Вести

Кога директорот е уредник, а авторот не е автор

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Скандалот почнува со фејсбук статус и принт скрин од две скандалозни песни, дел од збирка на песни на млади поети, организирана и платена од Агенцијата за млади и спорт. Како се шири статусот на Фејсбук и на Твитер, така се јавува Агенцијата која се оградува од своето дело.

Вчера на полноќ, требаше да поминеме 4 трафики додека да најдеме „Нова Македонија“, весникот кој ја дистрибуираше Збирката поезија од проектот Млади поети издадена од страна на Агенцијата за млади и спорт. Кога конечно го најдовме, ја погледнавме насловната страна од збирката поезија која според изгледот ветуваше многу – млади поети, книга со добар печат, илустрации и поезија од повеќе млади автори.

Тоа, сè додека не се види содржината. Љубовна, патриотска, но и дискриминаторска поезија на повеќе од 100 страници со 44 песни, испечатена во тираж од 5000 примероци – тираж кој во Македонија е комплетно непознат дури и за познати македонски автори кои своите книги ги печатат во просек во 500 примероци.

Дел од песните на младите автори наликуваат на песнички од прво одделение кога учениците се обидуваат по секоја цена да вметнат рима во нивните почетнички дела, а дел пак се однесуваат на „маченичката судбина на македонскиот народ“.   

Збирката поезија барем според изгледот ветуваше многу – млади поети, книга со добар печат, илсутрации и поезија од повеќе млади автори

Двете „спорни“ песни за кои претходно јавноста се крена на нозе откако истите се најдоа на социјалните мрежи содржат дискриминаторски елементи од секој можен аспект. За нив и не е потребна дополнителна анализа бидејќи авторот не штеди зборови во својата дискриминираторска реторика.  

Тука настанува пресврт поради кој целиот случај почнува да наликува на лошо изведена првоаприлска шега. Па така, авторот кој е потпишан на овие две песни е Даниел Пиљаковски, тврди дека тој всушност не е автор. Пиљаковски за БИРН тврди дека автор на двете песни е извесен „Александар Блажевски, кој не можел да аплицира на конкурсот бидејќи бил постар“. Тоа уште повеќе ја заплеткува оваа поетска приказна иницирана од Агенцијата за млади и спорт која буџетот го чини 150 илјади денари.

„Јас сум еден обичен студент кој не знае да пишува поезија. Александар Блажевски ми е познаник, тој ми држеше часови по математика и во една прилика ми рече ‘јас сум постар, немам каде да ги објавам моите песни, ќе може ли на твое име да бидат’ и јас се согласив, но не ја знаев содржината. Не знаев дека се вакви песните, јас никогаш не би напишал ваков текст, ова е многу лошо“, ни рече Даниел во телефонски разговор.

Се обидовме да контактираме и со Александар Блажевски, кој не одговори на нашите прашања.

Одговорноста допрво ќе се лоцира

Издавач на збирката поезија е Агенцијата за млади и спорт, како уредник е потпишан директорот на АМС Дарко Каевски, содржината има поминато и низ лекторска обработка, а дизајнот, техничкото уредување и печатењето го има извршено фирмата Арс Ламина, по претходно распишан тендер.

„Јас сум само тој што ја одобрува постапката, немам обврска да ја прочитам содржината“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски на прес-конференција, на прашањето каква била неговата улога како уредник на збирката поезија. 

Тој топката на одговорност ја префрли кон тричлената комисија во состав од Јовица Иловски, Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски која, според решението за формирање комисија, меѓудругото требало да изврши селекција на пристигнатите творби за збирката млади поети и ќе изготви писмен извештај до директорот на АМС.

„Денес имав разговор со претседателот на Комисијата, кој ме извести дека тие не биле свесни дека требало да прават селекција и да отфрлат песни. По однос на содржината тие сметаат дека секој има право на слободна мисла и изразување, но јас имам поинаков став.  Слободата на говор е неприкосновена, но се додека таа не се претвора во говор на омраза и дискриминација. Ние мораме да се бориме проти овие појави и ќе го правиме тоа. Овој случај е аларм за нас како институција, а јас како директор чувствувам морална одговорност за настанатата грешка и се извинувам на јавноста поради тоа“, рече Каевски.

Тој рече дека спорната збирка поезија ќе биде повлечена, бидејќи сè уште не била диструбуирана во целиот тираж.

„Јас ќе побарам од одговорните да ја надоместат штетата во целост“, рече Каевски.

Директорот на АМС не ја прочитал спорната содржина, туку присуствувал само на читањето на трите наградени песни.

„Комисијата, па дури и лекторот и издавачката куќа требало да ме известат ако постои некаква спорна содржина. Јас само ги утврдувам чекорите, но не и содржината“. 

Иако се очекуваше прес-конференцијата на Каевски да даде одговори во однос на одговорноста и превидите што се направени во целиот овој процес, јавноста повторно остана без одговор, особено ако се земе предвид тоа што членовите на комисијата тврдат дека тие немале никаква друга обврска освен да изберат три најдобри песни.

„Единствената обврска што ја имавме беше да одбереме три најдобри песни од сите пристигнати. Не бевме консултирани ниту дали нешто смее да се објавува или не, ниту пак некој не консултираше во однос на тиражот“, изјави за БИРН членот на комисијата Тихомир Јанчовски.

Ова е четврта година по ред Агенцијата за млади и спорт да издава збирка поезија од млади автори, но ова е првпат јавноста да биде сведок на дискриминирачка содржина објавена од млади автори, а финансирана од буџетот.