Регион

На Југославија се сеќаваат повеќе од колку што се мисли

Поткаст на англиски јазик е дел од трендот на југоносталгија што се шири кај помладите генерации

Како и многу работи на Балканот, „југоносталгијата“ не може да се објасни едноставно. Комбинацијата на зборовите „Југославија“ и „носталгија“ е термин, кој на почетокот може да изгледа дека се однесува на нешто повеќе од безопасен, желен копнеж за социјалистичка Југославија на некои луѓе што живеат во нејзините поранешни држави. Сепак, југоносталгијата е комплексен феномен што постојано се развива.

Кога фразата беше измислена во раните 1990-ти, таа беше термин со главно негативна конотација, користен од националистите за да ги омаловажат тие што копнееја по федералното минато.

Денес, југоносталгијата значи различни работи за различни луѓе: според доктор Милица Поповиќ, политиколог, специјализирана за студии по сеќавање, политичка социологија и високо образование на Централноевропскиот универзитет во Виена, југоносталгијата може да биде „контраидентитет“ на наративот што преовладува; усогласување со вредностите на антифашизмот, солидарноста и интернационализмот, кои беа централни за Социјалистичка Федеративна Република Југославија; дури и еден вид „безбеден простор за амбивалентни емоции“; или едноставен копнеж за враќање во подобри, посреќни времиња.

Исто така, има различни аспекти – комерцијални, мемориски и културни. А истражувањата сугерираат дека има тенденција да постои дури и во држави, како Словенија и Хрватска, каде што процесот на градење нација е најуспешен.

„Во моето истражување, идентификувавме два клучни елементи што влијаат врз југоносталгијата“, вели Поповиќ.

„Едниот, се разбира, е генерацискиот објектив, позиционираноста во зависност од тоа на која генерација припаѓаме. Вториот елемент, кој секогаш е клучен за разбирање на југоносталгијата, е политичката позиционираност – содржината на југоносталгијата е обоена од политичката идентификација што ја носиме“, објаснува таа.

Сепак, каква и да е нечија дефиниција за југоносталгијата или причина за препуштање во неа, таа сигурно ги надминала нејзините корени. И со доаѓањето на поткастот на англиски јазик, „Сеќавање на Југославија“, трендот станува глобален.

Звукот од минатото

Питер Корчнак, основач и водител на „Сеќавање на Југославија“ | Фото: Петер Корчнак

Питер Корчнак, креатор и водител на поткастот „Сеќавање на Југославија“, го лансираше проектот во 2020 година, кога поради ковид-19 почна сѐ да се затвора. Со ова тој го пополни своето време правејќи нешто што го сака – пишување, дизајн, продукција – за нешто што го идеализира. Корчнак го опишува поткастот како „проект почнат од љубов“.

„Отсекогаш ме привлекуваше регионот, и како заинтересиран набљудувач, и како пријател на народот“, изјави Корчнак за БИРН во телефонско интервју од неговиот сегашен дом во Асторија, Орегон.

Во над 60 епизоди,  Корчнак ја истражува меморијата на една земја што повеќе не постои, испитувајќи сложени прашања поврзани со социјалистичка Југославија преку повеќе гледишта на луѓе што се осврнуваат на различни аспекти на која било тема што се истражува.

Од гледање на Југославија, како алтернативен политички проект (поткаст епизода бр. 12) и испитување на српскиот историски ревизионизам (поткаст епизода бр. 23), до споредување на две од најпознатите жени во Југославија, Јованка и Меланија (поткаст епизода бр. 54) и трајната привлечност на првиот автомобил во земјата, „застава 750“ или „фиќо“ (поткаст епизода бр. 57), епизодите опфаќаат многубројни теми во репортажен стил, често позитивно, но понекогаш со иронични забелешки.

Самиот Корчнак е пример за сложената, честопати несоодветна природа на југоносталгијата. Роден во 1976 година во денешна Словачка, но израснат во тогашна Чехословачка, Корчнак никогаш не ја посетил социјалистичка Југославија.

„Немам никаква врска, немам семејни врски со Југославија, која има тенденција да ги изненади луѓето. Всушност, никогаш не отидов во Југославија додека постоеше“, признава тој.

Наместо тоа, Корчнак, како и многу централноевропејци од неговото време, кои се задушуваа под особено репресивни комунистички режими, гледаше на Југославија и на нејзиниот народ како на модели за посветла, попросперитетна иднина и уживаше во нејзината култура.

На пример, албумот издаден во 1999 година од Горан Бреговиќ и полската пејачка Кајах, спој на балкански и полски фолк, стана број 1 во Полска и беше продаден во над 700.000 примероци.

„На луѓето од Југославија им беше многу подобро, можеа да патуваат, имаа подобри пасоши, кои беа прифатени низ целиот свет. Во споредба со нас, тие беа богати – и го знаеја тоа“, раскажува тој.

„За мене како дете во 1980-тите, Југославија беше местото каде што морето беше неверојатно сино, сладоледот беше одличен, можевте да купите фармерки – тоа беше рај!

Нова демографија

Автомобили на „Застава“ изложени во Загреб. Фото: Тихомира Дончева, Ана Лаура де Шалуп

За Корчак, глобалниот опсег на неговиот поткаст илустрира како луѓето сè уште се идентификуваат со „духот“ на Југославија.

Додека 53 отсто од слушателите на неговиот поткаст се од Европа, 35 отсто се од Северна Америка и седум отсто во Океанија (веројатно повеќето во Австралија).

По земја, 28 отсто се од Соединетите Американски Држави, 20 отсто од Обединетото Кралство, седум од Канада и од Австралија, пет од Германија и Србија, четири од Хрватска и два отсто од Холандија, Босна и Херцеговина, Шведска, Словенија и Австрија. Поткастот има слушатели од вкупно 150 земји.

„Она што е навистина интересно е да се види елементот на југоносталгија, што е феномен што не постои само на постјугословенскиот простор, туку и надвор од него. И кога постои во странство, не постои само меѓу поранешната југословенска заедница; забележуваме југоносталгија во заедниците што не живееле, ниту се идентификувале како Југословени“, вели Поповиќ од ЦЕУ.

Како што умираат луѓето што имаат директно сеќавање на Југославија, забележува Корчнак, спомените за земјата го менуваат карактерот и природата кај помладите генерации.

„Слушам многу луѓе што се родени откако Југославија престана да постои. Сè што знаат е од своите родители, баби и дедовци или преку студии. За нив, овие теми и мојот поткаст се начин за истражување и повторно поврзување со тоа наследство“, вели Корчнак.

„Тоа беше изненадување за мене, никогаш не очекував дека ќе стигнам до таа демографија слушатели“.

За она што го научил во двете години откако го почнал поткастот, Корчнак вели дека она што најмногу се издвојува е „колку е сложена и богата и разновидна земјата, областа и регионот, во однос на приказните и искуствата на луѓето.“

Тој не е загрижен дека наскоро ќе остане без идеи за поткастот:

„Не само што имам свои идеи што ќе траат уште четири до пет години, туку луѓето постојано доаѓаат кај мене со предлози. Значи, без разлика колку долго ќе трае поткастот, мислам дека нема да имам време да го направам сето тоа“.

Nicholas Watson