитнес Горан Мишиќ, закрепнува откако бил претепан во ноќен клуб во Бања Лука | Фото: Независне новине, Бања Лука

Тренерот по фитнес Горан Мишиќ, закрепнува откако бил претепан во ноќен клуб во Бања Лука | Фото: Независне новине, Бања Лука

Според полициската истрага, Мишиќ, фитнес тренер, стоел од страна на некои скали кога обезбедувањето вклучувајќи и припадник на специјалната полициска единица го нападнале.

„Бев нападнат неколку пати во текот на ноќта и ми беше скршен вратот“, се сеќава Мишиќ во едно кафуле во Бања Лука.

Министерство за внатрешни работи на Република Српска изјави дека тројца други членови на специјалната полиција биле присутни за време на нападот. Тие биле суспендирани во очекување на внатрешна истрага, но инспекторите не биле во можност да докажат дека нелегално работеле како обезбедување.

Во соопштението, министерството вели дека на полициските службеници им е „строго забрането” да работат како приватно обезбедување, но „овие видови на активности тешко се докажуваат бидејќи сопствениците на барови и ресторани често ги заштитуваат луѓето кои работат за нив”.

Полицијата го обвинила наводниот напаѓач за предизвикување на тешки телесни повреди и случајот бил предаден на обвинителството. БИРН не беше во можност да го контактира обвинетиот полицаец да даде коментар за обвинувањата против него.

Без полицијата нема бизнис

Улогата на многу полицајци во приватното обезбедување значи дека тие се исто така вклучени во мрачниот свет на изнудување рекет за обезбедување заштита.

Поранешен полицаец, кој го истражувал ова прашање во Србија тврди дека често биле вмешани локалните началници на полицијата. Тие го прават првичниот контакт со сопствениците на баровите како дел од нивните службени должности, но потоа вршат притисок врз нив да ги вработат нивните службеници како приватно обезбедување, вели тој.

Доколку сопствениците одбијат, тие можат да очекуваат полициски рации и локални полицајци како им наредуваат да ја исклучат нивната музика. Неизбежно, бизнисот страда.

„Не може да имате ноќен клуб во Нови Сад, ако не ја вклучите полицијата”, изјавува Светлана Гајиновиќ, која вели дека нејзиниот бар во градот бил цел на постојано полициско малтретирање на почетокот од оваа година.

„Доаѓаа речиси секој викенд и правеа рација без никаков налог“, вели таа.

Светлана Гајиновиќ, која имала ноќен клуб во Нови Сад

Светлана Гајиновиќ, која имала ноќен клуб во Нови Сад

Седејќи во нејзината дневна соба, понекогаш правејќи пауза во средината на разговорот со цел да ги собере нејзините мисли и да го смири нејзиниот гнев, Гајиновиќ вели оти таа конечно се согласила да вклучи еден полицаец како обезбедување.

„Тој само седеше во аголот и пиеше”, вели таа. „Не беше обезбедувач што би се грижел дали е сè во ред и да нема проблеми”.

Полицаецот бил присутен само неколку ноќи пред Гајиновиќ да го затвори нејзиниот бар. Таа дури немала ниту 30 евра што требала да му ги плати.

Дури и полицајците, кои само сакаат да заработат екстра пари завршуваат во средина полна со луѓе кои треба да бидат нивни непријатели.

„Проблемот е во тоа што полицајците и криминалците се на иста страна, бидејќи 90 проценти од чуварите во ноќни клубови имаат криминално минато”, вели Ненад Љубишиќ, полицаец од Нови Сад, кој ја предводи професионалната асоцијација за промовирање на високи полициски стандарди.

Полицијата во Нови Сад ги одби барањата за интервју или писмена изјава како одговор на обвинувањата против нивните службеници содржани во оваа приказна.

Цајкани, кеш и оружје

Полициските службеници кои работат на црно можат да заработат од 10 до 50 евра на вечер, според полициски извори. Во текот на еден месец, тие може да заработат од приватната работа како обезбедување, исто колку што заработуваат од платата како полицајци, создавајќи очигледен конфликт на интереси.

Често овие службеници се силни, физички способни млади луѓе кои работат за единици кои се повикуваат да дејствуваат во опасни и насилни ситуации.

За сопствениците на барови и клубови, нивното вработување им нуди значајни предности. Тие се запознаени со полициските истраги и можат да помогнат да се заобиколат локални регулативи, како правилото за работното време. Ним, исто така, им е законски дозволено да носат оружје, дури и кога не се на должност.

„Жално е што секој може да си купи полицаец за 20 или 30 евра, да добие оружје и полициска значка”, вели Љубишиќ.

Иронично, голем број на вооружени полицајци кои не се на должност на едно место може да биде рецепт за небезбедност.

Една октомвриска ноќ минатата година, Миодраг Ристиќ, триесетгодишен полицаец од единицата за справување со нереди, кој не бил на должност, случајно го убил неговиот пријател и колега од полицијата Александар Симиќ пред барот „Тапас“ во Нови Сад Бар, каде Симиќ работел како приватен чувар.

„Човече, јас те убив”, викал Ристиќ, удирајќи го ѕидот со рацете по пукањето, се вели во изјавите на сведоците собрани од страна на полицијата. Тој се обидел да се убие, но бил спречен од страна на луѓето во близина.

Во април оваа година, судот го осуди Ристиќ за убиство и го осуди на девет години затвор, но повисокиот суд нареди повторно судење.

Син ѕид на молкот

Строга контрола во Брисел
Законот за регулирање на приватното обезбедување од 1990 година во Белгија се смета за еден од најстрогите во Европа и би можел да биде модел за Србија и другите балкански земји, ако сакаат да го исчистат секторот.
„Многу јасно ставивме до знаење дека приватна компанија за обезбедување не може да вработи активен полицаец“, вели Лодевијк де Вит, гувернер на провинцијата Фризиски Брабант, кој работел на законот како висок функционер во белгиското Министерство за внатрешни работи.
Белгискиот пристап се обидува да ги минимизира ризиците од било каков конфликт на интереси. Според законот, на полициските службеници им е забрането да работат во приватно обезбедување пет години по напуштањето на службата. Де Вит изјави дека ова е особено важно затоа што полицијата морала да го спроведе законот во сите делови од општеството, вклучувајќи ги и приватните компании за обезбедување.
„Токму затоа сакавме строга поделба помеѓу двете институции“, вели тој.
„Ако не го регулиравме тоа, без сомнение, приватните компании за обезбедување ќе се обидоа да ангажираат полицајци и … и тие би рекле во ред, ако дојдете да работите со нас, можете да започне следниот месец и ние ќе ви платиме подобро отколку што сте платени во полицијата“.
Тина Вебер, британски истражувач која направила студија во 2002 година за регулирање на приватното обезбедување во Европската унија, изјави дека белгискиот закон силно ја нагласува „заштитата на граѓаните од било каква злоупотреба на моќта од страна на приватното обезбедување и самите обезбедувачи“.
„Белгија, исто така, има најмногу рестриктивни услови и се забранува постоење на претходно криминално досие, а потребна е и сертификација за „добар карактер“, изјави Вебер преку е-маил. „Постојат строги прописи во однос на почетната и постојана обука на обезбедувачите и носењето на оружје.“

Иако е широко познато дека нивните колеги тајно работат како обезбедување, полицајците се жалат дека се соочуваат со многу пречки во обидот да се справат со проблемот.

Ако полицајци бидат забележани во клубовите, тие секогаш велат дека само пијат како и секој друг муштерија.

Нивните колеги, исто така, им помагаат да ги сокријат нивните работни места на страна. Службениците кои патролираат по улиците нема да ги откријат имињата на оние кои работат како обезбедување во ноќните клубови.

„Наместо да ни помагаат, тие ги кријат сторителите и ја попречуваат нашата работа”, вели полицаецот од среден ранг во Нови Сад, слегнувајќи со рамениците за да ја истакне својата немоќ.

Практиката да не информираат за нелегалните активности на колегите полицајци понекогаш е позната како „син ѕид на молкот”.

Тоа не е единствениот ѕид на молчење околу ова прашање. БИРН побара интервјуа со повеќе од 10 сопственици на барови на улицата „Лазе Телечког“ во Нови Сад во врска со полицајците кои работат како обезбедување. Сите одбија, дури и кога ги уверувавме дека нивниот идентитет нема да биде откриен.

Другите обезбедувачи исто така молчат, одбивајќи да и кажат на полицијата дали нивните колеги полицајци работат на вратите на клубовите и извршиле некаков прекршок.

Но, поранешниот полицаец кој го истражува ова прашање вели дека главната пречка за осудување на поранешните колеги, кои тепаат луѓе, а работат како обезбедување бил стравот на жртвите. Во многу случаи, жртвите лесно му ја кажувале целата нивна приказна, но не сакале да одат на суд.

„Пред да се соочат со своите напаѓачи (во судот), секој може да ги контактира жртвите за да влијаат врз нив или да им се заканат”, вели тој. „Кога некој ќе земе предвид дека треба да се соочи лице в лице со полицаец кој го тепал, се плаши да оди на суд. Тоа се случува во 99 отсто од случаите”.

Плати и вештини

Поранешниот офицер верува дека единствениот начин да се изведат грубите полицајци пред лицето на правдата е да се спроведат сериозни долгорочни истражувања со користење на прислушување и таен видео надзор.

Но, вели тој, одделот за внатрешна контрола на полицијата бил позаинтересиран за исполнување на целите со решавање на многу едноставни поплаки отколку трошење време на една долга длабинска истрага.

Тајната работа на полицијата придонесува за ширење на поголема недоверба меѓу граѓаните во силата која е наменета да ги заштити. Во 2013 година, процентот на српски граѓани кои и веруваат на полицијата изнесувал 31 процент, според анкетата на европското тело за безбедност, ОБСЕ.

Спротивно на тоа, анкетата во 2010 година покажала дека 64 проценти од граѓаните на Европската унија и веруваат на полицијата.

Некои експерти сметаат дека еден начин да се справи со работата на страна и корупцијата е да им се даде поголема плата на полицајците, па да не бидат ставени во искушение да имаат дополнителна работа.

„Владата треба да исплатува разумна плата … А разумна плата е една од најважните алатки за да се спречи корупцијата”, вели Од Бернер Малме, поранешен висок полициски офицер во Норвешка, кој работел како советник на ОБСЕ во Србија за реформи во полицијата.

Александар Фатиќ, експерт за етика во јавниот живот, предлага да им се забрани на полициските службеници да носат пиштоли, кога не се на должност бидејќи тоа ќе помогне за решавање на проблемот.

Фатиќ и другите експерти, исто така, ја доведоа во прашање обуката на полициските регрути, сугерирајќи дека таа не е доволно ригорозна за примена на етиката и дисциплината.

Минатата година, се појави фотографија на полициските кадети како лежерно седат на скалите на центарот за обука, посочувајќи ги пиштолите кон камерата во арогантен стил, потсетувајќи на локалните гангстери.

Српски полициски кадети на фотографија објавена на социјалните медиуми

Српски полициски кадети на фотографија објавена на социјалните медиуми

Со години, официјални лица изјавуваат дека експлицитно ќе им се забрани на полицајците да работат како приватно обезбедување со издавање прописи поврзани со Законот за полиција од 2005 година.

Сега, сепак, тие велат дека владата ќе донесе нов Закон за внатрешни работи, што ќе вклучува дел во кој ќе се специфицира кои работни места нема да бидат дозволени за полицијата.

„Според моето мислење, ова е подобро од донесување прописи кои се занимаваат со тоа, бидејќи законот е закон, категоричен, нема простор за различни толкувања“, вели Милорад Тодоровиќ, висок официјален претставник во српското министерство за внатрешни работи. Тој вели дека владата ќе се обиде да го донесе Законот до крајот на годината.

Експертите сугерираат дека на полицајците, исто така, треба да им се забрани да работат во приватно обезбедување определен период по напуштањето на полицијата. Во моментов, полициските службеници често престануваат со работа и веднаш потоа отвораат фирми за обезбедување и регрутираат колеги кои сѐ уште носат униформа да работат за нив.

„Во многу други земји овој проблем е решен на драстичен начин – на пример во Белгија, каде што тие немаат право да работат во приватно обезбедување пет години”, истакна Душан Давидовиќ, аналитичар во Институтот за криминолошки и социолошки истражување, со седиште во Белград.

Иако проблемот е широко признаен, ниту еден српски полицаец не е казнет за дополнителна работа во бизнисот за обезбедување, рекол на една конференција претходно оваа година поранешен шеф на службата за внатрешна контрола на полицијата.

Златко Николиќ, широко почитуван криминолог со седиште во Белград, вели дека е време за властите да станат посериозни во врска со справување со ова прашање. Ниските плати во јавниот сектор не се оправдување за полицајците да имаат и други работни места, вели тој.

„Ова се толерира затоа што тие сиромашни луѓе не се платени многу“, вели тој. „Но, тогаш што треба да прават лекарите? И треба ли владините министри да работат како менаџери на бар?“

Драгана Пецо е истражувачки репортер во Центарот за истражувачко новинарство на Србија иПроектот за известување за организиран криминал и корупција. Овој текст е дел од програматаБалкански стипендии за новинарска извонредност, со поддршка од фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.