Регион

ЕУ донесе мерки за одбрана на плурализмот и независноста на медиумите

Слободата на европските медиуми е под закана повеќе од една деценија

Европската комисија, во петокот го усвои европскиот акт за слобода на медиумите, чија цел е да го заштити медиумскиот плурализам и уредувачката независност во медиумите, во земјите-членки на Европската унија.

Мерката е дел од ветувањата на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, кои ги даде во нејзиниот говор минатата година. Едно од тие ветувања беше да се запре постојаното влошување на медиумскиот плурализам во Европа, порастот на насилството и заплашувањето врз новинарите.

Европските медиуми, повеќе од една деценија се соочуваат генерално со двојна закана. Една закана се илиберални влади, особено во Централна и во Југоисточна Европа, кои користат сè пософистицирани средства против независните медиуми. Другата закана се технолошките гиганти, кои се хранат од работата на традиционалните медиуми.

„Треба да воспоставиме јасни принципи: ниту еден новинар не треба да биде шпиониран, ниту еден јавен медиум не треба да се претвора во пропаганден канал. Ова е она што го предлагаме денес за првпат досега: заеднички заштитни мерки за заштита на слободата на медиумите и плурализмот во ЕУ“, рече на прес-конференција, Вера Јурова, потпретседателка за вредности и транспарентност на Комисијата на ЕУ.

Предложената регулатива, меѓу другото, вклучува заштитни мерки од политичко мешање во уредувачките одлуки, зајакнување на независноста и стабилното финансирање на јавниот радиодифузен сервис и потранспарентна сопственост на медиумите и на распределбата на државното рекламирање.

Актот, исто така, се однесува на прашањето за концентрацијата на медиумите за да се запрат трендовите, како оној во Унгарија, каде што блиската владина фондација КЕСМА сега има над 500 медиуми, или во Полска, каде што државната енергетска групација ПКН Орлен презеде голем број медиуми, што очигледно е пречка за плурализмот во медиумите.

Дополнително, има намера да создаде нов независен Европски одбор за медиумски услуги, составен од национални медиумски власти. Одборот ќе може да дава мислења за националните одлуки што ги засегаат медиумите, иако тие би биле необврзувачки. Но, комисијата ќе може да покрене постапки за прекршување ако земјите одбијат да се усогласат, така што регулативата би можела да има импликации.

„Некои очекуваа атомска бомба, други само козметички промени – ние сме некаде на средина“, призна Јурова, додавајќи дека цврсто верува дека медиумите треба да бидат стабилен столб на демократијата каде што новинарите можат да дејствуваат како проверка на тие што се на власт.

Европскиот закон за слобода на медиумите треба да стапи во сила „што е можно поскоро“, рече таа, но прво треба да помине низ редовниот процес на заедничко одлучување за да биде прифатен во Европскиот парламент, а исто така и од 27-те земји-членки на блокот.

Очекувањата се дека сигурно ќе се соочи со отпор од некои членки, како Унгарија и Полска, кои беа најеклатантните примери за ограничување на слободата на медиумите.

Актот, штом ќе биде усвоен, ќе стане дел од правото на ЕУ и, исто така, ќе мора да биде прифатен од земјите-кандидати, како дел од правилата на внатрешниот пазар, рече Тиери Бретон, комесар за внатрешен пазар.

Автор: Николас Ватсон