Анализи

Економската година што (не) доаѓа

 

Продолжува чекањето подобар животен стандард | Фото: БИРН

Колку што 2019 беше година на економијата, толку ќе биде и оваа, доколку се остварат прогнозите на меѓународните финансиски институции според кои економскиот раст во 2020 година ќе се движи од 3,2%, колку што е проекцијата на Европската комисија и Светска банка, 3,4% на ММФ, до најмногу 3,8% колку што прогнозираат Народна банка и Владата.

Овие стапки на раст на бруто домашниот производ (БДП) речиси воопшто не отстапуваат од оние што статистиката ги евидентираше во трите квартали во 2019, и тоа 3,9% во првиот, 3,4% во вториот и 3,6% во третиот квартал до септември . Податоците за последниот квартал што допрва треба да се објават се очекува да бидат дури и понегативни, имајќи ја предвид високата споредбена основна од истиот период во 2018.

Скромни економски резултати има и кај индустриското производство, кое во првите десет месеци од годината забележа раст од 5,4%, што е речиси идентично како и за истиот период претходната година, а извозот од јануари до октомври годинава се зголемил за 10,8%, што е забавување во споредба со растот во 2018 година.

На пазарот на трудот, пак, креирани се над 40 илјади нови работни места за една година, и тоа главно во приватниот сектор, со што Владата може да се пофали со најниска стапка на невработеност од 17,1%, а реалната просечна плата во истиот период е зголемена за 3,8%, со што надмина 25 илјади денари.

Сепак, без оглед што клучните економски индикатори минатата година се подобри од претходната, тешко може 2019 да се прогласи за година на економијата како што потенцираше премиерот Зоран Заев. Што е економска година е субјективно прашање, но, сепак, споредено со останатите земји во развој кои остваруваат стапки на раст и над 6%, какво било крунисување со ваква титула би било неоправдано.

Меѓутоа, иако овие достигнувања можеби не се спектакуларни, не се ниту за потценување за период од две и пол години колку што е на власт оваа Влада, а тоа го нотираа сите меѓународни финансиски институции што ја оценуваат бизнис-климата во земјава.

ММФ во својата заклучна изјава по Мисијата на Фондот во земјава, по член 4, објави дека „по долготрајната политичка криза, економијата влезе во период на солиден раст и стабилност. По привременото забавување во 2017 година, растот повторно закрепна во 2018 година и дополнително зајакнува во текот на оваа година, придвижуван од силната домашна побарувачка и солидниот раст на извозот, и покрај забавувањето на меѓународната трговија. Невработеноста, иако и понатаму висока, покажува одржливо намалување, поддржано од значителното креирање нови работни места“, пишува во изјавата на ММФ.

Она што можеби предизвика најголемо разочарување во јавноста, а е навидум неекономски критериум, е слабиот напредок во владеењето на правото, и тоа како важно за бизнис-климата. Функционирањето на правната држава е еден од клучните критериуми за водење бизнис, што инвеститорите го земаат предвид кога носат одлуки дали овде да градат фабрики или не.

Па, дури и кај граѓаните, незадоволството токму од (не)владеењето на правото е сосема разбирливо, бидејќи и кога пред неколку години излегоа на улица да бараат промени, не скандираа ниту ЕУ или НАТО, ниту, пак, економски раст од 5%, туку извикуваа „нема правда, нема мир“, парола еднакво релевантна и денес како и тогаш.

Избори наместо реформи

Владата половина година ќе биде фокусирана на изборите | Фото: БИРН

Економистите коментираат дека движењето на домашната економија, во голема мера, зависи од тоа што ќе се случува глобално, и особено во Европа. А во Европа се чини дека „облачното време се разведрува, а сонцето се очекува да изгрее од Германија“.

Германската економија лани за влакно избегна рецесија, но веќе оваа година се очекува да порасне 1,3%. Тоа значи дека ќе се зголемува побарувачката за производи од Германија, и тоа е добро и за нашата економија, бидејќи половина од вкупниот извоз завршува токму на германскиот пазар.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески оценува дека прогнозата за македонската економија главно зависи од глобалните случувања, односно од разрешувањето на трговските тензии меѓу САД и Кина, кои се клучни за странската побарувачка, но и од неколку домашни ризици.

Без оглед што клучните економски индикатори годинава се подобри од лани, тешко може 2019 да се прогласи за година на економијата како што потенцираше премиерот Зоран Заев

„Неспорно тоа се предвремените парламентарни избори коишто ќе ја окупираат првата половина од годината. Сме виделе и претходно дека нашите стопанственици заземаат некоја повнимателна позиција во текот на изборни циклуси и тоа детерминира едно благо забавување на растот“, коментира Петрески.

Но, според него, тоа е многу краток рок, а она што е поважно е што ќе се случува потоа.

„Секогаш доаѓањето на нова влада е момент кога треба да размислиме кои се нашите долгорочни цели како економија. Политичките партии може да се разликуваат во инструментариумот што ќе го користат за да се постигне некоја долгорочна цел, меѓутоа во целите не треба да се разликуваат. Ако тоа е европската интеграција што гледаме дека е цел на сите политички партии, тогаш треба исклучителен фокус да ставиме на економијата и да видиме како реформите што ќе се прават, особено низ процесот на преговарање со ЕУ може да дадат максимален резултат за економијата“, истакна Петрески.

Освен очекувањата за почеток на преговорите за влез во ЕУ оваа година, далеку поизвесно е членството во НАТО, а иако економските перформанси на земјите-членки не се примарна грижа за системот на колективна безбедност на Северноатлантската алијанса, неговата директна функција, обезбедувањето на безбедноста, има голем позитивен ефект врз политичката и економската стабилност.

Искуствата на другите земји што го поминаа евроатланскиот пат пред нас покажуваат дека по пристапувањето во НАТО, се зголемува инвестициската активност, се намалува невработеноста, економскиот раст е забрзан и се забележува подигнување на животниот стандард.

Расти, расти БДП

Со сегашниот раст, европскиот просек ќе го достигнеме за 30 години | Фото: БИРН

Без оглед дали растот годинава ќе биде 3,2% или 3,8%, малите разлики во процентите не може да направат голема разлика во животниот стандард на граѓаните.

Ако економијата продолжи да расте со стапки од 3% до 4% годишно, се проценува дека бруто домашниот производ по жител може да го достигне европскиот просек за повеќе од 30 години. Но, ако забрза на 6%, тогаш европските нивоа се достижни и за 15 години.

Експертите на ММФ од Вашингтон посочуваат дека властите мора да ги спроведат реформите за адресирање на клучните институционални слабости  за да се подигне среднорочниот раст и да забрза изедначувањето на приходите со европскиот просек.  

Функционирањето на правната држава е еден од клучните критериуми за водење бизнис што инвеститорите го земаат предвид кога носат одлуки дали овде да градат фабрики или не

„Иако во последниве две децении растот беше солиден, сепак не е доволен за да може значително да го стесни големиот јаз во доходот меѓу ЕУ и Северна Македонија. За да се забрза изедначувањето на приходите, од суштинска важност е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контролата врз корупцијата“, пишува во оценката на ММФ.

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека токму повисоките стапки на економски раст од сегашните треба да биде мотив за креаторите на економските политики да спроведат структурни реформи.

„За да може да расте економијата со повисоки стапки, но на одржлив начин, она што е важно е да го зголемиме потенцијалот за економскиот раст. Прашањето како да го направиме тоа е суштинско и не води до структурните реформи и тоа во делот на трудот, односно човечкиот потенцијал, капиталот и продуктивноста. Оттука неопходни се реформи во делот на образованието, здравството, потребни се поголеми инвестиции и од страна на државата и од приватниот сектор, и бројни реформи во насока на зголемување на продуктивноста, а со тоа и конкурентноста на економијата“, оцени гувернерката Ангеловска-Бежоска.

А за да се спроведат реформи во овие сектори, властите ќе мора попродуктивно да ги трошат народните пари. Оваа година на располагање имаат 3,9 милијарди евра, од кои 283 милиони евра ќе се надополнат со задолжување.

Вкупните задолжувања, всушност, се планира да бидат поголеми, и тоа околу една милијарда евра, од кои половина ќе се позајмат од странство, најверојатно со еврообврзница, но освен за буџетскиот дефицит од 283 милиони евра, останатите се потребни за раздолжување по претходно издадени обврзници и земени кредити. Јавниот долг во 2020 година се проценува дека ќе достигне 52,3% од БДП.