кДве минатовековни умирања, двете на ист датум, на 4 мај, и тоа како ја обликуваа македонската историја. Првото е убиството од пред 123 години на македонскиот револуционер Гоце Делчев во Баница, во таа востаничка 1903 година.
Второто е смртта од пред 46 години на доживотниот претседател на СФР Југославија Јосип Броз Тито, во таа, би рекол, преломна 1980 година.
Делчев и Броз, се разбира, не се врсници, ама затоа може да се каже дека се современици. Разликата во годиштата меѓу нив е едвај две децении, што значи дека во некои други околности можеби би знаеле еден за друг, можеби би се познавале, дури можеби и би биле сојузници во нивната идеолошка борба, а можеби би биле и непријатели.
Како и кај сите хипотетички нагаѓања, тоа никогаш нема да го (до)знаеме.
Се решив овој текст да го посветам на смртта на Тито, а не на погибијата на Делчев, од неколку причини. Прво, затоа што мислам дека Делчев, првенствено поради прераната смрт, во години кога допрва требаше да дојде до израз неговата продуктивност во обликувањето на македонското револуционерно движење, не остави толку забележлива трага во македонското државничко и национално реализирање, како што тоа го направи Тито.
Тито, ете, имаше среќа долго да живее и долго да ја практикува власта, притоа, како што тогаш се велеше, да има исправен став кон македонското национално прашање. Втората причина е затоа што јас не сум му современик на Делчев, а сепак сум му современик на Броз, што ќе каже дека многу добро го паметам неговото време, а особено неговата смрт.
Тито и ние
Без оглед на контроверзноста и алергијата што дофаќа голем дел од населението, па и од оној слој што го нарекуваме „интелектуалци“ при споменувањето на неговото име, мора да се признае дека Тито, во ефективна смисла, направил многу за етаблирање на македонскиот национален идентитет, да не кажам многу повеќе од голем број дејци што се врзуваат за македонската кауза.
Тука нема да ја споменувам неговата улога во Втората светска војна, како неприкосновен водач на единствениот ефективен и ефикасен отпор во поробената Европа, ниту Второто заседание на АВНОЈ во Јајце 1943 година, кога Македонија де јуре и де факто беше признаена како нација со право на самоопределување.
Ќе споменам дека, според податоците, Тито за време на своето владеење ја посети Македонија 16 пати. Отприлика по еднаш на секои две години. Некои од тие посети можат да се наречат пропагандни, некои куртоазни, ама некои и буквално историски.
Од македонски аспект гледано, секако е историска неговата прва посета, на 11 октомври 1945 година, кога пред преполниот скопски централен плоштад, станува првиот државник што воопшто ги споменува Македонците како нација и Македонија како држава. Историска е и неговата посета, реализирана непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога ветува дека Југославија ќе направи сѐ да го обнови разурнатиот град.
И ветувањето го исполнува. И покрај големата меѓународна помош или и покрај неа, главната улога во обновата на Скопје, сепак, ја има југословенската солидарност. Воопшто не е претерано да се каже дека Скопје никогаш немаше да изгледа вака како што изгледа без неа.
Тито владееше 35 години. За тоа време, Македонија буквално се описмени. Се отворија бројни основни и средни училишта, во кои и денес учат нашите деца и внуци. Се формираа сериозни универзитети. Се изградија аеродроми. Се направи патна инфраструктура по која и денес возиме. Се отворија низа индустриски капацитети, од кои некои, што повеќе ги нема, беа и индустриски гиганти. Беше формирана Македонската академија на науките и уметностите. Црквата доби автокефалност…
Македонија е суверена држава 35 години. Што се изгради и што се направи за овие години наспроти она што беше создадено во таканареченото Титово време? Прашањето, се разбира, е реторичко и не бара одговор.
Броз и Ленон
Овој бог на маркетингот и мајстор на политичката еквилибристика беше радо виден гостин и во Вашингтон и во Москва, и во Пекинг и во Токио, и во Сеул и во Пјонгјанг… Го примаа кралици и кралеви, диктатори и демократи, револуционери и папи… Неговите ставови беа со внимание уважувани од она што тогаш се нарекуваше светска моќ. Се дружеше со милионери и со сиромашни. Холивудскиот крем, со задоволство, сакаше да биде виден со него.
Тој беше бренд на цела една држава. Кој е денес бренд на Македонија? Кој ни е нам пријател во меѓународната политика? Кој ги уважува нашите ставови? Скарани со безмалку сите соседи, небитни во однос на Европската Унија и Обединетите нации, преживуваме како гуски во магла, фатени во грч за пренадуениот идентитет и за погрешните политики на Доналд Трамп, кој не може да нѐ пронајде ниту на географската карта.
Еве уште една мене многу драга, а, сепак, многу малку позната приказна за Тито. Некаде во летото 1969 година, Тито добива чуден подарок, едно мало метално кутивче и внатре два желада. Со кутивчето оди и порака:
„За Маршалот Јосип Броз Тито, претседателот на СФРЈ! Ви ги праќаме овие две живи скулптури, овие желади, со надеж дека ќе ги засадите во вашата градина и ќе ги однегувате во два даба како симбол на светскиот мир.“
Пораката е потпишана од Џон Ленон и од неговата сопруга Јоко Оно. Тие, таа година испратија ваков подарок на адресите на 50 угледни светски државници, луѓе за кои сметаа дека можат ефективно да придонесат за светскиот мир.
Еве уште едно реторичко прашање: ако денес некој Брус Спрингстин се реши да спроведе една ваква акција, дали Гордана Сиљановска-Давкова ќе се најде на списокот државници што можат да влијаат врз светскиот мир? Во меѓувреме, ако ве наведе патот во Белград и ако се решите да ја посетите Куќата на цвеќето, обрнете внимание на околните дрвја. Особено на дабовите.
Културен натпревар
Многу убаво се сеќавам на тој 4 мај 1980 година. Имав 19 години и веќе бев студент по новинарство, така што и тоа како ме интересираше што се случува и како ќе се развиваат работите. Уште во студентските денови, полицијата ми прилепи етикета на анархо-либерал (до денес не успеав да научам што значи таа одредница), па ме испитуваа какви врски имам со професорите во Љубљана, Загреб и Пула (?). Немав никакви.
Се сеќавам дека полицаецот што беше задолжен за мене, ми ја даде книгата „Либерализмот од Ѓилас до денес“ на Драган Марковиќ. Демек да сфатам каде сум застранил. Патем речено, книгата беше многу добра и буквално кај мене создаде контраефект од очекуваниот. Сѐ повеќе ме интересираше граѓанското општество, политичкиот плурализам, урбаната култура…
Таа деценија, тие 80-ти години на минатиот век, и физички можеше да се почувствува демократизацијата на „темниот вилает“, епитет што, би рекол со право, Македонија го имаше во југословенската федерација. Сега кога ќе се сетам, ми звучи парадоксално, дури и смешно дека толку многу се залагав дури и се борев за тој плурализам, за таа урбана култура и за таа граѓанска класа, а Македонија, тоа сега можам да го тврдам никогаш не беше пограѓанска и покултурна од тие времиња. Ни пред, ни потоа.
Во Македонија тогаш се одвиваа два паралелни процеса. Од една страна се случуваше некое национално будење и развивање на националната самосвест. Во јавноста се отвораа таканаречените табу-теми. Се преиспитуваше историската улога на „заборавените“ дејци во македонската историја (Ченто и целата прва македонска влада), но и на актуелните политичари (Лазар Колишевски…).
Весниците беа полни со наслови од типот „Кој го уби Рацин?“, „Чиј е ‘Прохор Пчињски’?“… Во јавниот дискурс отворено и промислено се проблематизираше македонската политика во контекст на заедничката држава.
Од друга страна се одвиваше еден процес на културна глобализација. Македонија беше отворена земја, во контакт со трендовите и случувањата во светот. Културните движења од другите југословенски републики, но и од светските центри се прелеваа кај нас и имаа и тоа какво влијание во овдешното творештво.
Можеби најдобар пример на некаква симбиоза меѓу овие два процеса е бендот „Леб и сол“, кој веќе одамна го преработуваше македонскиот фолклор во клучот на најсовремените музички трендови. Во театарот, Слободан Унковски ја постави „Среќна Нова ‘49“ од Гордан Михиќ. Претстава што жестоко го отвори судирот токму меѓу граѓанството и таканаречената диктатура на пролетеријатот.
По истиот текст, Столе Попов го сними истоимениот филм што ја доби главната награда (Златна арена) на тогаш престижниот Пулски филмски фестивал.
Во литературата таа деценија ја отвори првиот роман на Петре М. Андреевски „Пиреј“ (1980), едно од оние дела-меѓници за кои се лепи фразата „пред и потоа.“ „Пиреј“, пишуван со некаков архаичен јазик и со рурална тематика, беше своевиден еп за проклетството и опстанокот на македонскиот народ. Но, за разлика од претходните литературни искуства, тука не беа воспевани македонскиот хероизам, борбата против окупаторот, поривот за слобода или „напредните движења“, туку колективната несреќа како судбина и волјата за преживување.
Оваа литературна деценија пригодно и природно ја затвори првиот роман на Слободан Мицковиќ „Александар и смртта“, според мене, секако еден од најдобрите романи во македонската литературна историја. Преку деконструкцијата на митот за Александар Велики, Мицковиќ, всушност, говори за неминовниот пад на еден тоталитаризам и за уривањето на постоечката хиерархија на власта што се случува по заминувањето на главниот властодржец.
Воедно тука се и последиците од овој пад на империјата и на нејзиниот водач, а тоа е исто толку неминовната демократизација, уважувањето на различните гласови, урнисувањето на подаништвото како своевидна парадигма… Аналогиите со смртта на Тито и падот на Југославија можат лесно да се извлечат.
И потоа дојде плурализмот. Македонија по повеќедеценискиот престој во предворјето на Европската Унија, не само што не се приближува до своето природно цивилизациско опкружување, туку со сериозна брзина се оддалечува од него.
Рокенролот е одамна мртов. Театарот едвај преживува. Ликовната уметност е ставена во некое ќоше. Во литературата тешко дека некое дело може да се означи како меѓник. И оние повремени успеси што ги имаме во културата, повеќе се плод на поединечни таленти и вредности отколку што е тоа одраз на превладувачкиот дух.
Граѓанската класа, што би рекле хемичарите, може да се пронајде само во траги. Изгледа дека оној културен натпревар од славната максима на Гоце Делчев умре заедно со него. И со Тито.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија













