Политичките партии повеќе трошат за предизборна промоција во медиумите откако државата плаќа за емитување на нивните реклами на телевизиите, радијата, весниците и на порталите. Овој тренд може да се илустрира преку споредба на парите што партиите ги потрошиле за изборите во 2016, кога сами си ја плаќаа промоцијата, и буџетите за ланските претседателски и за годинешниве парламентарни избори за кои важат нови правила.
Со промена на Изборниот законик во 2018 година, буџетот преку Државната изборна комисија (ДИК) ги покрива трошоците за предизборна пропаганда.
Анализата на БИРН покажува дека 12 партии и коалиции пријавиле дека потрошиле вкупно 2,5 милиони евра за „реклама и за пропаганда“ за изборите во 2016, а на ланските претседателски избори, кога веќе важеа новите правила, биле потрошени 3,6 милиони, иако се натпреваруваа само тројца кандидати, односно вкупно 3,8 милиони евра ако се земат предвид и локалните избори во три општини што се одржуваа паралелно со претседателските.
Годинава, пак, ДИК предвидела буџет од дури 6,5 милиони евра за предвремените парламентарни избори на 12 април.
Шансата да се трошат огромни буџетски суми ја дава Изборниот законик, кој предвидува дека партиите може да потрошат најмногу по 110 денари по запишан гласач во изборна единица
Шансата да се трошат огромни буџетски суми ја дава Изборниот законик, кој предвидува дека партиите може да потрошат најмногу по 110 денари по запишан гласач во изборна единица. Ако се земе предвид дека во Македонија има регистрирано близу 1,8 милиони гласачи, излегува дека секоја од партиите и коалициите теоретски може да потроши нешто повеќе од три милиони евра.
Ова не значи дека партиите сигурно ќе ги потрошат сите од ДИК предвидени 6,5 милиони на претстојните избори, зашто, како што разбра БИРН, постои некаков џентлменски договор да не се злоупотребува фактот што законскиот лимит е дури три милиони евра по партија.
Сепак, теоретски останува можноста да се потрошат и повеќе од предвидените 6,5 милиони, и затоа претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, на една од последните седници на комисијата изјави дека „можеби ќе има потреба да се дополни оваа ставка.“
Ова изборно опуштање на партиите се случува во период, кога, пак, ним драстично им се зголемија буџетските приходи и по ред други основи.
Сега тие годишно делат 4,5 милиони евра на име на годишна буџетска поддршка, за разлика од порано кога таа сума беше околу 1,8 милиони и плус последниве три години партиите делат 320.000 евра за партиските центри за анализа и истражување.
За три години, 800.000 буџетски евра за партиските центри
Партиско-истражувачките центри се воведоа од 2015 година и за нив ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и БЕСА, за три години добиле вкупно 800.000 евра од буџетот.
Овие центри беа замислени како тела со посебна потсметка, кои ќе бидат дел од партиите и кои ќе спроведуваат аналитика, истражувања, обуки, трибини, семинари и работилници за потребите на политичките партии. Оперативно, тие имаат раководител и може да ангажираат најмалку двајца вработени. Центрите беа воведени со закон уште во времето кога со државата управуваше власта на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски.
За потребите на партиските центри, годишно се делат 320.000 евра на четирите партии со најмногу пратеници во Собранието. По 10.000 евра за обука добива секоја од четирите партии, додека остатокот од 280.000 евра се делат по друг принцип. Околу 60 проценти од парите се делат еднакво на сите четири партии, додека останатите 40 проценти се делат нерамномерно според тоа која партија освоила најмногу пратеници.
Според овие формули, ВМРО-ДПМНЕ, како партија со најмногу пратеници, годишно зема околу 91.000 евра, СДСМ 85.000, ДУИ 74.000, додека БЕСА речиси 69.000 евра. Со таа разлика што СДСМ и ДУИ три години земаат пари по овој основ, додека ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА само две бидејќи подоцна ги формирале центрите.
Четирите партии за последните три години поделиле точно 800.829 евра.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во разговор за БИРН вели дека партијата овие пари ги користела најмногу за анкети, истражувања и за обуки и потенцира оти Државниот завод за ревизија немал никакви забелешки за начинот на кој неговата партија ги трошела парите наменети за центрите.
Истото го тврди и Абдуш Демири, раководител на Истражувачкиот аналитички центар на БЕСА. И тој вели дека неговата партија ги користи парите за истражувања, анкети и за обуки.
„Ние сме млада партија и секоја помош ни е добредојдена“, вели Демири за БИРН.
Тој дополнително открива дека центрите на четирите најголеми партии почнале и да соработуваат и тоа за првпат се случило околу регулативата со која се ограничува употребата на пластичните кеси.
Раководителот на истражувачкиот центар на СДСМ, Мартин Попов вели дека, според него, партиите имаат потреба од овие пари. Тој вели дека СДСМ ги користеле парите според строгите законски насоки.
Аргументација за воведувањето на овие центри е дека на овој начин ќе се подобрат политиките што ќе ги промовираат партиите
На пример, последниве дебати што ги организира владејачката партија наречени Агенда 20-24 се дело на партискиот центар на Бихаќка.
Во 2013 година, кога беше промовирана идејата за партиско-истражувачки центри, помалите парламентарни партии се жалеа дека се дискриминирани и имаше коментари дека законот ги дискриминира независните истражувачки центри.
Партиските центри не се посебни правни лица и партиите може да обезбедуваат дополнителни пари за нивно функционирање, меѓутоа законот забранува партиите да ги користат парите на центри за други цели.
Ако раководното лице на партискиот центар ги искористи парите за цели што не се предвидени со законот, казната за него е предвидена да биде од 2.000 до 4.000 евра.
Аргументација за воведувањето на овие центри е дека на овој начин ќе се подобрат политиките што ќе ги промовираат партиите.